Последни написи

Протестен марш на новинарите пред работите да „отидат во неповрат“

Целта на денешниот протестен марш на новинарите во Скопје, според претседателот на Здружението на новинари (ЗНМ), Младен Чадиковски, е да се превенира случувањата со навредите, заканите и нападите на новинарите да „отидат во неповрат“.

„Тука сме, можеме да разговараме, но имаме сериозни барања до Владата и Парламентот“, рече Чадиковски од пред зградата на Владата.

Како што кажа тој пред насобраните повеќе десетици новинари, сниматели, фоторепортери и медиумски работници, „работите тапкаат во место, дури и се влошуваат“.

„Сметаме дека вака веќе не може. Законите важни за медиумите не се спроведуваат, јавните функционери имаат потценувачки однос кон новинарите и снимателите, државниот ПР ја зема работата на новинарите, на снимателите, на фоторепортерите, Владата создаде најголема редакција во земјата“, рече Чадиковски додавајќи дека не е транспарентност кога чекате со денови за одговор, а добивате ПР памфлет за објава.

„Локалните и регионални медиуми работат на раб на издржување“, потенцираше тој.

Во однос на безбедноста на новинарите, претседателот на ЗНМ наведе повеќе случаи кога новинари беа нападнати или беа под закани.

„Колегата Неври од Тетово пред извесно време го бркаа со секира, колегата снимател Љубо му удрија бокс пред камера, на колешка од ТВ 21 ѝ бришеа снимки од мобилниот телефон. Директор пцуеше со најпогрдни зборови колешка од МКД.мк, гледаме тужби од бизнисмени и политичари на секој чекор за издржани стории. На колешката Маја Јовановска, раководител во една општина ѝ велеше ‘ќе видиш што ќе ти се случи ако дојдеш тука’. Навреди на социјалните мрежи за новинарките, смртни закани од кој како стигне и тоа е секојдневие“, набројуваше Чадиковски.

Претседателот на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Павле Беловски, како причина за протестот ја посочи состојбата во која се наоѓаат новинарите од внатрешноста, кои како што рече, „се срцевината на нашата професија“.

„Тие работат со сè помалку кадар, со ниски плати и нивната социо-економска состојба е незавидна“, рече Беловски, барајќи итно да се донесат решенија за подобрување на состојбата во која се наоѓаат новинарите и медиумските работници од внатрешноста.

„Решенија кои ќе бидат системски, законски, а не парцијални – со кои работодавците ќе добијат квалитет, а нашите колеги сигурност. Бараме услови а не милостина“, додаде Беловски потенцирајќи дека е потребно новинарите да потпишат колективни договори за да ги остварат своите работнички права.

Беловски обраќајќи се кон владата рече дека „новинарите се сè повеќе шиканирани, напаѓани, навредувани, тепани, газени, малтретирани“.

Тој побара да сопрат навредите и омаловажувањата кон новинарите од страна на високи политички функционери.

„Нападите врз новинарите и медиумските работници се напад врз јавноста, односно врз правото на граѓаните да бидат информирани“, рече Беловски поздравувајќи го донесувањето на измените на кривичниот законик со кои напад врз новинар се смета за напад врз службено лице.

„Се надевам дека нема да чекаме уште 5 години за да ги видиме првите ефекти од овој закон и да биде некој санкциониран и да одговара за напад на новинар како напад врз службено лице“, рече Беловски.

По нивните говори, собраните новинари и медиумски работници се упатија кон Собранието, каде говореа новинарките Душица Мрѓа, Славица Филиповска Иванова, Сашка Цветковска, Жанета Здравковска, како и Сенат Зулбеари и Ведат Мемедалија.

Организаторите им се извинија на граѓаните за метежот и застојот во сообраќајот.

Конретните барања на ЗНМ и ССНМ до Владата и Парламентот се:

1. Стоп за негативниот тренд за понижувачки говор од страна на министри, директори, политичари.
2. Стоп за агресивниот државен ПР што ја зема работата на новинарите, а државните институции ги претвара во Потемкиново село за очите на јавноста.
3. Поддршка за колегите од внатрешноста кои и денеска дојдоа во најголем број да го поддржат овој марш во насока на изнаоѓање системско решение за квалитетна новинарска содржина и достоинствени плати.
4. Обезбедување услови за квалитетни професионални новинарски продукти за традиционалните но и за новите медиуми.
5. Имплементација на законите ои се важни во новинарската сфера.
6. Обезбедување на независно и функционално работење на Јавниот сервис и на регулаторот.
7. Брза и ефикасна имплементација на законите кои ја третираат безбедноста на новинарите.

Извор: meta.mk

Latest Posts

Не пропуштај