На денешната 8. седница, Уставниот суд го укина членот 22 од Законот за плата и другите надоместоци на избраните и именувани функционери кој се однесува на т.н апанажа.
Според член 22 од Законот за плата и други надоместоци пратеник, функционер и раководен работник кој поднел оставка или е разрешен од должноста пред истекот на времето за кое е избран, именуван или назначен ги има сите права како останатите функционери меѓу другото и право на надоместокот популарно наречен „апанажа”.
Од Уставен суд велат дека: „Овој член нема уставна оправданост. Судот го зема предвид фактот дека до оставка или до разрешување доаѓа заради некаков вид на одговорност поврзана со вршењето на доверената функција.“
„Според Судот, оставката и добивањето на паричен надоместок во вакви случаи се меѓусебно неспојливи. И Затоа е одлучено укинување, како спротивно на владеењето на правото кое е една од темелните вредности на нашиот Устав.
Иницијативата е поднесена на почетокот на 2022 година, од страна на Глигорие Ќатоски, адвокат од Струга“, пишува во соопштението од Уставен суд.