Последни написи

Ангеловска-Бежоска на Меѓународниот форум за женско лидерство

Нецелосното искористување на потенцијалот на жените е загуба за целата економија

„Општествата со поголема родова еднаквост се сметаат за посигурни, поздрави, со помалку насилство и  поголема кохезија. Но, исто така поголемата интеграција носи и голем број економски придобивки, не само за жените, туку и за целото општество.” Ова го истакна Анита Ангеловска-Бежоска, гувернерка на Народната банка, на Меѓународниот форум за женско лидерство „Жените пишуваат историја”,  организиран од Универзитетот за туризам и менаџмент. Притоа, посочи дека емпириски анализи упатуваат дека со поголема вклученост на жените во работната сила, економскиот раст во развиените земји може да се зголеми за 10%, а во помалку развиените земји дури до 30%.

„За жал, податоците упатуваат на недоволна интегрираност на жените во глобални рамки.” нагласи Ангеловска-Бежоска, говорејќи за учеството на само 47% од вкупниот број работоспособни жени на пазарот на трудот, притоа дополнувајќи: „неколкуте последователни кризни понеповолно се одразија врз жените и доведоа до помала наспроти поголема вклученост на жените, што се согледува преку фактот дека само во првата панедемична година околу 54 милиони жени излегоа од пазарот на трудот во глобални рамки, а се проценува дека 90% од нив на трајна основа.”

Ангеловска-Бежоска се осврна на разликите во родовата застапеност во македонската економија, истакнувајќи дека само 45% од жените се активни на пазарот на трудот, за разлика од мажите каде што оваа стапка е околу 65%. Притоа, посочи дека разликите во стапките на учество на жените и мажите на пазарот на труд упатуваат на родов јаз, којшто е малку помал од просекот на регионот на Западен Балкан, но поголем од јазот во ЕУ каде што изнесува 11%. Таа додаде дека пазарот на труд забележува и сегрегација во однос на раководните позиции, односно мажите преовладуваат на работните места со повисок статус, а жените се поретко на раководни места. Во компаниите, според податоци од 2020 година, жените заземаат само 21,3% од високите раководни позиции. Тоа води и кон поголем јаз кај платите.

Оценувајќи дека состојбите во нашиот финансискиот сектор се незадоволителни и дека не се разликуваат многу од глобалните трендови во банкарската индустрија, вклучително и во најразвиените економии, гувернерката посочи дека во светот на финансиите сѐ уште преовладуваат мажите, истакнувајќи дека кај банките само 31% од вкупниот број членови на УО и НО се жени, а кај дел од банките воопшто нема жени во раководните органи на банката.

„Народната банка е добар пример за родова еднаквост не само во домашен контекст, туку и во меѓународен. Горди сме што минатата година нашата централна банка беше рангирана како прва во светот по еднаквоста во централнобанкарската заедница”, истакна Ангеловска-Бежоска, осврнувајќи се на резултатите и објавите од страна на угледниот британскиот тинк-тенк ОМФИФ, чијшто Индекс го мери учеството на жените во раководните тела на институцијата. Притоа дополни: „Општо земено, во централнобанкарското работење преовладуваат мажите. Од околу 185 централни банки во светот, само 17 се раководени од гувернерки”.

Тргнувајќи од постоењето на разлики во родовата застапеност, Ангеловска-Бежоска истакна дека централната банка работи засилено на подобрување на родовата еднаквост преземајќи активности во областа каде што може да придонесе, како што е  подобрување на пристапот на жените до финансии, којшто во глобални рамки главно е помал за женската популација. Притоа дополни: „Еден од важните аспекти е зајакнување на напорите за промовирање на женското претприемаштво. Зголемувањето на економското учество на жените – особено во малите и средните претпријатија, може да доведе до намалување на сиромаштијата и да поттикне инклузивен раст бидејќи овие претпријатија придонесуваат за 74% од вработеноста и 68% од додадената вредност.”

„Родовата еднаквост како прашање се провлекува низ децениите секаде, па и кај нас. Но, сѐ додека имаме заложби од сите заедно, како и сѐ додека имаме жени на раководни места во сите сфери на општеството, имаме и сигурност дека родовата рамноправност е остварлива во сите сегменти.” – истакна гувернерката Ангеловска-Бежоска.

Гувернерката на Народната банка беше дел од панел-дискусијата „Жени кои го движат бизнисот”, одржана во рамките на Меѓународниот форум за женско лидерство. Покрај гувернерката, на панел-дискусијата учествуваа и Сања Лукаревска, директорка на Управата за јавни приходи, Емилија Спироска, членка на Управниот одбор на „Прокредит банка”, Улкер Шуле Аксој, генерална директорка на „Туркиш ерлајнс Македонија”, Анета Пешева, генерална директорка на УНЕТ и почесна конзулка на Канада, Мерита Рамадани Алими, сопственичка на компанијата „Доган” и Сања Божиновска, советничка за енергетика во Прага.

(Извор: 24инфо)

Latest Posts

Не пропуштај