Последни написи

Полиграф: Претседателот на МАНУ Коцарев дезинформира дека „македонскиот народ целосно исчезна од меѓународната сцена“

Разоткриваме нови дезинформации од претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев за исчезнувањето на македонскиот народ. Еве што изјави Коцарев на годишното Собрание на МАНУ:  „…до 16 јуни 2018 г., за повеќе од 130 држави и за речиси 80 проценти од жителите на планетата Земја ние бевме Македонци што живеат во Република Македонија, а веќе на 17 јуни, еден ден подоцна, македонскиот народ целосно исчезна од меѓународната сцена“.

На 22.02.2023, ова тврдење на Коцарев го објавија повеќе медиуми. Но, дали е вистина дека „македонскиот народ целосно исчезна од меѓународната сцена“ на 17 јуни 2018, по потпишувањето на „Договорот од Преспа“, како што тврди претседателот на МАНУ?

Фактите зборуваат спротивно од тврдењата на Коцарев. Доволно е да се погледне чл. 7 од Договорот од Преспа за да се утврди дека изразот „македонски“ продолжува да се користи и за јазик и за народ.

Исто така, и во уставните амандмани усвоени по Договорот од Преспа, нема никакви промени во употреба на изразот „македонски народ“. „Македонскиот народ“ остана во Уставот, а се спомнува и во амандманите, како и изразот „македонски јазик“.

И резултатите од Пописот 2021 потврдија дека македонскиот народ не е исчезнат и дека етничките Македонци се мнозинство во Северна Македонија.

Оттаму, неосновано е и несериозно тврдењето на Коцарев дека „македонскиот народ целосно исчезна од меѓународната сцена“ на 17.06.2018, кога се потпишува „Договорот од Преспа“.

Инаку, Полиграф и претходно утврди дека „Невистинити се тврдењата на претседателот на МАНУ дека „Македонците се на работ на истребување“ и „Македонците веќе уште денес ги нема!““, коишто ги изнесуваше Коцарев во септември и октомври 2022.

Затоа, и сегашните, како и претходните изјави на Коцарев за исчезнување на македонскиот народ и Македонците ги оценуваме како дезинформации. Ваквите изјави се штетни, затоа што предизвикуваат неоправдан страв и загрозеност кај етничките Македонци и потпалуваат националистички страсти и тензии.

YouTube player

Извор: ima.mk

Latest Posts

Не пропуштај