More

    Директорката на Фондот за здравство не открива детали како се случил хакерскиот напад

    Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), по 13 дена од хакерскиот напад, одржа брифинг со новинарите, но директорката Магдалена Филиповска Грашкоска одби да одговори на сите прашања поврзани со сајбер нападот врз системот на ФЗО.

    „Сето тоа е предмет на истрага“, беше одговорот на Филиповска Грашкоска на прашањата дали имаат сознанија кој го извршил хакерскиот напад, дали им бил побаран откуп, дали ФЗО исплатило пари некому со цел системот да профункционира, дали нападот бил извршен од земјава или пак од некоја друга држава итн.

    На брифингот со новинарите присуствуваше и Миле Сугарев, директор на Секторот за финансиски прашања при ФЗО, но не беше присутен ниту еден информатички експерт кој работел на отстранувањето на проблемот. Грашкоска рече дека ИТ експертот по напорна работа во последниве 13 дена имал влошено здравје и е хоспитализиран. Не беше присутен ниту другиот директор на ФЗО, Фатон Ахмети, кој, како што кажа и Грашкоска, користел одмор со решение уште пред сајбер нападот, но бил запознаен со случувањата.

    Грашкоска беше децидна дека податоците на сите граѓани се безбедни и дека немало никакво одлевање.

    „Не сум ИТ стручно лице и се потпирам на информациите на експертите. Она што можам да кажам е дека на 6 февруари забележавме технички проблем и ги исклучивме системите. Пријавивме во МВР и во исто време почнавме со дијагностика. Се соочивме со два тешки момента – од една страна со сајбер напад, а од друга, со момент кога сфативме дека решавањето ќе потрае и дека треба да преминеме на преодни решенија со цел да функционираме“, рече Грашкоска.

    Според неа, системите на ФЗО и досега имале заштита (firewall, посебни системи за комуникација, антивируси), а во декември минатата година бил побаран и закуп на Cloud простор, како побезбедна варијанта.

    „Миграцијата на системот требаше да се спроведе токму овој месец, кога впрочем и се случи сајбер нападот. Таа миграција на Cloud вклучуваше обезбедување на две локации, примарна и секундарна (disaster recovery location)“, изјави Грашкоска.

    Во однос на безбедноста на податоците, таа ги цитираше ИТ експертите, дека „податоците се чувале во маскирана форма и не биле читливи со голо око“, па оттаму, не биле ниту афектирани со хакерскиот напад.

    „Податоците се безбедни и граѓаните можат да си ги остварат своите права“, изјави таа.

    За сајбер нападот врз системот на ФЗО била изготвена анализа, но директорката на институцијата не даде никакви детали што содржи истата, бидејќи и анализата била предмет на истрага.

    Во однос на тоа дали за случајот ќе има одговорност, Грашкоска повторно упати на истрагата, која ќе покаже дали и кој е виновен за сајбер нападот врз системот.

    Директорот за финансиски прашања Сугарев рече дека кај здравствените услуги во ниту еден момент во последниве две недели немало застој.

    „Ние не седевме со скрстени раце. Се решаваа и тековните проблеми како на пример случаите кога некој граѓанин ќе смени матичен лекар или пак внесувањето на нови осигуреници во системот“, рече тој.

    Грашкоска изјави дека после ова, а откако целосно ќе се стабилизира ситуацијата, ќе следи миграцијата на системот на Cloud. Таа им се заблагодари на сите лица, вклучително и на ИТ експертите, кои дошле да помогнат од други европски држави и кои целосно се посветиле на решавање на проблемот.

    (Извор: Мета.мк)

    Exit mobile version