Последни написи

Катастрофален пад на бројот на патници во скопскиот јавен превоз [инфографик]

Статистичките податоци покажуваат дека во 2022 година за дури 15 милиони патници е намален бројот на превезени патници во споредба со периодот од пред појавата на ковид-19 пандемијата.

На градско-приградските линии од скопскиот јавен превоз лани биле превезени нешто помалку од 28,5 милиони патници, што е за фрапантни 15 милиони патници помалку во споредба со бројот на превезени патници што ЈСП-Скопје го имал пред почетокот на ковид-19 пандемијата. За експертите ова се катастрофални резултати во работењето и бараат час поскоро да се вратат приватните превозници во сообраќај и претходниот возен ред, кој подразбираше поголем број на поаѓања на автобусите на линиите.

Според Годишниот извештај за работењето на ЈСП-Скопје за 2022 година, бројот на превезени патници лани изнесувал 28.496.000 патници. Во споредба со 2021 година, забележан е раст кај бројката на превезени патници од 5.360.000, но треба да се земе во предвид фактот дека токму во 2021 и 2020 година, во услови на ковид-19 пандемијата, во одредени периоди беа воведени полициски часови со ограничување на движењето на граѓаните, се одвиваше он-лајн настава во училиштата, а голем број од граѓаните работеа од дома.

Откако се олабавија мерките, скопскиот јавен превоз се врати во нормала со сообраќањето на автобусите до минатата есен, кога приватните превозници од „Макекспрес“ и „Слобода превоз“ престанаа да возат, а ЈСП-Скопје ја презеде обврската да ги одржува сите градско-приградски линии во Скопје. Сепак, статистичките податоци покажуваат дека во 2022 година за дури 15 милиони патници е намален бројот на превезени патници во споредба со периодот од пред појавата на ковид-19 пандемијата.

Одговорните како слон во продавница за порцелан

Универзитетскиот професор по јавен градски превоз Никола Крстаноски од Техничкиот факултет во Битола за Мета.мк вели дека вистинската споредба на ланските резултати е онаа со податоците од времето пред короната, а ваквата споредба покажува катастрофални резултати.

Крстаноски смета дека одговорните од сегашната локална управа во Скопје, кога станува за јавниот градски превоз, се однесуваат како слон во продавница за порцелан.

„Додека секаде во светот активно се подржува и промовира јавниот градски превоз, како најзначен систем во градење на политика на одржлив урбан транспортен систем, во Скопје се води катастрофална политика која градскиот превоз го деградира до досега невидени граници“, коментира професорот Никола Крстаноски.

Својот став, тој го објаснува со претходно донесената одлука во времето на градоначалникот Коце Трајановски, кога ЈСП-Скопје и приватните превозници се трансформираа во единствен систем на јавен градски превоз, односно приватниците беа вклучени во системот. Одлуката на Град Скопје да се ослободи од приватните превозници есенва била многу лоша, од причина што ЈСП-Скопје има голем недостаток на возила за да ги одржува регистрираните возни редови, објаснува Крстаноски.

„Она што се случува сега е тоа што на многу линии е намален бројот на поаѓања, па резултатот е патници да чекаат и по 40 минути и повеќе, а кога ќе дојде автобус тој е веќе преполн. Интересно е тоа што се казнува по закон ако превозниците не го извршуваат регистрираниот возен ред, па би требало во Скопје да излезат инспекторите и да делат казни: Прашањето е само кому“, прашува Никола Крстаноски.

Неговото објаснување се потврдува и во Годишниот извештај за работењето на ЈСП-Скопје за 2022 година. Просечниот број на дневно исправни автобуси лани бил 246, што е за два автобуси помалку во однос на 2021 година. За сметка на ова, просечниот дневен број на автобуси во резерва се намалил на само седум автобуси во 2022 година, а една година претходно имало 41 автобус во резерва. Просечниот дневен број на автобуси во работа лани се зголемил на 197, наспроти 171 колку што биле во функција во 2021 годиан. Сепак, прашањето е дали со 26 дополнителни автобуси ЈСП-Скопје можело да ги покрие сите градско-приградски линии на приватните превозници во Скопје.

Професорот Никола Крстаноски појаснува дека под најитно треба да се реши проблемот со сериозниот недостаток на возниот парк и повторно да се воспостави претходниот возен ред на градско-приградските линии во Скопје. Дури потоа, ќе треба да почне да се гради политика за унапредување на јавниот градски превоз.

