More

    Државниот врв и амбасадорите со пораки за поддршка на Украина

    Денес, изминува точно една година од почетокот на бруталната руска воена агресија врз Украина, која го втурна украински народ во невидени страдања, загуба на човечки животи и ужасна деструкција. А, сите нас останатите нè соочи со фактот дека во Европа повторно се води крвав конфликт кој предизвикува хуманитарна, економска, енергетска и безбедносна криза. Станува збор за трагедија која влезе во нашите домови и во нашите мисли и пред која немаме право да останеме без зборови, изјави претседателот Стево Пендаровски на конференцијата „Украина – година на хероизмот“, која денес ја организираа невладината организација за човекови права и слободи ЦИВИЛ – Центар за слобода и Амбасадата на Украина во Република Северна Македонија.

    „Паметам дека во февруари минатата година, во предвечерието на агресијата, на Минхенска безбедносна конференција, најоптимистичките прогнози беа дека во случај на напад, Украина нема да може да издржи повеќе од две недели. Но, Украина издржа, решена по секоја цена да ја сочува својата независност. Украина, која изминатите месеци ја плати борбата за демократија со илјадици човечки животи, покажа дека дефинитивниот избор на секој народ се демократијата и слободата, а не тиранијата и насилството“, рече Пендаровски.

    Претседателот истакна дека ниту една агресија не може да биде оправдана, независно дали ги следите академските дефиниции или реалниот живот.

    „Не постои никаков сомнеж дека рускиот напад врз Украина претставува директно кршење на меѓународниот поредок и системот на безбедносна архитектура кој требаше да овозможи траен мир, стабилност и просперитет во Европа по завршувањето на Студената војна. Русија ги прекрши сите меѓународни правни акти во тој контекст и во текот на изминатата година, нејзините војници извршија грозоморни злосторства врз многубројни украински цивили, акти несвојствени за една цивилизирана држава“, рече Пендаровски.

    Претседателот додаде дека нема дилеми дека Украина е веќе морален победник во овој конфликт, бидејќи успеала зад својата кауза да го обедини демократскиот свет, кој покажал невидена солидарност и поддршка во спротивставување на газењето на човековите права и посегањето по слободата на другиот. Според него, токму поради овие причини, уште на самиот почеток, С. Македонија и нејзините сојузници во НАТО Алијансата, понудиле подршка и продолжуваат и понатаму да асистираат со хуманитарна, техничка и воена помош која е потребна за да се намалат загубите, санираат штетите и да се извојува конечната победа.

    На конференцијата, покрај претседателот Стево Пендаровски, присуствуваа претседателот на Собранието Талат Џафери, амбасадорката на Украина Лариса Дир, вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, министерката за одбрана Славјанка Петровска, амбасадорот на Европската унија во Северна Македонија Дејвид Гир, амбасадори и дипломати на повеќе земји од Европа, САД и Јапонија, експерти, аналитичари и претставници на граѓанското општество.

    „24 февруари 2022 година секогаш ќе се памети како денот кога Русија ја започна својата брутална, неиспровоцирана и незаконска инвазија на Украина. Ова беше и останува случај на чиста агресија и јасно прекршување на Повелбата на ОН. И ова не е само агресија против Украина, тоа е закана за демократијата во светот и до сите земји. Бидејќи она што е во прашање е нивниот суверенитет – нивното право да одлучуваат за својата и за иднината на своите деца“, рече во своето излагање евроамбасадорот Дејвид Гир.

    Тој потсети и дека во текот на една година во Украина се случија масовни убиства, мачење, силувања, киднапирања, депортации, грабежи, уништена инфраструктура која остави милиони луѓе без греење, вода и струја среде зима.

    „Во 21 век имаше 365 дена страдање, страв и криза во Украина со ефекти низ цела Европа и во целиот свет, но и 365 дена извонреден украински отпор и храброст, кои ги почитуваме, додека жалиме по загинатите и изразуваме солидарност со оние кои ги загубија своите најблиски и нивните домови“, изјави Гир.

    Тој посочи дека сме сведоци и на ефектите од руската пропаганда на Западен Балкан, вклучувајќи и загрижувачко присуство на дезинформации во Северна Македонија.

    „Затоа ЕУ работи со партнерите, особено со нашите идни земји-членки, за да се спротивстави на оваа закана. Ова значи дополнителна поддршка за слободата на медиумите и политичкиот плурализам. Но, тоа значи и дека медиумите имаат одговорност да обезбедат објективни информации на својата публика и на тој начин да ја зајакнат општествената отпорност на манипулации“, рече Гир.

    Амбасадорката на Украина, Лариса Дир се заблагодари за поддршката на Украина и истакна дека бруталната руска агресија го променила светскиот поредок.

    „Во четири часот наутро на 24 февруари, 2022 година, светот се промени не само за Украинците – туку се промени воопшто и светскиот поредок. За Украинците, светскиот поредок се промени во најбруталниот можен начин – со руски ракети и ирански дронови, воени злосторства и злосторства против човештвото кои ги вршеа и сé уште ги вршат руските окупатори“, рече таа.

    Амбасадорката истакна дека безбедносната архитектура во Европа почнала значително да се менува од февруари 2014, кога Руската федерација привремено го окупираше Крим и некои делови од регионите Доњецк и Луганск во Украина. Таа исто така посочи дека меѓународната реакција, вклучувајќи ја и реакцијата на меѓународните организации, за противзаконската и незаконската политика на Русија требало да биде поодлучна.

    „Компонентата што Руската федерација, како терористичка земја, не ја зеде предвид е украинскиот отпор, кој има историја на многу генерации. Храброста на украинските војници денес е феномен. Имаме помала војска и помалку оружје. Украинските бранители ја имаат силата на духот што принуди многумина во светот да ги преиспитаат заедничките вредности во целина“, истакна Дир и додаде дека храброста на Украинците сега мора да биде поддржана со тенкови, оружје со долг дострел и борбени авиони, затоа што Украинците го даваат својот живот, не само бранејќи ја својата суверена територија, туку ги брани и вредностите според кои живее демократскиот цивилизиран свет.

    „Блокираните и замрзнати средства на Русија и санкционираните руски граѓани мора да станат главниот извор на финансирање на компензациите за Украина и за украинските граѓани. Благодарни сме на оние земји членки на ОН кои ја поддржаа резолуцијата на ОН за продолжување на правниот лек и репарацијата за агресијата врз Украина. На 17 февруари, 2023 година, Владата на Кралството Холандија одлучи да го постави во Хаг Меѓународниот регистар на загуби и штети предизвикани на Украина како резултат на руската агресија“, кажа Дир во своето обраќање.

    (Извор: Мета.мк)

    Exit mobile version