More

    Полиграф: Илија Димовски дезинформира дека Македонците не одлучуваат за ништо во Македонија

    Разоткриваме дезинформација од политичарот Илија Димовски, кој тврди дека Македонците не одлучуваат за ништо во Македонија.

    На 21.02.2023, поранешниот пратеник Димовски на Фејсбук напиша дека „Мнозинството Македонци во Република Македонија се исклучени од одлучување за клучните државни прашања…“ и дека „На мнозинството Македонци им е ускратено правото да одлучуваат за било што во Република Македонија…“. Неколку портали го пренесоа ФБ статусот, со наслови „Димовски: Македонците не одлучуваат за ништо во Македонија!“

    Но, ваквите тврдења не се засновани на факти. Мнозинството од граѓаните кои излегуваат и одлучуваат на избори се етнички Македонци. Освен тоа, мнозинството пратеници во Собранието се изјаснуваат како етнички Македонци, и редовно одлучуваат за сите клучни државни прашања.

    Има бројни примери на собраниски и владини одлуки за македонскиот национален идентитет, јазик и култура, како што е воведувањето на Ден на македонски јазик, или одлуките за одбележување на бројни историски настани и личности битни за македонската култура.

    Да потсетиме, при усвојување на уставните амандмани со двотретинско мнозинство во 2019 година, освен пратениците Македонци од мнозинството, учествуваа и дел од пратениците Македонци од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Освен тоа, во февруари 2020 година, пратениците Македонци и од власта и од опозицијата гласаа за ратификација на протоколот за членство во НАТО, кога 114 пратеници гласаа „за“, а немаше против и воздржани. Димовски беше дел од овој парламентарен состав, а беше и шеф на собраниската делегација на Северна Македонија на Парламентарниот самит на НАТО во февруари 2019 година.

    Оттаму, тврдењата на Илија Димовски дека „Македонците ништо не одлучуваат во Македонија“ и дека „Мнозинството Македонци… се исклучени од одлучување за клучните државни прашања“ ги оценуваме како дезинформации.

    Извор: ima.mk

    Exit mobile version