More

    Подводниот град Павлопетри ги поттикна архелозите да дебатираат дека станува збор за изгубениот град Атлантида

    Најстариот подводен, односно потонат град во близината на селото Павлопетри на југ од полуостровот Пелопонез во Грција, повторно го привлече вниманието на јавноста откако научниците, со помош на најсовремена компјутерска графика и поморска технологија за мапирање со сонари, направија 3D дигитални слики и анимации со коишто го реконструираа изгледот на градот и со тоа ја револуционизираа подводната археологија.

    Најстариот подводен град во светот, за кој се проценува дека бил основан пред повеќе од 5000 години, повторно ги поттикна археолозите повторно да дебатираат дека станува збор за изгубениот град Атлантида.

    Локалитетот првично беше идентификуван од геологот Фолкион Негрис во 1904 година, но подеталните истражуваања започнаа во шеесеттите години на минатиот век кога Ник Флеминг од Институтот за океанографија на Универзитетот во Саутемптон повторно го откри локалитетот и детално го испита со тим археолози од Универзитетот во Кембриџ. Потоа, во 2009 година, под раководство на Џон К. Хендерсон, Универзитетот во Нотингем започна петгодишен проект со Директоратот за подводни антиквитети на грчкото Министерство за култура и туризам и Грчкиот центар за морски истражувања за проучување на градот во Павлопетри.

    Лоциран во регионот на Пелопонез во јужна Грција, во близина на малото село Павлопетри, археолошкиот локалитет се наоѓа на 4 метри под вода и им се приклучи на останатите мистериозни подводни населби, гратчиња и градови како што се совршено зачуваниот антички кинески град Ши Ченг (градот на лавот), митските потопени храмови на Махабалипурам во Индија, античкиот египетски град Хераклејон, неолитското место Атлит Јам во Израел и пиратскиот град Порт Ројал од 17 век на Јамајка.

    Што е пронајдено кај Павлопетри?

    Истражувачкиот проект идентификуваше илјадници артефакти на локалитетот кои помагаат да се создаде подлабоко разбирање за секојдневниот живот во Павлопетри од околу 3000 п.н.е до неговото „потонување“ околу 1100 п.н.е., веројатно поради земјотреси кои се вообичаени во регионот, ерозија, зголемување на нивото на морето, па дури и цунами.

    Сега со 3D реконтрукцијата се открива дека градот крај Павлопетри бил неверојатно добро дизајниран со патишта, двокатни куќи со градини, храмови, гробишта и сложен систем за управување со вода, вклучувајќи канали и водоводни цевки, а во центарот на градот имало плоштад.

    Историчарите веруваат дека овој антички град бил центар за трговија на Минојската и Микенската цивилизација. Оригиналното име на градот не е познато, како и неговата точна улога во античкиот свет.

    Од 2016 година, Павлопетри е ставен на листата на World Monuments Watch, глобална програма за заштита културното наследството под закана, и благодарение на тоа подморскиот археолошки локалитет е заштитен од штетите што може да ги предизвика поморскиот сообраќај.

    Преземено од www.thearchaeologist.com

    Извор: racin.mk

    Exit mobile version