More

    Приватните превозници и Град Скопје постигнаа договор

    По неколку месеци натегања, приватните превозници и Град Скопје постигнале усмен договор околу исплатата на долгот од 1,5 милиони евра, а до петок очекуваат три јавни повици на кои ќе можат да се пријават.

    „Конечно имаме договор со Градот Скопје, ги договоривме сите детали, од исплатата на долгот на ЈСП од 1,5 милиони евра, до пуштањето на јавните повици“, изјави на денешната прес-конференција, Јовица Зафировски, кој ги предводи преговорите со Градот во името на приватните превозници.

    Тој информираше дека јавните повици за сите линии ќе се објават во петок или во понеделник.

    „На тој јавен повик ќе се пријавиме сите, нема причина да не се пријавиме, условите ни одговараат. Очекуваме дека до 20 овој месец ќе почнеме со работа“, рече Зафировски.

    Тој појасни дека треба да се објават три јавни повици со кои ќе бидат опфатени сите линии, меѓутоа, со нова прераспределба. Превозниците ќе конкурираат со нови фирми, а не организирани преку „Слобода превоз“ и „Макекспрес“.

    Зафировски рече и дека целата листа на автобуси е доставена до Град Скопје и дека градоначалничката изразила подготвеност да ги субвенционира за да можат да ги заменат застарените автобуси.

    Од Град Скопје потврдија дека јавниот повик ќе ги содржи условите за аплицирање како и во претходните два јавни повици, со тоа што ќе може да аплицира секој превозник кој планира чесно и одговорно да се држи до договорот за јавен превоз.

    „На овој јавен повик нема да можат да учествуваат „Слобода Превоз“ и „Макекспрес“ поради пречките кои произлегуваат од претходниот, сега раскинат договор кој предвидуваше забрана за учество на јавен повик доколку договорот се раскине пред истекот на истиот и по нивна вина“, наведено е во соопштението од Град Скопје.

    Оттаму истакнуваат и дека Град Скопје нема никаков долг кон превозниците и дека договорните одредби предвидуваат единствено услови за вршење превоз на територија на градот.

    „Што се однесува до тековните обврски од ЈСП Скопје кон приватните превозници, истите ќе бидат исплатени согласно потпишаните договори, додека трае јавниот повик за нови договори за јавен превоз“, велат од Град Скопје.

    Приватните превозници престанаа да работат кон крајот на ноември минатата година и неколку дена во знак на протест го блокираа главниот град со повеќе од 300 автобуси паркирани на клучните крстосници и пред оштинските бараки.

    (Извор: Мета.мк)

    Exit mobile version