More

    Младите кои се невработени со тек на време ги губат стекнатото знаење и вештини, што влијае на нивното ментално здравје и самодоверба

    Младите кои се подолго време невработени со тек на време ги губат стекнатото знаење и вештини, а статусот на невработени и издржувани лица влијае на нивното ментално здравје и самодоверба. Заради ограниченоста на комуникација, нивниот социјален капитал и положба во општеството станува многу скромна и ранлива. Невработеноста кај младите и покрај оперативните планови за вработување и вложените средства не бележи пад, особено не системски што укажува на тоа дека можеби програмите што се дизајнирани не соодветствуваат на потребите на младите, не се соодветно имплементирани или се неефикасни.

    Ова се само дел од заклучоците на истражувањето на Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП1 ) која од март до декември 2022 година го спроведе Проектот „Што сакаат младите – Професиите на иднината бараат знаења и вештини денес“. Овој проект е финансиран од Европската Унија, а субгрантиран од страна на фондацијата „Ана и Владе Дивац“, Младинскиот сојуз Крушево и 3 други партнерски организации од регионот.

    -Целите кои ИДУЕП сакаше да ги постигне преку имплементацијата на проектните активности се однесуваа на: подигнување на јавна свест за проблемот со младинска невработеност; утврдување на пречките кои постојат на пазарот на труд; олеснување на вклучување на младите на пазарот на труд преку поголемо јавно говорење и застапеност на темата за младинска (не)вработеност во јавноста; утврдување на клучни мерки преку заклучоци и препораки за долгорочни ефекти и најдобри резултати при младинското вработување, велат од ИДЕУП.

    Од Институтот прашуваат Што сакаат и што да очекуваат младите при планирањето на своите кариери и идни професии во дадениот контекст?!

    -Стапката на невработени млади (во категоризацијата на ДЗС, тоа се лица на возраст од 15-24 години) во земјава во третиот квартал за 2022 година изнесува 19.587 или 17% од вкупниот број на невработени лица вбројани во активно население. Земено компаративно, стапката пак на слободни работни места, според податоците на Државниот завод за статистика, во третото тримесечје од 2022 година е 2.07 %. Најголем број слободни работни места, односно 3 459, има во групата на занимања – Работници во услужни дејности и продажба.

    Според последните достапни податоци на Евростат за Северна Македонија од 2020 година младинската невработеност (15-29 години) изнесува 29,6%. Од друга страна, според податоците од Агенцијата за вработување, заклучно со ноември 2022 годинава, регистрирани се 9 324 невработени лица на возраст од 20 до 24 години, 10 354 на возраст од 25 до 29 години и 2 052 на возраст од 15-20 години, кумулативно, на возраст од 15 до 29 години евидентирани се вкупно 21 730 лица. Бројот на невработени на возраст од 15 до 34 години изнесува вкупно 32 451 лица, бројка на активно население кое бара работа, а кое е во години погодни за преквалификација, доквалификација, отворање на сопствени бизниси и други типови на поддршка од страна на државата (опфатени и со новиот оперативен план за вработување за 2022 година, преку кој се обезбедени 1,8 милијарди денари за поддршка за вклучување на пазарот на трудот на околу 15 000 невработени лица5) преку која потенцијално би се креирале дополнителни работни места, а би се намалила апсолутната невработеност.

    -Што се однесува до состојбата и кростабулациите млади, невработени и степен на образование, според достапните податоци младите на возраст од 15-24 години најмногу се вработени во средно квалификуваните занимања (речиси 70% од вкупната вработеност на младите за годината 2019), останатите вработени млади се еднакво распределени меѓу високо и средно квалификуваните работни места, односно највисоката стапка на невработени млади (15-24 години), со преку 40%, е онаа категорија кои завршиле универзитетско образование. Процентот на лица на возраст од 30 до 34 години кои се стекнале со универзитетска диплома од 14,3% во 2009 година се удвоил на 35,7% во 2019 година како резултат на либерализираните уписи и понуда на универзитетско образование. Но, и покрај позитивните трендови во делот на статистиката во вклученоста на населението во образовниот процес, квалитетот на образованието според мерењата на Програмата за меѓународно оценување на учениците (ПИСА) – е низок и недоволно квалитетен. Во однос на младинската сиромаштија, евидентна е сиромаштијата кај младите вработени (нискоквалификувани пред се) кои се најафектирани во категоријата вработени, а сиромашни или изразено во проценти 8,4%, овој податок е од 2019 година, покажува анализата.

