More

    (ВИДЕО) Граѓаните за услугите на банките: Малку даваат за штедење, премногу наплаќаат за чување на нашите пари

    Во времето на ковид пандемијата деловните банки во земјава го скратија своето работно време, престанаа да работат во сабота, максимално што можеа апелираа да се косистат банкомати и онлајн алатки за плаќање, а по враќањето во „новото нормално“, и по економската светска криза, тие ги зголемија и провизиите, особено тие за подигање на пари од шалтер, иако времето за чекање на оваа услуга зависи од потребите на корисниците., а не од квалитетот на услугата, бидејќи кога се исплаќаат плати и пензии, речиси во сите банки има гужва и ред за чекање.

    Користењето на транскациска сметка за вработените, пензионерите е задолжително, но не е бесплатно. Така сите кои имаат прилив над 500 денари месечно, трансакциската сметка ги чини околу 30 денари месечно, во зависност од категоријата и од тоа за која банка станува збор.

    Според нашата оптимална пресметка, секој вработен или пензионер, кој според закон треба да прима прилив на трансакциска сметка, месечно околу 30 денари го чини само трансакциската, од 20 до 50 денари плаќа и кога подига пари од шалтер. Под услов само еднаш во месецот да подигне пари од банка тој годишно, ако се соберат сите провизии плаќа околу 1000 денари само за услугите за банката, вели граѓанин.

    Според Државниот завод за ститистика, во Македонија има 693.062 вработени, кои годишно плаќаат или ќе платат 706.923.240 денари (околу 11.494.700 евра) за овие основни услуги на банките. Ако кон оваа бројка ја додадеме и провизијата од пензионерите, според МТСП, околу 330 илјади пензинери, сумата што ја наплаќаат банките за пензионерите изнесува 336.600.000 денари ( 5,5 милиони евра), тогаш навистина станува збор за голема сума за услуги од банките кои не се евтини, а се задолжителни.

    Секој вработен или пензонер годишно троши најмалку 1000 денари за услуги на банки

    Граѓаните велат дека провизиите на банките ги забележуваат, информирани се дека се плаќа, но се воздржуваат од коментар бидејќи нема што да се прави, секој месец се плаќаат трошоци за струја и вода и останати услуги и гледаат да платат таму каде што им земаат помалку провизија.

    -Некоректно е. Еве сега плаќав за струја, и на секоја сметка ми земаа по 50 денари. Дури и ако е сметката 200 денари, пак треба да платиш 50 денари, а на банкомат не плаќаш, вели еден граѓанин, кој ја користи трансакциската и за подигање на пари, и и за тоа му земаат 50 денари.

    -До вчера беше 30 денари, денес ми велат 50 денари. Сметки плаќаме секој месец, сите тие давачки ги плаќам преку банка и годишно тоа се многу пари, вели тој.

    -Тоа се одлуките на банките. За штедни влогови даваат некоја 0,05 проценти камата. Што е тоа?! Но, еве ај да речеме дека ти ги чуваат да не ти украдат, вели нашиот соговорник за утехата зошто парите му се во банка, а не дома.

    -Нашите пари се кај нив, изгледа дека е ситно, но кога ќе се собере на голем број корисници веројатно добар прилив имаат, вели друг наш соговорник.

    -Сега излегувам од банка, имав некој штеден влог и прашав дали имам некоја камата, ми рекоа дека нема ништо, вели уште еден наш соговорник.

    Во Македонија, според Државниот завод за статистика финкционираат и 72.922 деловни субјекти кои исто така користат сметки во банки за плаќање и за нив услугите се околу 5 до 8 евра месечно за одржување на сметка, или уште нешто повеќе од половина милион евра за банкарски услуги.

    Од Организација на потрошувачите на Македонија (ОПМ) велат дека банките имаат обврска само да ги информираат корисниците за своите одлуки и тие тоа го прават, преку сите нивни канали. Единствено што им останува на корисниците е да изберат банка што наплаќа помали провизии.

    Народна банка: Само конкуренцијата може да влијае врз цените

    На оваа тема одговор добивме и од Народната банка.

