На 17 февруари 2023 пред Министерство за внатрешни работи неколку десетици активист(к)и оддржаа мирен протест на која побараа одговорност од надлежните институции, бидејќи не се чувствуваат безбедно во своите градови.

„Полициските службеници повторно се покажаа неспособни и недораснати кога станува збор за жртвите на родово базирано насилство. Последниот случај со пријава на сексуален напад, кој во медиумите стана познат како „дивиот таксист кој ѝ избега на полицијата” по илјадити пат укажа на истите недостатоци на институционална поддршка на жртвите кои пријавуваат родово засновано насилство. Овој случај е еден од многуте во кои видовме како системски и општествено се потфрла кога станува збор за безбедноста и благосостојбата на девојките и жените во земјата“, пишуваше во поканата на протестот.

Активистките на протестот извикуваа „Сакаме правда“ и носеа транспаренти со пораки „Престанете да не малтретирате“, „Не сме безбедни, ни дома ни надвор“, „Ти ли ќе ми кажеш кога да се возам со такси“, „МВР викни ми такси“, „Дали си го барам МВР“…

