More

    Ефектот на црната кампања

    Пишува: АТАНАС КИРОВСКИ

    Тенденциозното девастирање на јавниот дискурс што го прават политичките партии во Македонија, буквално оневозможува секаков облик на пристојна дебата, размена на аргументи, спротивставување на факти, концепти и идеи, и се сведува на најдолни, простачки заемни обвинувања за бесчестие. Граѓаните се згрозени од таа комуникациска стратегија, а ефектот што овие комуникациски манипулации го постигнуваат е тешка апатија и бесперспективност во општеството.

    Еуротинк кој во континуитет објавува истражувања за поддршката на македонските граѓани на ЕУ интеграцијата, месецов објави истражување спроведено од Брима Галуп кое покажа драматичен пад на таа поддршка, но наместо сериозно да се анализира кои се причините за ова драматично отстапување од стратегискиот курс: Хибридната војна и руската пропаганда, заморот на граѓаните од бесконечните условувања во интегративниот процес, блокадата и уцените од Бугарија, кои се надоврзаа на две и пол децениските блокади од Грција, кредибилитетот на ЕУ по себе, или некаква обусловена кумулативност на сиве овие фактори, вниманието на јавноста беше насочено кон веродостојноста на истражувањето на Брима Галуп.

    Вчера беше објавено истражување на Маркетвижн објавено од Мкд. мк, кое покажува дека само 10% од граѓаните сметаат дека земјата се движи во позитивна насока, наспроти огромни 62% кои веруваат дека државата се движи во негативна насока (фрапантен песимизам), многу висока недоверба во капацитетите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ да креираат економски програми и да ја водат надворешната политика, како и куп други релевантни податоци кои може и треба да бидат корисна алатка за сериозни анализи, и евентуални корекции во креирањето политики. Но, наместо анализа и дебата, СДСМ, незадоволна од рејтингот на партијата кој изнесува 12,4% според ова истражување, наспроти рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ од 21,8%, реши целосно да ја дискредитира анкетата, која ја прогласи за нерелевантна и обид за манипулација на граѓаните. „Останува фактот дека вакви анкети излегуваат секогаш кога Христијан Мицковски ќе доживее пораз на политичката сцена во земјата, кога ќе излезе спротивно од она што го говори, или кога треба да се покрие некаков скандал со раце во медот“ – се вели во соопштението на СДСМ.

    Некаков комуникациски центар на партијата се обидува да протурка како „факт“ дека сериозна истражувачка агенција како Маркетвижн која со години врши истражувања служи за да демфлува афери на Мицковски?!? Зарем нема некој што може да направи дистинкција на агенции кои со години вршат истражувања, и „фантомските агенции“ без вработени, без канцеларии, без ништо, кои лиферуваа измислени или тотално фризирани податоци за време на владеењето на Никола Груевски? Или се свесни за разликите, ама сепак се решиле за ваква комуникациска стратегија. Но, која е пораката – дека во Македонија не може да се спроведе коректно и веродостојно истражување на јавното мнение? Бидејќи освен дискредитација на досегашните анкети, не видовме анкета која СДСМ ја признава за релевантна, па да може да направиме споредба на резултатите, па макар нарачател на таа анкета била самата партија.

    Анкети за рејтинзи на политичките партии се објавуваат во целиот свет. Во соседна Грција изминативе неколку месеци беа објавени десетици анкети за рејтингот на политичките партии од разни медиуми и истражувачки агенции. Ниту една од нив не беше оспорена од политичките партии, иако верувам дека на Сириза не и се допаѓаат резултатите. Истото се случува и во Бугарија, особено во периодот откако се закажани избори за втори април. Дискредитацијата на сите истражувања на јавното мнение, има за цел да блокира легитимна дебата во едно демократско општество за важните проблеми на граѓаните, а комуникацијата да се сведе на секојдневната кал, валканици и лични обвинувања за криминал и бесчестие, што се случува и со дискусиите во парламентот. Каква е таа комуникациска стратегија? Да покаже дека во македонската политика сите се извалкани, и избербатени од глава до петици? Некој верува дека релативизациите – да, ние крадеме, ама и во ваше време се крадеше, се некаков аргумент?

    На крајот на краиштата, ако навистина станува збор за такви размери на криминал, на кој се повикува владејачката партија – и ако навистина лидерот на опозицијата е фатен како што велат „со рацете во медот“, зошто обвинителството не го гони? Директорите на сите институции за финансиски криминал и малверзации ги има наименувано владата, и ако навистина поседуваат докази за сериозни финансиски злоупотреби и криминал, зошто не ги процесуираат до јавното обвинителство? Ако имаат докази, а не ги поднесуваат, тогаш стануваат соучесници.

    Поверојатно е дека станува збор за комуникациски трик, со континуирана демагогија и сведување на јавниот дискурс на „живо блато“, да не се дозволи можност за било каква сериозна анализа. Како главен уредник на Телма заедно со М-Проспект, имам спроведено неколку анкети за рејтинзите на политичките партии кои потоа резултатите на изборите ги потврдија како сосема точни и целосно релевантни. (Се разбира, СДСМ сметаше дека се неточни и во полза на ВМРО-ДПМНЕ). Моето искуство во тие истражувања покажува дека рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ постојано беше околу 20%, како што покажуваат и последните анкети на Брима Галуп и Маркетвижн. Рејтингот на СДСМ варира од 25% (првите месеци по формирање на влада), до пад од 10-12 % (сегашните истражувања). Водството на ВМРО-ДПМНЕ во анкетите не е резултат на „прелевање на гласачите“. СДСМ го губи корпусот на своите гласачи, кои или апстинираат од гласање, или заокружуваат неважечко ливче, или гласаат за помали партии.

    Актуелната комуникациска стратегија на СДСМ е негативна или црна кампања против нивните политички опоненти. Таа е целосно погрешна, бидејќи карактеристика за таков вид на комуникациски стратегии, е што генерално ги одбиваат избирачите, па иако можеби има ефект врз намалена поддршка кај опонентот, истиот ефект го имаат и за оној што води црна кампања. А проблемот на СДСМ не е во пораст на рејтингот на опозицијата, туку во падот на нивниот рејтинг!

    Нивото, писменоста и креативноста на соопштенијата кои ги лиферуваат партиите, е посебна приказна сама за себе. Време е партиите да престанат да ги малтретираат граѓаните со десетици „црни“ соопштенија на ден, и да дозволат, па и конструктивно да се вклучат во јавна дебата за реалните проблеми на граѓаните. Освен што ќе придонесат за подигање на нивото на јавниот дискурс, можеби ќе придонесат и за пораст на нивниот рејтинг. Оваа комуникациска стратегија дефинитивно ниту нив им функционира, ниту придонесува за демократијата.

    Извор: ima.mk

    Exit mobile version