More

    Владиното мнозинство се потврди, пропадна тоа на Мицкоски што го најави за февруари

    Откако во текот на вчерашниот ден со 65 гласови во Собранието беше разрешен доскорешниот министер за здравство од редовите на Алтернатива, Беким Сали, се потврди зголеменото владејачко мнозинство со приклучувањето на Алијанса за Албанците.

    По гласањето, од собраниската говорница премиерот Димитар Ковачевски, одговарајќи на пратенички прашања, кажа дека пропаднала уште една лага на опозицијата.

    -Со лага дека има 61 пратеник и дека во јануари или во февруари ќе има ново парламентарно мнозинство за да се распушти Собранието и да се распишат предвремени избори. И еве среде февруари ниту Мицкоски ниту вие имате 61 пратеник, ниту има ново мнозинство, ниту има распуштање на Собранието, рече Ковачевски.

    Со влезот на АА во Владата се затвори долго покренуваната најава на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за предвремени парламентарни избори. Лидерот на опозицијата во неколку наврати најавуваше дека неговата партија ќе оформи ново мнозинство и дека Собранието ќе се распушти, но ваквите најави пропаднаа во вода.

    Мицкоски нема поддршка ниту за барањето за предвремени избори

    При секоја најава на опозицијата дека власта го загубила мнозинството, дополнително се зголемува бројката на пратеници кои даваат поддршка за владините политики. Последно, тоа се случи со влезот на Алтернатива во Владата, а сега со Алијанса за Албанците. Мицкоски најави дека кон крајот на јануари или почетокот на јануари Собранието ќе се распушти, изгласувајќи недоверба на Владата. Во оваа намера Мицкоски очекуваше гласови и од пратеници на мнозинството, но до такво нешто не дојде. Партиите од владејачката коалиција уште претходно порачуваа дека предвремени парламентарни избори не се потребни и дека е подобро тие да се одржат заедно со претседателските избори во 2024 година. Единствено Мицкоски го застапуваше ставот дека предвремени избори треба да се одржат уште веднаш, но откако стана јасно дека Владата се проширува со Алијанса за Албанците, сега Мицкоски ретерира во барањето, велејќи дека власта си купила нови единаесет месеци, што наговестува дека е се поизвесно дека парламентарни избори ќе се одржат наредната година.

    Од Алијанса за Албанците и претходно истакнаа дека избори не се потребни веднаш, туку дека тоа што е неопходно во моментов е да се даде поддршка на уставните измени за непречен евроинтегративен пат на земјата. Токму евроинтеграциите беа еден од клучните услови за влез на Алијанса во Владата и дел од договорот за програмските определби помеѓу Таравари и Ковачевски.

    Зголемувањето на владејачкото мнозинство во Собранието се очекува да им стави крај на надигрувањата за создавање кворум за работа во законодавниот дом. Изминатиов период јавноста сведочеше на одложување на неколку пленарни седници, па со приклучувањето на Алијанса за Албанците ќе се консолидираат редовите во коалицијата на власт, што ќе придонесе до функционално Собрание.

    Со влезот на АА во власта се затвори прашањето за кворумот

    Спикерот Талат Џафери претходно истакна дека тој прави се во неговите можности за да создаде услови за работа, но дека нема одговорност во однос на партиско-политичката одлука на пратениците. Според него, обврска е на секој пратеник да биде на работно место без оглед дали е тоа мнозинството или опозицијата.

    -Деловникот не вели дека има посебни права и обврски на мнозинството и посебни права на опозицијата, обврска е за секој пратеник да бдие на работно место и право да одлучува по односните прашања, а како ќе се однесуваат пратениците тоа си е веќе нивна одговорност, рече Џафери.

    Со влезот на Алијанса за Албанците власта „ја победи активната блокада“ и сега ќе се овозможи предлог законските решенија да не висат на конец во зависност од волјата на опозициските пратеници.

    Не се остварија ниту најавите на дел од аналитичарите и опозиционерите за евентуално неединство во СДСМ, во однос на насоките на партијата и коалицискиот капацитет. Партијата на седниците на Централниот и Извршниот одбор му даде пас на Ковачевски да коалицира со Алијанса за Албанците и да ја продолжи заложбата за интегрирање во Европската унија. Повеќе партиски функционери јавно изјавија дека СДСМ е обединета, нема раскол и политиките се усогласени со одлуките кои ги носат партиските органи. Во оваа насока е и симболичната поддршка кон претседавањето на Ковачевски со партијата и Владата, која денеска ја прикажуваат членовите на Владата, од редовите на СДСМ. Министрите од партијата на социјалдемократите, се очекува да присуствуваат на денешната пленарна седница, на која ќе започне да се расправа за новиот владин состав, иако немаат таква деловничка обврска.

    Ваквите бројки покажуваат дека сепак владиното мнозинство е стабилно, особено со приклучувањето на Алијанса за Албанците во Владата. Претходно од власта ги повикаа сите партии и субјекти да се приклучат во т.н. европски фронт и ја оставија отворена вратата доколку Алтернатива се предомисли.

    Инаку, вчера Собранието ги разреши тројцата министри во Владата кои доаѓаа од редовите на Алтернатива. Беким Сали повеќе нема да ја извршува функцијата министер за здравство, од Министерството за информатичко општество и администрација заминува Адмирим Алити, а со функцијата се збогува и Џемаил Чупи, кој беше министер без ресор задолжен за дијаспора.

    За нови министри во Владата се предлагаат: Кренар Лога (Алијанса) – министер за правда, Фатмир Меџити (Алијанса) – министер за здравство,Азир Алиу (Алијанса) – министер за информатичко општество и администрација, Каја Шукова (СДСМ) – министерка за животна средина и просторно планирање, Тирон Јајага (Алијанса) – заменик-министер за одбрана, Вјолца Бериша (Алијанса) – заменик-министерка за земјоделство, Викторија Аврамовска-Мандиќ (СДСМ) – заменик-министерка за правда, Маја Манолева (СДСМ) – заменик-министерка за здравство и Агим Нухиу (ДУИ) – заменик-министер за образование и наука.

    Подготви: Д. Е.

    Извор: frontline.mk

    Exit mobile version