More

    Да изградиме култура во која еднаквото учество на жените во процесите е нешто што се подразбира

    Еднаквата застапеност на жените во одлучувањето зависи и од тоа колку сме успешни и во борбата против насилството и дискриминацијата на која жените се континуирано подложени. Сметам дека направивме голем исчекор со усвојувањето на Истанбулската конвенција, но можеме и мораме да направиме уште многу повеќе за нејзина имплементација во структурите на системот за да се подобри заштитата и условите во кои живее секоја девојка и жена. Само сеопфатниот пристап ќе даде сеопфатни резултати, вели вицепремиерката за политики добро владеење Славица Грковска во интервју за ЦИВИЛ Медиа.

    Денеска се одбележува Меѓународниот ден на жената. Од перспектива на жена и на вицепремиерка задолжена за добро владеење, како би ја оцениле состојбата во државата во однос на родовата еднаквост?

    Благодарам за можноста да им го честитам денот на сите мои сограѓанки и да се осврнам на прашања кои нѐ засегаат сите нас. Во однос на оценката на состојбите, би рекла дека таа зависи од тоа што точно оценуваме. Ако зборуваме за легислативата и напорите за системски промени за унапредување на родовата еднаквост, неспорно е дека имаме значаен напредок, особено ако ја споредиме состојбата со 90-тите години од минатиот век, кога транзицијата силно влијаеше да се зголеми јазот меѓу мажите и жените во земјава во секој поглед. Како поранешна парламентарка особено ме радува што квотите придонесоа за речиси изедначено учество на жените во законодавната власт. Но, она што стои како предизвик за целото наше општество е градењето култура во која учеството на жените во одлучувањето за заедничките работи ќе биде нешто што се подразбира. Култура во која жените кои сочинуваат половина од населението би биле исто застапени на сите нивоа на општествено делување и одлучување. Од сегашната перспектива на политичарка задолжена за добро владеење, ова прашање е едно од централните, затоа што едноставно е невозможно да создавате и спроведувате добри и демократски политики ако тие не се инклузивни и ако не ги унапредуваат човековите права на сите.

    По повод 8 Март, во Виена имате обраќање на тема „Жените, мирот и безбедноста“. Колку ова прашање е важно во контекст на актуелните кризи и конфликти во регионот и светот?

    Жените најчесто се принудени да ги трпат разорните последици од секоја војна, од секој конфликт и нестабилност иако не се тие кои активно придонесле за ескалацијата на состојбите и нарушувањето на мирот. Поради војната во Украина, изминатава година повторно ја истакнуваме важноста на Резолуцијата 1325 на Советот за безбедност на Обединетите нации, која повикува на суштинско присуство на жените во превенцијата на конфликти и градењето мир. И денешниот настан во француската амбасада во Австрија на кој ќе се обратам, се фокусира на прашањето за улогата и потенцијалот на жената во изградбата на постабилен и помалку насилен свет. Овие апели не се случајни, затоа што женската перспектива мора да биде земена превид ако се искрени намерите за градење долготраен и одржлив мир. Всушност, повторно доаѓаме до сознанието дека исклучувањето на жените од одлучувачките процеси ја минира и превенцијата на општествените и меѓудржавните конфликти, а го отежнува и нивното окончување и справувањето со пост-конфликтните проблеми.

    Борбата против корупцијата е високо на вашата агенда. Дали и на кој начин може таа борба да се поврзе со подобрувањето на позицијата и учеството на жените во нашето општество?

    Жените мора да продолжат да се борат за своето место под сонцето затоа што има уште многу скалила до постигнување реална родова еднаквост. Но и поради тоа што се многу реални и насекаде присутни ретроградните сили кои би ни ги одзеле или ускратиле и правата за кои одамна сме се избориле. Ако се залагаме за себе, тогаш мора да бидеме и да останеме доследни на страната која го поддржува развојот и напредокот за сите. Подобри и поправедни општества значат и подобри услови за живот и развој на жените. Затоа мора да бидеме гласни, активни но и здружени против сите појави кои го загрозуваат развојот, а корупцијата во сите свои форми е негов непријател. Да не заборавиме дека жените се погодени од корупцијата на поинаков начин од мажите, со самото тоа што социјалните и економските ризици со кои се соочуваат жените се далеку повисоки, а можностите поограничени, особено таму каде што доминираат традиционалните погледи и ставови кон жената.

    Како ја замислувате таа, условно речено, феминизација на антикорупциските политики?

    Пред се, преку давање личен пример за професионалност, чесност и интегритет. Тоа би требало да биде пракса за секој што учествува во политичкиот и општествениот живот. Но со оглед на двојните стандарди кои владеат во општеството, личниот пример на една политичарка има поинаква тежина и значење. И треба да останеме доследни на тоа без оглед на отпорот и омразата која се манифестира кон жените кои активно партиципираат во политиката. Можеби полека, можеби пребавно, но ако го практикуваме тоа што го зборуваме, не се сомневам дека ќе придонесеме за позитивни поместувања во сите сфери на делување. Второ е солидарноста меѓу жените и взаемната поддршка во борбата против негативните појави кои не засегаат сите. Токму потребата и придобивките од градење заеднички платформи и сојузништва во оваа борба е главниот мотив за мојата иницијатива за формирање Форум на жени лидерки за добро владеење и антикорупција од Југоисточна Европа, кој ќе се воспостави на 23 март во Скопје. Целта е да се поврземе за заеднички да градиме ефикасен систем на услуги за граѓаните, ефективни мерки и политики за справување со корупцијата и истовремено да се справиме и со стереотипите во однос на жените, кои преовладуваат и кај нас и во многу други земји. Верувам дека оваа регионална мрежа на жени кои се залагаат за општества со родова избалансираност, ќе ни овозможи да си помогнеме едни на други во заложбите да ги унапредиме нашите земји, но и да дадеме позитивен пример и инспирација за сите жени во регионот и пошироко.

    Соња Танеска

    Извор: civilmedia.mk

    Exit mobile version