Последни написи

Иницијативата Владата да ја преземе реконструкцијата на Универзална не се најде на советнички дневен ред

Советниците во Советот на Град Скопје денеска не прифатија да се најде на дневен ред иницијативата Владата да ја преземе реконструкцијата на Универзална сала од Град Скопје.

„Реконструкцијата на Универзална сала повеќе од една година стои во место, откако градоначалничката Данела Арсовска реши овој проект да не продолжи“, изјави вчера координаторката на советничката група на СДСМ и коалицијата во Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева, која информираше дека до претседателот на Советот е поднесена иницијатива за времено отстапување на корисничкото право на објектот на Универзална сала од Град Скопје на Владата.

„За реконструкцијата на овој важен објект за Скопје, но и за целата држава, обезбедени се средства во износ од 120 милиони денари од Владата, од кои искористени се само околу 40 милиони, што значи дека за овој проект на располагање се уште 80 милиони денари. Ако веќе Арсовска не сака и не може да ја доврши реконструкцијата, Владата која е и финансиер на овој проект, има и волја и можност тоа да го стори“, рече Јанчева.

Таа ги повика советниците да ја поддржат иницијативата со цел реконструкцијата на Универзална сала да заврши што побрзо и овој објект кој е симбол на градот, повторно да им биде вратен на скопјани.

Меѓутоа, точката за оваа иницијатива не стигна до дневниот ред на Советот на Град Скопје, откако советниците од другите советнички групи не ја изгласаа. За неа гласаа само девет советници од коалицијата на СДСМ, а во салата беа присутни 25 советници.

Претседателот на комисијата за култура, Страшо Ангеловски, рече дека немало потреба од итност за ваква иницијатива. Тој информираше дека добил писмо од министерката за култура во кое се бара да се промени инвеститорот на реконструкцијата на Универзална сала и дека сега очекува средба со министерката Бисера Костадиновска-Стојчевска.

„Бидејќи станува збор за неколку правни нешта кои треба да бидат усогласени, побарав средба со министерката. Очекувам дека тоа ќе се случи многу скоро деновиве и после таа средба би размислувале околу свикување седница на Комисијата за култура да го продискутираме сето тоа и потоа како заедничка иницијатива од Комисијата за култура, од сите советнички групи, да произлезе една таква иницијатива“, рече Ангеловски, кој додаде дека штом Универзална сала не била реновирана пет или шест години, може да почека уште некој ден.

Универзална сала е затворена веќе 7 години. Реконструктивниот зафат започна во 2021 година, за време на мандатот на поранешниот градоначалник Петре Шилегов, но градежните работи беа стопирани кога градоначалничката функција ја презеде Данела Арсовска.

Договорот за реконструкција на објектот е во вредност од 1,9 милиони евра. Изведувач на зафатот е скопската фирма „Универзал-Балкан“, додека архитектот Бујар Муча и неговото архитектонско биро „Мегарон“ на Градот Скопје и на скопјани им го отстапија идејниот проект за реконструкција на Универзална како донација.

Реконструкцијата предвидуваше задржување на автентичниот изглед на Универзална сала, односно објектот да го задржи постојниот облик и големина за да се сочува колективната меморија за Универзална како симбол на меѓународната солидарност искажана кон Скопје по катастрофалниот земјотрес од 1963 година.

(Извор: Мета.мк)

Latest Posts

Не пропуштај