Последни написи

Поради судски пропуст одложен е новиот старт на судењето за „Таргет-Тврдина“

Иако беше најавено дека ќе се интензивира, сепак се одложи почеток на повтореното судење за случајот „Таргет-Тврдина“, поврзан со масовното прислушување.

На судењето не се појави обвинетиот Тони Јакимовски, кој требаше да биде спроведен од Охрид каде е во домашен притвор за друг случај. По еден час чекање, било утврдено дека грешката е во судот, односно до Јакимовски била испратена покана за судење, но не и наредба до полициската станица за негово спроведување.

Судењето, на кое беа спроведени ексдиректорот на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска е одложено за утре.

Судењето го води судијата Илија Трпков.

Пред два месеца беше укината пресудата за најголемиот предмет за прислушувањето. Апелацискиот суд во образложението за укинување на пресудата, меѓу другото, наведе дека во првостепената пресуда немало опис на кривичните дела за кои Мијалков и останатите обвинети се прогласени за виновни. Второстепениот суд бараше точно да се утврди колку лица биле прислушувани, преку кои уреди и во кој период.

За предметот во Апелацискиот суд се одлучуваше две години, а судењето во Кривичниот суд траеше три. Ова значи дека вкупно пет години предметот „Таргет-Тврдина“ се наоѓа во судските инстанци.

Предметот застарува во 2025 година.

(Извор: Мета.мк)

Latest Posts

Не пропуштај