More

    Бегалците и јас

    Бегалците можеби се разочарани од светот, но светот, и ние како дел од светот не смееме да дозволиме да ги разочараме бегалците.

    Луан ИМЕРИ

    Пред извесно време, во екот на бегалската криза на социјалните медиуми прикачив една слика на која пишуваше дека бегалците се добредојдени. Тоа тогаш, а ниту сега, не беше воопшто популарно. Веројатно од некаква почит, а многу повеќе за јавно да не се конфронтираат, добив многу „добронамерни“ пораки во инбокс. Ми пишуваа дека мене ми е испран мозокот, дека бегалците доаѓаат со некакви задни намери и дека за некоја година ќе се убедам дека не сум во прво. Сите пораки беа засновани на стереотипи и полни со предрасуди за бегалците. Вриеше од говор на омраза. Најинтересно, дел од пораките ми дојдоа од блиски кои некогаш самите биле бегалци, и тоа во мојот дом, а после некое време, во 2001 година, јас бев бегалец кај нив.

    Јас знам како е да се биде бегалец. Знам и како изгледа денеска да се биде бегалец. Многу мои пријатели во моментот се во Полска, Словачка, Германија, Чешка и кај веќе не, и им помагаат на бегалците од Украина, но и на бегалци од другите земји. Често споделуваат неверојатни приказни за животот и смртта. Еве и една лична: Во декември водев неколкудневна онлајн обука. Учесници беа мои соработници од различни организации од Европа и Централна Азија. Имаше и учесници од Украина. Учесничката од Украина ме предупреди дека е можно, поради случувањата таму, да снема струја или доколку има директна опасност ќе се огласат сирените и мора да оди во скривница. Ако ја нема, да знам зошто. Иако збунет, секако ја прифатив оваа информација со доза на неверување. За времетраење на обуката, постојано гледав на екранот и внимавав на ова учесничка. Се надевав дека ништо нема да се случи. Но се случи. Се исклучи и не се појави повторно тој ден. И покрај обидите, не успеав да дојдам до неа. Следниот ден повторно се вклучи на обуката. Ми кажа дека не сака да ги вознемири останатите учесници, само да ме информира дека многу блиску до нејзиниот стан имало ракетен напад па морале да се сокријат. Замислете, ми се извинуваше што не успеала да биде со нас до крај! Таа сеуште не е бегалец. Иако, како што кажа, им рекле за секој случај да имаат подготвено по една торба за да бидат спремни во секое време да ги напуштат домовите.

    Многумина од нас знаат колку е тешко да се биде бегалец. Страдањето на украинските, сириските бегалци и на многу бегалци воопшто, е многу блиско со искуството на стотина илјади Косовари кои во 1999 година тргнаа по сличен пат кога присилно ги напуштија своите домови. И за време на конфликтот во 2001 година имаше доста бегалци и внатрешно раселени лица кај нас.

    За време на косовската војна, повеќето од бегалците беа сместени во Албанија и Македонија, и двете меѓу најсиромашните земји во Европа. И денеска ситуацијата е слична. И покрај нашето уверување дека сите бегалци тргнале кон нас и сакаат да ни ја населат Европа, сепак податоците укажуваат дека најголем број од бегалците во 2021 година остануваат во околните, соседни земји. А тоа по правило се земји во развој или сиромашни земји. Само мал процент доаѓаат во Европа. За илустрација, во 2021 година, најмногу бегалци биле сместени се во Турција, околу 3,8 милиони додека во Германија 1,3 милиони.

    Бројот на бегалци и на принудно раселени лица постојано расте. Според официјални податоци на УНХЦР во 2010 година бројот на присилно раселените лица изнесувал 41 милиони додека во 2020 година изнесувал 82 милиони. Само бегалци во 2021 година се околу 27 милиони. Поради војната во Украина се проценува дека овие бројки драстично ќе се зголемат во 2022 и 2023 година.

    Само ќе потсетам дека бегалецот бега бидејќи му е загрозен животот во земјата на потекло заради војна, насилство или прогон поради расна, религиска, национална припадност или припадност на друга социјална група или политичко мислење, за разлика од емигрантот кој по сопствен избор ја напушта земјата, не заради директна закана од прогон или смрт, туку главно заради подобрување на сопствениот живот.

    Овие луѓе имаат неверојатно тежок живот. Многу често се изложени на физичко, психичко и сексуално насилство. Најранлива група се децата, особено оние кои патуваат сами, без заштита на нивните родители. Децата сочинуваат 41% од принудно раселените лица, иако се само 30% од вкупната популација во светот.

    Иако меѓународното право ги штити бегалците и ги обврзува државите, бегалците покрај тоа што се соочуваат со различни криминалци, се соочуваат и со суровоста на некои држави и нелегални враќања во некои граници, па дури и граници на ЕУ.

    Бегалската криза беше и останува предизвик за сите. Видовме различни одговори на оваа криза. Некои земји ги затворија своите граници и презедоа екстремни мерки за да го спречат влезот на бегалците. Други земји ги оставија бегалците заглавени со денови, на дожд и кал, во ничија земја. Трети ги враќаа назад. Некои светски лидери симболично ги отворија своите домови за да примат бегалци. Сепак, најмногу од сè, бев импресиониран од обичните Европејци, како и од многу мои сограѓани и сограѓанки кои ги превземаа работите во свои раце и направија многу повеќе лично отколку нивните влади. Си ги отворија домовите за да засолнат бегалци а многу од нив направија многу да им помогнат на бегалците.

    Бегалците можеби се разочарани од светот, но светот, и ние како дел од светот не смееме да дозволиме да ги разочараме бегалците.

    Извор: racin.mk

    Exit mobile version