More

    Ако судовите продолжат вака Стразбур нема да им треба, самите ќе ги „аболицираме“

    Години поминаа, многу предмети не се затворија и сега се поблиску до застарување отколку до правосилно пресудување. Ако вака продолжат судовите ние самите си ги аболицираме криминалците, ете зошто пораката од Стразбур е упатена – за некој да се свести и да почне да суди.

    Љубиша АРСИЌ

    Одлуката од Стразбур е силна порака до домашните судови на кои ова им е последна опомена да го сработат она што е неопходно за правната држава и да се казнат оние чии кривични дела се уште не се застарени. Можеби затоа Европскиот суд за човекови право избра да направи некаков своевиден компромис со нецелосното изјаснување, односно прескокнување на аболицијата со став дека сега не е време за тоа, туку е време да им се суди на екс- функционерите на ВМРО ДПМНЕ.

    Европскиот суд за човекови права во Стразбур одлучи да ги отфрли жалбите за аболицијата на Ѓорге Иванов затоа што апликантите не ги исцрпеле сите домашни правни лекови. Во превод прво мора судските предмети да поминат низ сите судски инстанци, до Врховен суд, а потоа евентуално Стразбур да одлучува за аболоцијата која Иванов ја делеше „шаком и капом“. Тоа значи дека, откако ќе се истрошат домашните правни процедури, апликантите ќе мора одново да подготват документација и да ја поднесат во Стразбур, затоа што првите апликации им се недопуштени.

    Но, дали екс функционерите на ВМРО ДПМНЕ ќе испратат нови апликации до Стразбур? Можно е тоа да го направат оние на кои ќе им биде одредена затворска казна, а при тоа нивниот предмет бил опфатен со аболицијата на Иванов, оти има и такви предмети кои беа отворени и почнаа да се судат после аболицијата во 2016 година, па тие нема да можат да ја оспоруваат повлечената аболиција, но секако дека ќе можат да се жалат за друг вид прекршени човекови права ако имаат основа за тоа.

    Дел од гонетите, во надеж дека нема да се многу, нема да имаат потреба да поднесуваат жалби во Европскиот суд за човекови права и да се повикуваат на аболицијата затоа што некои од предметите ќе им застарат и тие практично ќе бидат „аболицирани“ од домашните судови. Кога предметот ќе застари тој се архивира, а обвинетите заминуваат дома како слободни граѓани. Таква е ситуацијата со главниот предмет во купот предмети на СЈО, „Таргет–Тврдина“, во кој се обвинети Сашо Мијалков, Гордана Јанкуловска, Горан Грујевски, Никола Бошковски, Тони Јакимовски… сите од групата која го организирала и спровела незаконското прислушување на илјадници граѓани. Откако беше утврдено дека предметот девет месеци останал нечепнат во Апелациониот суд, пред да се соопшти одлуката дека оди на ново првостепено судење, се крена прашина за судиската неефикасност.

    Претходно јавноста беше непријатно изненадена, но експресно заборави дека кривичното дело на Никола Груевски во предметот „Траекторија“ застари уште во 2019 година. Истото се случи и со по едно дело во досието „Титаник“, предмет во кој одговараа 14 лица за изборни измами, а токму врз местените избори ВМРО ДПМНЕ децениски се одржа на власт, но и таму некои дела застареа. Уште еден предмет за изборни нерегуларности е „Титаник 2“ во кој предводник на обвинетите е Сашо Мијалков, но за неколку месеци и овој предмет ќе се архивира во ризницата застарени предмети на СЈО. Првостепениот суд донесе одлука, но додека тече жалбената постапка во Апелација “Титаник 2“ ќе потоне во заборав.

    Предметот „Моќник“ застарува и судовите немаат време да им определат казни на Антонио Молошоски, лустраторот Томе Аџиев….Овој судски процес се изгуби во времето затоа што не се одржуваа рочишта по 90 дена што повлекуваше судењето да стартува одново и одново. И така беше и со други предмети. Или судиите дозволуваа бескрајни одложувања на рочиштата, започнување на процесите од почеток… и така во недоглед.

    Години поминаа, многу предмети не се затворија и сега се поблиску до застарување отколку до правосилно пресудување. Ако вака продолжат судовите ние самите си ги аболицираме криминалците, ете зошто пораката од Стразбур е упатена – за некој да се свести и да почне да суди.

    Извор: racin.mk

    Exit mobile version