More

    МВР постапува против домашните закани за бомби: Странските тероризираат голем број земји од источниот дел на Европа, вклучувајќи ја и нашата

    Лажните закани за бомби веќе повеќе месеци се неизбежна тема, неизвесноста и стравот кај населението се уште трае, особено, помеѓу учениците и нивните родители, кои и покрај сите напори децата да останат и да посетуваат редовна настава, се почесто морат да ги напуштат ученичките клупи.

    Од Министерствто за внатрешни работи за Бриф.мк велат дека „овој начин на хибридни закани, со кој е нападнат поголем број на земји до источниот дел на Европа, не ја заобиколува и нашата земја. Иако досега сите пријави се утврдени како лажни, сепак со начинот на делување, обемот, како и целта да се создаде чувство на несигурност и страв, се добива впечаток дека се работи за тероризам“, но има и такви кои ја користат приликата и за свои цели.

    „Заканите најчесто доаѓаат од странски VPN адреси. Мора да кажеме дека во овој организиран хибриден напад, се јавуваат и други лица кои поради лични интереси, наивност и други побуди влетуваат во овој систем, но досега сите вакви активности од наша страна се откриени и против лицата се поднесени соодветни кривични пројави, по кои постапува ОЈО ГОКК“, посочуваат од МВР.

    Досега цели на бомбите беа институции, училишта, трговски центри, аеродромот во Скопје и други места каде што вообичаено циркулираат поголема група на луѓе, а нема пријави каде што заканите конкретно се упатени кој посебни индивидуи.

    „Досега во овој период од 6 месеци колку трае овој хибриден напад, немаме сознание ниту пријава од некој граѓанин дека добил лична закана од ваков тип“, велат од МРВ.

    Но, заканите со бомби, кон институциите и училиштата, се само дел од сето тоа што се случува на социјалните мрежи или платформите за комуникација. Сите овие закани потребно е да се пријават за да може да се постапува по нив.

    „Секторот за Компјутерски криминал и Дигитална Форензика – Одделението за истраги за компјутерски криминал, постапува за закани на социјалните мрежи согласно член 144 став 4 „Загрозување на Сигурноста“ преку информатички систем од Кривичен Закон на РСМ. Во врска со ова кривично дело, потребно е најпрво да се извести Надлежното Јавно Обвинителство, и за профилот од каде се добиваат заканите е потребно да се издаде Барање за доставување на податоци од страна на Надлежното Јавно Обвинителство до Социјалната мрежа од каде се добиваат заканите“, посочуваат од МВР.

    Тие потоа ги контактираат одговорните на посочените социјални мрежи и со извесување од Надлежниот јавен обвинител се бара Барање за доставување на податоци до Интернет Сервис Провајдерот, доколку ИП адресата е од Република Северна Македонија.

    На тој начин секоја закана упатена од ИП адреса од Македонија може да биде процесуирана и во нашиот судски систем.

    Во случај кога профилот не е креиран од нашата држава и е на друга јурисдикција, за да се добијат такви податоци е потребно да се побара Меѓународна Правна Помош која се бара преку Министерството за Правда.

    „Ваков вид на закани може да се пријават во Отсеците за Компјутерски Криминал кои ги има во сите Сектори за внатрешни работи при Министерството за внатешни работи, како и во Единицата за економски и компјутерски криминал при СВР Скопје, или на емаилот на Секторот за Компјутерски криминал и Дигитална Форензика“, препорачуваат од МВР.

    МВР експресно ги фати домашните заканувачи

    Досега Секторот за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција постапил по четири кривични предмети.

    Едниот од нив е малолетник од Скопје, кој го признал делото.

    „На 05.12.2022 против малолетник од Скопје, за сторено кривично дело „тероризам” предвидено и казниво по член 394-б став 2 од Кривичниот законик. Тој во службен разговор го призна и го појасни начинот на извршување на кривичното дело“, соопшти МВР.

    Втората кривична пријава е исто така против малолетник, кој пријавил лажна закана за бомба во Кавадарци.

    „На 23.12.2022 поднесена е кривична пријава против 15-годишник од Кавадарци, за сторено кривично дело „Тероризам“, предвидено и казниво по член 394-б став 2 од Кривичен законик“, соопштија од МВР.

    Третата кривична пријава е против возрасен човек од Тетово, кој лажно пријавил бомби во Делчево.

    „На 28.12.2022 поднесена е кривична пријава против С.Ѓ.(63) од Тетово осомничен за сторено кривично дело „тероризам“, извршено на 17.12.2022 при што од мобилен телефон, се јавил во ОВР Делчево, лажно се претставил и пријавил дека на повеќе локации во градот има поставено бомби“, наведоа од МВР.

    Досега има кривична пријава и против против лажна закана за бомба за група малолетници од Прилеп.

    „На 17.01.2023 СВР Битола – ОВР Прилеп – Надворешна канцеларија за криминалистички работи поднесе Известување до Основното јавно обвинителство Прилеп, поради лажно пријавување за кривично дело „тероризам“, предвидено и казниво по член 394-б од Кривичниот законик, против малолетници кои на 16.02.2023 телефонски пријавиле дека во училиште во с.Житоше има поставено бомба“, наведоа од МВР.

    Анета Тасова

    Извор: brif.mk

    Exit mobile version