    „Сите чинители во општеството, вклучително и банките треба да го имаат во предвид сложениот макроекономски контекст кој неповолно се одразува на животниот стандард на граѓаните. Сепак, како и во другите земји со пазарна економија, така и во нашата држава, надоместоците, како цена за услугите кои ги даваат, во основа се деловна одлука на банките врз чија висина може да делува конкуренцијата и не подлежат на ограничувањата од страна на централните банки. Од овие причини голем број земји, вклучително и ЕУ, водејќи се од интересот на граѓаните и компаниите, ја поттикнуваат конкуренцијата и транспарентноста преку правната рамка. Во овој контекст и ние како централна банка, а во соработка со Министерството за финансии, подолг период работевме на целосно нов Закон за платежни услуги и платни системи, кој беше донесен минатата година,  а започна со примена годинава. Очекуваме законот да поттикне влез на нови даватели на платежни услуги и поголема транспарентност за видовите платежни услуги и висината на надоместоците, а со тоа и намалување на цените и на банкарските услуги“, велат од НБ.

    Како што велат, во насока на поголема заштита на граѓаните како потрошувачи на овие услуги, се поприсутна е праксата со законски решенија да се ограничат надоместоците кои банките може да ги наплаќаат за одредени услуги и категории на клиенти.

    Народна банка препорачува граѓаните да не користат минусно салдо

    Од НБ препорачуваат граѓаните да не користат минусно салдо, бидејќи банката за услугите со платежната сметка со основни функции може да пресмета и наплати вкупен месечен надоместок кој не смее да биде повисок од 0,1% од подвижниот просек на просечната месечна исплатена нето-плата во земјата за претходните 12 месеци.

    „Со новиот Закон за платежни услуги и платни системи, за прв пат во историјата на земјата, се уредуваат повеќе решенија за поставување на насоки и ограничувања на надоместоците кои банките ги наплатуваат од потрошувачите. Во таа смисла би ја посочиле можноста граѓаните да отворат платежна сметка со основни функции преку која, во рамки на сопствените средства, односно без навлегување во т.н. минусно салдо, ќе ги извршуваат своите вообичаени плаќања и за истите ќе плаќаат надоместоци со разумна висина. Имено, банката за услугите со платежната сметка со основни функции може да пресмета и наплати вкупен месечен надоместок кој не смее да биде повисок од 0,1% од подвижниот просек на просечната месечна исплатена нето-плата во земјата за претходните 12 месеци (според последно објавените податоци од Државниот завод за статистика за исплатена нето-плата, месечниот надоместок би изнесувал околу 31 денар). Овој надоместок вклучува месечно одржување на сметката, неограничен број на платежни трансакции со цел внесување или повлекување на готови пари непосредно на шалтерите во работните простории на давателот или преку неговата мрежа на банкомати, неограничен број на платежни трансакции со дебитни картички и извршување на минимум пет платежни трансакции со кредитен трансфер, вклучувајќи и траен налог, или со директно задолжување со кои се пренесуваат парични средства на други платежни сметки на клиенти на истиот давател на платежни услуги“, препорачуваат од НБ.

    Тие додаваат дека за потрошувачите кои ѝ припаѓаат на групата корисници на законски дефинирани права, како што се на пример издршка, парична помош од социјална заштита, привремена невработеност, додаток за дете, стипендија или слично, а кое произлегува врз основа на закон, за користењето на претходно наведените платежни услуги преку платежната сметка со основни функции, не е дозволено банката да пресметува и наплатува надоместок.

    Со новата правна рамка во платежната сфера НБ ја засилува и транспарентноста, во насока на поголема конкуренција и повисока заштита на потрошувачите.

    „Народната банка со подзаконски акт веќе утврди и објави листа на најрепрезентативни односно најчесто користени услуги поврзани со платежните сметки. До крајот на септември оваа година, Народната банка на својата интернет страница ќе овозможи споредување на надоместоците за најчесто користените услуги поврзани со платежните сметки на граѓаните. На овој начин, потрошувачите ќе имаат брза и лесно достапна информација за надоместоците кога одлучуваат за тоа од кој давател да користат платежни услуги“, порачуваат од Народна банка.

    Анета Тасова

    Извор: brif.mk

    Exit mobile version