More

    Марш, честитки и прослави за 8 Март, меѓународниот ден на жената

    Преку голем број настани, пораки до јавноста, видеоспотови, денеска во земјава се обележува 8 Март, меѓународниот ден на жената.

    Под слоганот „Ќе преживеат ли жените овде?“, денеска на плоштадот „Филип II“ во Скопје ќе се одржи марш за женски права.

    Овој марш, како што велат од Платформата за родова еднаквост, е протестен одраз на случувањата во нашата земја и колективната негрижа кон жените и девојките во секој поглед: од растечките стапки на насилство, фемицидите, секојдневни социјални и здравствени неправди и економска несигурност, до високата сиромаштија која особено ги погодува жените.

    „Во 2023 година, жените и девојките сѐ уште се дискриминирани во секој поглед и не остваруваат ниту еднакви права, ниту еднакви можности, ниту дома, ниту на работа, ниту во политиката, ниту во социјалниот живот. Во 2023 година жените се соочени со политики кои не ги препознаваат нивните потреби, со институции кои не ги заштитуваат, механизми кои се слепи кон потребите за унапредување на родовата еднаквост и култура на насилство и мизогинија која постојано се шири“, посочуваат од од Платформата за родова еднаквост.

    Фото: Платформа за родова еднаквост

    Маршот ќе почне во 18:00 часот од плоштадот „Филип II“, а ќе заврши во паркот „Жена Борец“.

    Алијансата за родова еднаквост на работното место – ГЕА, која се залага за еднаквост на работното место, премиерно објави оригинален видеоспот со кој го честита 8 Март.

    Главната порака на спотот е претставена преку отсликување на едно работно место во кое директорот низ неколку примери предизвикува родова нееднаквост помеѓу една вработена и вработените од спротивниот пол. Исто така, ги прикажува и обичаите во нашето општество поврзани со 8-ми март и со подарувањето на свежо цвеќе или цвеќе во саксија за Меѓународниот ден на жената, кои најчесто се случуваат само затоа што „така требa”.

    Слоганот на видеоспотот гласи: „Со поголема саксија нееднаквоста не се маскира, 8-ми март е да се дискутира!”.

    „Меѓународниот ден на жената е всушност ден кога треба да се одбележи борбата на жените за економска, политичка и социјална рамноправност со мажите, клучна поента која често се засенува со подарување на подароци и необрнување на внимание на родовите нееднаквости и неправди кои се случуваат на работните места“, велат од Алијансата.

    Авиокомпанијата Wizz Air, пак, денес го објави лансирањето на својата програма за кадети Таа може да лета, дел од академијата на Wizz Air за пилоти, наменета за жени кои имаат за цел да станат комерцијални пилоти.

    „Додека само 5% од пилотите во индустријата се жени, Wizz Air е посветен на рушење на родовите стереотипи и поддршка на родовата еднаквост и во оваа професија“, изјавија од компанијата.

    Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска денеска изјави дека не се согласува со повикот на денешниот марш дали жените ќе преживеат.

    „Не смееме да генерализираме. Не сите жени се соочуваат со проблем или со ист проблем. Не станува збор за колективна негрижа кон жените денес и тоа е претежок израз, но не можеме ни да бидеме задоволни, туку можеме да направиме повеќе“, изјави министерката Тренчевска во денешното гостување на ТВ 24.

    „Заеднички да работиме на подобрување на состојбите, негде сме одлични во резултатите, а негде треба да се подобриме. Измените во Кривичниот законик се донесоа. Истанбулската конвенција чекаше долго за ратификација. Да беше 2012 година ратификувана, многу повеќе ќе се направеше,“ рече Тренчевска.

    Со новите измени во Кривичниот Законик се внесоа нови институти како демнење, фемицид, родово базирано насилство.

    Фото: Министерство за труд и социјална политика

    Тренчевска посочи дека, по устав како највисок правен акт имаме родова еднаквост, но голем закони не го имаат вклучено родовиот концепт.

    „Имплементацијата е предизвик. За прв пат жените земјоделки добиваат надомест за мајчинство. Да можат како и сите жени, мајки 9 месеци бидат посвететни на своето дете. Програмата на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, дава социјална сигурност, но продолжуваме да работиме на системско решение , како да ги вклучиме во закон. Овозможуваме поквалитетен живот и зголемување на наталитетеот, кои се позитивните аспекти на ова решение,“ рече Тренчевска.

    Исто така, Тренчевска потсети и на предлог законот за работни односи , со кој се воведуваат мајчинството и татковството , покрај родителството, и целта двајцата родители да бидат вклучени во развојот на детето. Тоа е вкупно 13 месеци платено отсуство.

    Меѓународниот ден на жената произлезе од работничко движење, а потоа стана признат годишен настан од Обединетите нации (ОН). Коренот на овој празник потекнува од 1908 година, кога 15.000 жени маршираа низ Њујорк, барајќи пократко работно време, подобра плата и право на глас. Една година подоцна, Социјалистичката партија на Америка го прогласи првиот Национален ден на жената, идеја на Клара Цеткин, комунистичка активистка и застапничка за правата на жените. Таа ја предложи идејата во 1910 година на Меѓународна конференција на жени работнички во Копенхаген.

    Празникот за прв пат беше прославен во 1911 година, во Австрија, Данска, Германија и Швајцарија.

    Меѓународниот ден на жената стана датум за славење кој треба да прикаже колку постигнале жените во општеството, во политиката и во економијата, а другиот аспект на празникот се манифестира преку штрајкови и протести кои се организираат за да се подигне свеста за континуираната нееднаквост меѓу мажите и жените.

    (Извор: Мета.мк)

    Exit mobile version