Градот Скопје вчера информираше дека постигнале договор со приватните превозници, така што градската власт ќе распише нов повик за вклучување на приватните превозници во јавниот превоз.

„Јавниот повик ќе ги содржи условите за аплицирање како и во претходните два јавни повици, со тоа што ќе може да аплицира секој превозник кој планира чесно и одговорно да се држи до договорот за јавен превоз. На овој јавен повик, нема да можат да учествуваат „Слобода Превоз“ и „Макекспрес“ поради пречките кои произлегуваат од претходниот, сега раскинат договор кој предвидуваше забрана за учество на јавен повик доколку договорот се раскине пред истекот на истиот и по нивна вина“, информираа од Градот Скопје.

Тие остануваат на ставот дека Град Скопје нема никаков долг кон превозниците, додека тековните обврски од ЈСП-Скопје кон приватните превозници ќе бидат исплатени согласно потпишаните договори, додека трае јавниот повик за нови договори за јавен превоз.

Мета.мк во понеделникот упати прашања до Град Скопје во однос на тоа кои мерки ќе ги преземат за зголемување на бројот на патници во скопскиот јавен превоз во наредниот период, но и праша колкави субвенции ќе одвои градската власт во 2023 година за функционирање на јавниот превоз и кои следни категории на граѓани годинава ќе може да се надеваат на воведување бесплатен јавен превоз, како едно од главните ветувања што беше дадено во предизборието од градоначалничката Данела Арсовска. Одговори на поставените прашања не добивме до денешен ден.

Професорот Никола Крстаноски објаснува дека превозниците во јавниот градски превоз не работат според законите на слободен пазар, туку според цената на билетот и возните редови што ги утврдува Советот на град Скопје.

„Никаде во светот јавниот градски превоз не успева да ги покрие трошоците на работење со приходи од продадени билети. Бидејќи градот им ја определува цената на билетот, која се држи на ниско ниво, некој треба да ја покрие разликата. Во времето пред короната, само автобусите на ЈСП Скопје дневно поминуваа 50.000 километри, дневно се трошеше околу 24 тони нафта, и да не ги набројувам сите други огромни трошоци“, вели тој, додавајќи дека ако се зголеми цената на билетот, по автоматизам би се намалил бројот на патници и вкупниот ефект би бил намалување на приходот.

Да нема импровизации со брзиот автобуски превоз (БРТ-Скопје)

Скопската градоначалничка Данела Арсовска во неколку наврати даде недоследни изјави во однос на изведбата на двете линии од брзиот автобуски превоз (БРТ-Скопје), кој како проект го започна неговиот претходник Петре Шилегов и за кој владата обезбеди кредит од Европската банка за обнова и развој во висина од 70 милиони евра.

Откако по доаѓањето на функцијата, градоначалничката Арсовска најпрво изјави дека нема намера да го имплементира проектот за изградба на БРТ во Скопје, во интервју за Радио Слободна Европа од 12 февруари годинава, таа рече дека во ниту еден момент не кажала дека се откажала од тој план, за што Вистиномер.мк направи посебна анализа за недоследноста на нејзините изјави во однос на овој проект.

Професорот од Техничкиот факултет од Битола, Никола Крстаноски вели дека нема информации што се случува со проектот за воведување на брз автобуски превоз во Скопје, за кој пред изборите во 2021 година беше распишан тендерот за изградба на првата линија од Ново Лисиче до Ѓорче Петров.

„Немам информации што се случува, но имајќи во предвид сè што се случуваше до сега, кај мене постои сериозен страв дека ќе се направи голема деградација на проектот кој патем беше одлично оценет од ЕБОР. Да не се случи да се отфрлат сите карактеристики на БРТ кој го прават брз, висококапацитативен, доверлив превоз и да се фрлат пари во ветар за малку надградена обична автобуска линија“, порачува Крстаноски.

Од Град Скопје во понеделникот побаравме одговор во која фаза на реализација во моментов е проектот за изградба на двете линии на БРТ системот во Скопје и какви активности презема Град Скопје во моментов за овој проект, но не добивме одговори на поставените прашања.

Извор: meta.mk

Latest Posts

Не пропуштај