Последни написи

Поднесено обвинение против сопственикот на порталот „ДоказМ“, Марјан Стаменковски

Поднесено е обвинение против сопственикот на порталот „ДоказМ“, Марјан Стаменковски, а Јавното обвинителство доставило и предлог за продолжување на притворот на Стаменковски, кој беше приведен на 10 февруари годинава.

Обвинителството соопшти дека е поднесен Обвинителен предлог против лицето кое се товари дека преку веб-портал во негова сопственост, сторил повеќе кривични дела – две кривични дела Ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем, едно кривично дело Уцена, кривично дело Пиратерија на аудиовизуелно дело и кривично дело Злоупотреба на лични податоци.

Предметот бил оформен по поднесени кривични пријави против Стаменковски од повеќе жртви во текот на 2022 и почетокот на 2023 година, а во врска со објавени содржини на порталот „ДоказМ“, чиј сопственик е тој.

Во периодот од 10 јануари до 2 февруари годинава, со намера за себе да прибави противправна имотна корист, Стојановски му се заканувал на еден оштетен дека ќе открие нешто што може да му наштети на неговиот углед.

„Преку социјална мрежа обвинетиот го контактирал оштетениот и го повикал на средба за да го уценува дека на веб-порталот ќе објави приватни фотографии и информации за него доколку не му исплати парични средства. Откако оштетениот одбил средба, на интернет порталот биле објавени повеќе текстови за него, со кои обвинетиот наштетил на угледот и честа на оштетениот. На тој начин обвинетиот се обидел да стори кривично дело – Уцена“, информираа од Јавното обвинителство.

Стаменковски сторил и кривично дело Пиратерија на аудиовизуелно дело, така што без одобрение на овластениот дистрибутер, на својот портал ставил на располагање заштитено аудиовизуелно дело, овозможувајќи негово неограничено јавно прикажување, со што предизвикал штета за една телевизија.

На порталот „ДоказМ“ до пред неколку денови беше овозможено нелегално гледање на десетици играни странски филмови, но по приведувањето на Стаменковски, опцијата за гледање на пиратските содржини беше отстранета.

Стаменковски е обвинет и дека преку серија текстови во повеќе наврати ширел омраза и нетрпеливост кон двајца свештеници на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија. Тој во текстовите изнел директни тврдења дека свештениците биле поврзани со домашни и странски тајни служби, со цел да предизвика револт и омраза кон нив, но и раздор во верската заедница. Во текстовите биле упатувани и заканувачки зборови со кои се поттикнува народот да појде и да ги избрка свештениците од манастирот во кој служат. Стаменковски текстовите ги споделувал и на својот профил на една социјална мрежа, каде поттикнал жестоки полемики, навредливи коментари и говор на омраза, соопштуваат од ОЈО.

Покрај ова, две новинарки поднеле кривична пријава против сопственикот на „ДоказМ“ дека од почетокот на 2022 година се објавувале навредливи текстови со нивни фотографии, чија крајна цел била тие да се заплашат и да се спречат да објавуваат текстови во неделникот во кој работат. Жртвите дале искази пред надлежниот јавен обвинител во кои ги поткрепиле сомнежите дека позадината на таквите објави на порталот е да им се изврши притисок и цензура, а обвинетиот Стаменковски во текстовите директно промовирал омраза и врз основа на етничка припадност.

Од Обвинителството додаваат дека во периодот додека се водела постапка против Стаменковски, тој искористил лично познанство со лице ангажирано како истражител во Основното јавно обвинителство Скопје (ОЈО Скопје), па преку комуникација на Вибер се обидел од неа неовластено да дознае информации за преземени истражни дејствија во повеќе кривично-правни предмети, вклучувајќи го и предметот против него.

„Обидувајќи се да влијае врз постапката против него, од приватната комуникација со истражителката, без согласност искористил и објавил лични податоци и фотографии на четворица истражители во ОЈО Скопје, па затоа обвинетиот се товари и за кривично дело – Злоупотреба на лични податоци“, се вели во соопштението на Обвинителството.

Со наредба обезбедена од надлежен суд, минатата недела бил извршен претрес во домот на Марјан Стаменковски, при што била откриена документација, електронски уреди и поголема сума парични средства за кои постои сомнение дека потекнуваат од други кривични дела. За ова бил формиран уште еден предмет во ОЈО Скопје, а во меѓувреме до обвинителството и други лица пријавиле дека биле жртви на текстови на „ДоказМ“.

Поради потребата да се заштитат жртвите кои во подолг временски период биле подложни на изразен говор на омраза и закани преку интернет порталот, надлежниот јавен обвинител од Основниот кривичен суд Скопје доставил и предлог за продолжување на притворската мерка на Стаменковски.

(Извор: Мета.мк)

Latest Posts

Не пропуштај