    Како клучни наоди врз основа на статистичките податоци погоре се наведуваат: населението на државата старее, што неминовно ќе доведе до последици од повеќе нивоа; одливот на високо квалификувана работна сила од земјата, што неминовно ќе доведе со загрозување и намалување на квалитетот на услуги и производство со стратешки области и индустрии на земјата; најголемиот број на слободни работни места се во услужната дејност и продажба која се карактеризира со ниски плати, несигурно вработување, неизвесност (пред се од тековните економски трендови), нефлексибилност, отсуство на формално работно место, неволно привремено вработување и вработување на скратено работно време што се коси со концептот на пристојна работа;н евработеноста кај младите и покрај оперативните планови за вработување и вложените средства не бележи пад, особено не системски што укажува на тоа дека можеби програмите што се дизајнирани не соодветствуваат на потребите на младите, не се соодветно имплементирани или се неефикасни; неминовна е потребата е стимулирање и реализација на образовни програми и обуки за преквалификација кои ќе одговорат на потребите на пазарот на трудот и вештините кои ќе кореспондираат и ќе бидат потребни во следните децении-ставање во функција на Опсерваторијата на вештини при МОН, а во партнерство со МТСП и АВ; младите кои се подолго време невработени со тек на време ги губат стекнатото знаење и вештини, а статусот на невработени (издржувани) лица влијае на нивното ментално здравје и самодоверба. Дополнително, заради ограниченоста на комуникација, нивниот социјален капитал и положба во општеството станува многу скромна и ранлива; професиите на иднината бараат знаења и вештини денес; добро планирана и сеопфатна реформи на образовниот систем со цел да се пресретнат потребите на пазарот на труд како и професиите на иднината преку концептот ,,учење преку работа” (УПР); доследна имплементација на законот за високо образование, особено во делот на спроведување на реална и функционална пракса, практикантство и практична работа; посветеност и на приватните компании во инвестирање во развојот на капацитетите и вештини преку обуки кај своите вработени, а во чекор со технолошкиот развој.

    Заклучок и препораки кои произлегуваат од истражувањето на ИДУЕП се следнивеач

    1. Младите сакаат квалитетни работни места кои нудат можности за развој на вештини
    2. Младите треба да бидат соодветно платени
    3. Законот за работни односи треба да ја регулира работата од дома
    4. Флексибилно работно време – можност која носи бенефити и за младите и за работодавачите
    5. Млади во ИТ секторот – 0 проценти персонален данок
    6. Фриленсери – можности за социјално и здравствено осигурување
    7. Мерки за самовработување и отворање сопствен бизнис
    8. Платена пракса и волонтирање
    9. Обука и доквалификација за младите во рамки на компаниите со државна помош
    10. Образование – прв предуслов за градење квалитетни кадри
    11. Дуално образование – дел од системот
    12. Здравство и здравствено осигурување – стимулирање на компаниите да нудат приватно здравствено осигурување како алтернатива на преоптовареното јавно здравствo
    13. Борба со корупцијата- вклучување на младите во битката
    14. Здрава животна средина – поддршка на младинските иницијативи за справување со предизвиците

    -Препораките и заклучоци ги презентираме во рамки на овој документ, а истите ќе бидат
    споделени и со носителите на одлуки во делот на младинската невработеност со цел нивна конкретна примена, велат од ИДУЕП.

    (Извор: 24инфо)

    Exit mobile version