More

    Сарачини: Ако правосудните органи не ги спроведат, законските измени за заштита на новинарите од напади ќе имаат слаб ефект

    Со усвоените измени на Кривичниот законик, нападите врз новинари и медиумски работници ќе се  третираат како напад врз службено лице. Петрит Сарачини од Институтот за медиуми и аналитика ИМА, за Телевизија Алсат вели дека конечно дојде време да се направат овие измени, кои со години се одолговлекуваа низ собраниските процедури.

    Според него, во земјава преовладува култура на неказнивост. Дали ова ќе се промени во иднина, ќе зависи од подготвеноста на институциите да ги спроведат овие измени во Кривичниот законик.

    „Се надеваме дека ова ќе направи промена и кај политичките структури, кои се главно оние кои поттикнуваат па дури и организираат напади врз новинарите. Во последно време, имавме неколку случаи од претставници на опозицијата, но и од оние на власта, коишто упатуваа кон новинарите навреди, закани итн.“, нагласи Сарачини.

    Тој посочи дека новинарите не треба да се третираат како да се над законот. Но, не можеме да очекуваме вистинска демократија ако се задушува гласот на јавноста или ако се потиснува слободата на медиумите.

    „На крајот на денот, многу од ефектите на овие законски измени ќе зависат од тоа како ќе се однесуваат кон нив правосудните органи, обвинителствата и судовите. Ако тие не го спроведат законот, ако повторно имаме селективна примена на законот, тогаш и овие законски измени ќе имаат слаб ефект“, оцени Сарачини во изјава за ТВ Алсат.

    Извор: ima.mk

    Exit mobile version