More

    Неизвесна политичка пролет

    Пишува: АТАНАС КИРОВСКИ

    Во наредниот период југот на Балканот влегува во сериозни неизвесности. На почетокот од април во Бугарија ќе се одржат општи избори – петти по ред за само две години, во обид државата да излезе од постојаната политичка криза, предизвикана од распоред на политичките сили во парламентот кој не дозволува формирање на стабилна влада. И покрај тоа што изминатиов период во Бугарија подолго владејат технички, отколку политички влади, а можеби па и токму поради тоа, билатералните бугарско-македонски односи континуирано се влошуваат. Слаби се шансите епилогот на изборите на 2-ри април да произведат влада која стабилно ќе владее во наредните 4 години и да стават крај на политичката криза. Поверојатно е распоредот на силите да биде сличен како и на претходните избори – ГЕРБ да освои најмногу гласови, но со никаков коалициски капацитет за формирање влада. Она што е различно на овие избори од претходните е што на нив нема да учествува бугарското ВМРО на Красимир Каракачанов и Ангел Џамбаски кои своите политички кариери ги темелеа врз антимекодонски наратив, навреди и провокации, но нивното место на политичкиот спектар го зазеде ултранационалистичката „Взраждане“ на Костадин Костадинов која во бугарскиот парламент отворено манифестираше дури и територијални претензии со тезата – „Македонија е Бугарија“. Интерес на Македонија е во Бугарија на изборите да победат разумни проевропски сили чии политики ќе ги неутрализираат проруските ставови на бугарскиот претседател Румен Радев, чија моќ во општеството расте во недостиг на политичка влада и премиер. Но, шансите за таква разврска, за жал, се слаби.

    Веднаш потоа, на 23 април или во мај, избори ќе бидат распишани и во Грција. „Неа Демократиа“ на актуелниот премиер Кирјакос Мицотакис според сите анкети ќе ги добие изборите, но големо е прашањето дали бројот на гласови што ќе ги освои ќе бидат доволни за формирање самостојна влада, иако за да се одбегнат политички кризи и за полесно формирање чисти политички влади грчкиот изборен закон во Грција предвидува бонус од 50 пратеници за победничката партија во Собранието со 300 пратеници. Во грчкото општество се стравува дека исходот од изборите би можел да ја втурне земјата во „бугарско сценарио“, и наметнување потреба од формирање чудни, непринципиелни и идеолошки незамисливи коалиции. Железничката несреќа кај Темпи во која животот го загубија 57 луѓе, само ја усложнија ситуацијата во Грција. Доколку Грците не изберат стабилна влада со јасен мандат, таквата состојба би се рефлектирала врз внатрешна нестабилност на земјата, но и во односите со соседите. По потпишувањето на „Преспанскиот договор“ грчко-македонските билатерални односи се стабилни, и македонски интерес е така и да останат.

    Во мај избори се очекува да има и во Турција. Како и секогаш, фаворит е актуелната владејачка партија на Реџеп Таир Ердоган, но неговата политичка неприкосновеност беше разнишана на локалните избори во големите градови во Турција и, особено, Истанбул. Големото прашање што ќе ги детерминира овие избори е како неговата влада се справи со последиците од катастрофалниот земјотрес и дали корупцијата во градежништвото беше виновна за загуба на толкав голем број човечки животи. Исто така, од особена важност ќе биде како неговата влада ќе се справува со последиците од земјотресот во тешко настраданите подрачја. Последните испитување на јавното мнение во Турција покажуваат дека последиците од катастрофалниот земјотрес во Турција нема да се одразат врз неговата политичка популарност како што првично се предвидуваше, иако овие истражувања треба да се земат со одредена доза на резерва, заради инклинацииите кон авторитарност на Ердоган и целото турско општество.

    Односите на релација Белград-Приштина и натаму се статус кво, иако имаше најави дека можеби ќе биде изнајдено решение кое ќе направи пробив во овој замрзнат конфликт. Несомнено е дека целата меѓународна заедница се труди да го затвори, или барем да го  неутрализира ова отворено прашање кое има потенцијал да го дестабилизира целиот Балкан, но засега без опипливи резултати.

    Не сум сигурен дека Македонија е подготвена да одговори на сиве овие предизвици и непознаници во периодот што претстои ниту политички, ниту дипломатски, ниту на безбедносен план. Видливо е отуството на ефикасни мерки во спречување на руската пропаганда и хибридните напади со лажни вести. Состојбата во општеството е разочарувачка, со постојано опаѓање на поддршката кон ЕУ и тешка апатија на граѓаните кои целосно ја имаат загубено довербата во политичките водства – но, и што е уште пострашно – во институциите на системот.

    Наместо институциите и политичките партии сериозно да ги земат во предвид последните испитувања и анализи, тие и натаму не можат да се „одлепат“ од приземните политички препукувања на дневна основа, и бесконочното лиферување афери, трачеви и скандали. Парламентот е полупарализиран, и нема видливи поместувања кои би најавиле излез од политичката криза.

    А освен најавите за неповолни разврски и нестабилност во соседството, Македонија неповратно ја гази и времето во кое мора да се пресече околу уставните измени како услов за почеток, или продолжување на преговорите со ЕУ, сеедно – затоа што ако државата заглави на ова прашање, реториката дали преговорите отпочнале па се замрзнати, или никогаш не ни започнале станува небитна. Многу е поважно да се изградат јасни концепти што понатаму, ако не успејат уставните измени, и кои политички концесии ќе треба да се испорачаат за земјата да не западне во тешка политичка криза.

    Извор: ima.mk

    Exit mobile version