Синоќешниот ракометен натпревар меѓу Партизан и Вардар во Белград не можеше да помине без контроверзии, откако најжестоките фанови на белградскиот клуб испратија навредливи пораки од трибините упатени токму кон македонскиот народ. „Група со српско име, слави бугарски војник, мора да ви е тешко со таа идентитетска криза во главата“, пишуваше на транспарентите што ги кренаа на средбата, што е навреда за навивачката група Комити и самиот идентитет на Македонците како народ.
„Локално“ ги контактираше српските партии во Македонија во однос на тоа што мислат за синоќешните провокации. Од Српската напредна странка во земјава го критикуваа ваквиот наратив на популарните „Гробари“.
-Не го следевме натпреварот, конкретно не знаеме што се случило, но доколку имало такви случувања како партија и народи не го поддржуваме од мала група хулигани. По анкетите и Србите и Македонците се сметаат за два најблиски народи, ни рече Петар Милетиќ од СНСМ.
Потенцираат дека тоа е докажано и во моментите кога двете држави имале помош една кон друга.
-Во 1999 година се покажа дека македонскиот народ застана покрај македонскиот, во 2001 година српскиот народ застана покрај македонскиот народ. Такви настани и слогани не ги поддржуваме и ги осудуваме. Тоа се мала група на хулигани кои и во својата земја повикуваат на немили настани, додаваат од СНСМ за нашата редакција.
Ваквото однесување на навивачите наиде на голема осуда во македонската јавност. Покрај навредливите транспаренти беа испратени и пораките „Јужна Србија, никогаш Македонија“, која алудира на тоа дека и радикалните фанови на Партизан ја сметаат Македонија за своја територија.
Се извикуваше и „Кој не скока, тој е шиптар“ – навреда насочена кон големиот број Албанци кои живеат во Македонија.
„Локално“ побара став и од МНР во однос на ваквото неприфатливо однесување и дали се планира да се испрати некаква протестна нота до српското МНР. До моментот на објавување на текстот не добивме одговор.
Н.П.
Извор: lokalno.mk