Последни написи

Македонската мачка во кутијата на Шредингер

Пишува: ЛЕОН БАКРАЧЕСКИ

Шредингеровата мачка е мисловен експеримент предложен од физичарот Ервин Шредингер во 1935 година. Експериментот вклучува мачка во кутија во која има ампула со отров што може или не може да се ослободи врз основа на распаѓање на радиоактивен атом.

Идејата е дека, додека не се отвори кутијата и не се набљудува судбината на мачката, се смета дека мачката е во суперпозиција на две состојби, мачката е жива и мртва во исто време. Експериментот е дизајниран да го илустрира концептот на квантна суперпозиција, но во меѓувреме стана популарна културна референца.

Парадоксот на Шредингер во Северна Македонија е совршен пример за тоа како реалноста е секогаш неизвесна и неостварлива, исто како мачката на Шредингер. Дали е Македонија жива или мртва? Дали е на патот кон евроатлантските интеграции или е предодредено засекогаш да остане во неизвесност? Одговорот е, се разбира, и двете – или можеби ниту едното. Парадоксот покажува дека реалноста не е црно-бела, туку сложена и повеќеслојна целина што ѝ пркоси на лесната категоризација.

Постојаната политичка криза во земјата потсетува на сцената во Матрикс каде на Нео му се нуди избор помеѓу црвеното и синото апче. Владејачката коалиција мора да избере дали ќе ја земе црвената таблета и ќе се соочи со суровата реалност во која гласачкото тело оди секогаш по линија на помал отпор, инспирирано од епски приказни за жилавоста и пркосот на Македонецот или ќе ја земе сината таблета и ќе продолжи да живее во удобен, но илузорен свет на популистичко владеење.

Но, исто како и во Матрикс, ниту реалноста на Нео, ниту реалноста на Македонија се целосно во нивни раце. Надворешните сили се во игра во која предничат Русија и Кина кои се борат за влијание на Западен Балкан. Овие сили ги претставуваат агентите на хаосот, заканувајќи се да ја нарушат деликатната рамнотежа што Македонија ја постигна во нејзиниот процес на интеграција.

Внатрешните борби помеѓу 30-годишните инсталации во секој сектор се како игра шах што ја играат пијани мали деца – без знаење и без никаква кохерентна стратегија, читај гола борба за опстанок. Опозициските партии, како ВМРО-ДПМНЕ и Левица (заедно со уште неколку безначајни политички сателити), се како две страни на иста паричка, при што едната е под силно руско влијание, а другата е, едноставно, без знаење.

Недостигот на визија и насока од опозициските партии е сличен на слеп човек кој се обидува да води стадо овци низ минско поле. Тие се несвесни за глобалните реформи и трендови, а нивните постапки се како комедија која не е ниту смешна, ниту забавна, нешто што од немајкаде ќе го пуштиш на Нетфликс пред легнување, сакајќи баналната приказна која се продава да те заспие што е можно побргу.

Од друга страна, земјата се соочува со надворешни предизвици, вклучително и руско влијание и поткопување на критичната инфраструктура, како и хибридни закани. Ова е како кошмарно сценарио, каде што мачката на Шредингер во кутијата е влечена во сите правци од повеќе сили, а ние не знаеме која од нив ќе надвладее.

Ситуацијата бара радикална промена во размислувањето и храбра визија за иднината. Треба да размислуваме надвор од рамката и директно да ги прифатиме предизвиците. Дел сме од најмоќната воена алијанса НАТО и, со жешкото столче меѓу 30-те сојузници, треба зрело да се бавиме и со жешките глобални теми и предизвици кои се закануваат да збришат сè што држиме до срце како вредност.

Треба да ја препознаеме заканата од руското влијание и хибридната војна која изминатиов период е насочена кон создавање на тотална паника со заканите за бомби во училиштата и да преземеме конкретни чекори за да ја заштитиме нашата критична инфраструктура.

Мора да бидеме храбри и решителни и да не ја заборавиме лекцијата од мачката на Шредингер – дека ништо не е сигурно додека не ја отвориме кутијата и не видиме што има внатре.

Извор: frontline.mk

Latest Posts

Не пропуштај