Последни написи

Заканите за поставени бомби во училишта станаа секојдневие во светски рамки

Затворање на училишта, евакуација на ученици, отворени истраги за дојави за бомби станаа речиси секојдневие, не само во Македонија, туку и во многу други држави во светот. За причините се шпекулира, за можните решенија наголемо се дискутира во светски рамки, но досега не е пронајдено „магично стапче“ со кое би се решил проблемот кој секојдневно внесува страв и паника, и кај родителите и кај децата, а дополнително го нарушува и образовниот процес.

Закани за дојави за поставени бомби се забележуваат дури и во државите каде што има исклучително ниска стапка на криминал, како на пример Јапонија. Кон крајот на јануари годинава, заканите беа испратени по факс до средните училишта и до универзитетите во оваа азиска земја. Според полицијата, во училишните згради не бил пронајден експлозив.

Првиот бран закани почна неколку дена порано, а за кратко време се рашири низ училиштата и универзитетите ширум земјата. Локалните медиуми објавија дека во една од пораките се тврдело дека се поставени над 330 бомби, додека друга гласела: „Поставив голема бомба“.

Во Нов Зеланд, пак, најмалку десетина училишта добија закани за бомби лани летото, закани за кои се претпоставуваше дека доаѓаат од странска држава. Училиштата беа принудени да се затворат и да се евакуираат учениците и наставниот кадар. Медиумите пренесуваа дека заканите се измами, координирани од прекуокеански „сајбербот“. Во сличен инцидент во 2016 година, повеќе од 30 училишта ширум земјата добија повици – тогаш се пушташе снимена порака со закана со бомби во живо, на училишните терени.

Поради дојави за бомби во училиштата, Министерството за образование на Црна Гора во декември лани ги извести сите училишта во државата да ја прекинат наставата во текот на една седмица. 

„Имајќи предвид дека и денеска беа пристигнати дојави за подметнати бомби во повеќе основни и средни училишта во Црна Гора, Министерството за образование по препорака на полицијата донесе одлука наставата да продолжи до крајот на неделата во сите основни и средни училишта на територијата на Црна Гора, и истата да се организира онлајн“, гласеше соопштението на Министерството.

Лани во април, пак, црногорската полиција идентификуваше лица кои упатуваа закани по безбедноста на децата и вработените во основните училишта „Маршал Тито“ во Улцињ и „Мркојевиќи“ во Бар. Двајцата заканувачи биле малолетни и против нив била поднесена кривична пријава.

Вчера, дојава за поставена бомба имаше и во основно училиште во населбата Земун, во Србија.

Истото се случуваше и на другата страна од светот, во САД, кога учениците од средното училиште Виндзор Локс биле испратени дома, откако била пронајдена закана за бомба напишана на ѕидот од бањата. Заканата сугерирала дека бомба ќе експлодира во 14:15 часот. Како резултат на тоа, училиштето било евакуирано, а родителите биле повикани да си ги земат децата.

Заканите за поставени бомби во училиштата низ САД се речиси секојдневие, и во минатото, но со зголемен интензитет во последниве години. Закани за бомби стигнуваат и до универзитетите, вклучително и на престижниот Харвард.

Портпаролката на Белата куќа, Џен Псаки, во понеделникот изјави дека претседателот Џо Бајден е свесен за добиените закани и е во контакт со надлежните.

„Ќе кажам дека ова е секако вознемирувачки и Белата куќа е во контакт со меѓуагенциските партнери, вклучително и со федералното раководство за спроведување на законот за овие дела“, рече Псаки на брифингот со новинарите.

Еми Конли, истражувач на екстремизам кој ги проучува групите и луѓето кои стојат зад јавните прикази на насилство, за јавнит сервис во САД, Ен-пи-ар изјавува дека почнала да забележува чудни „патерни“ во однос на заканите со бомби, вклучувајќи ја и можноста дека повиците доаѓаат од странски држави.

„Размерот и временската рамка на настаните се многу, многу невообичаени. Повиците се конзистентни. Тие се координирани“, изјавува таа.

Според неа, елементите на овие повици се значително различни од она што вообичаено го гледала во заканите од училиштата. Па така на пример, во овие случаи, никој не ја презема „заслугата“ за овие повици, дури и кога тие се случуваат континуирано во текот на неколку недели, а начинот на кој се одвива целата „операција“ има одредено ниво на софистицираност, нешто што, според Конли, вообичаено не се гледа.

Инаку, ваквиот вид измами се нарекуваат „swatting“, термин кој се однесува на повици кои лажно известуваат за акт на насилство што е во тек или што треба да се случи.  Ова, според Конли, во принцип било популаризирано исклучително од онлајн заедници кои се склони кон насилство и кои имаат конкретно прецизирани идеолошки непријатели.

Но, таргетирањето на институциите, а особено училиштата, се чини дека е извесен нов развој во оваа сфера и засега не е пронајдено посоодветно решение од евакуација на наставниот кадар и евентуална онлајн настава за учениците.

(Извор: Мета.мк)

Latest Posts

Не пропуштај