Последни написи

(ВИДЕО) Лукаревска: Во 2022 вративме ДДВ од рекордни 727 милиони евра, со данокот на екстра добивка ја поттикнуваме солидарноста

Во интервју за Рацин.мк, директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска го објаснува рекордното полнење на Буџетот во кризните 2020 и 2021 година за ефикасно спроведување на анти-кризните мерки во 2022 година, и намалувањето на листата даночни должници кон државата. Лукаревска посочува дека во 2022 година е постигнат рекорден поврат на ДДВ во висина од 727 милиони евра, и дека намерата на донесувањето на закон за екстра добивка е да ја поттикне општествената одговорност и солидарност.

Како заменик претседателка на СДСМ, Лукаревска е оптимист дека ќе бидат изгласани уставните измени како должност на прогресивните сили што ѝ мислат добро на државата.

Интервјуто го реализираше Зоран БОЈАРОВСКИ

YouTube player

Каква беше наплатата на даноците во 2022 година во однос на 2021 и 2020 година? Дали економската криза во ковид периодот, а потоа и во периодот на енергетската криза влијаеше на прибирањето на даноците? 

Во тој период бевме на голем тест како институција затоа што овозможивме реализација на повеќе анти-кризни мерки. Функционираме во криза, но наплатата и во 2020 и во 2021 година имаше соодветен раст, согласно планот за полнење на буџетот. Гледајќи ја приходната страна ние тука ја имаме најголемата одговорност како даночна управа. Тој раст го имаме секоја година и тука нема да застанеме затоа што имаме уште повисоки бројки и критериуми за да ги исполниме.

Во тој период знаеме дека имаше и одредено нефункционирање на одредени дејности како што беа транспортот, угостителството, трговијата. Имавме предвид дека беа ставени на маргина заради случувањата, но сакам да напоменам дека во 2022 година имамо собрано 104,39 милијарди денари, и тоа е за 16,5% повеќе во псоредба со 2021, односно 33,7% во споредба со 2020 година.

Секаде имаме раст. Кај данокот на добивка 45,12%, кај персоналниот, односно данокот на личен доход 16%, 11,3% кај данокот на додадена вредност.

Заедно со Министерството за финансии и со Царинската управа сме на вистинскиот пат. Тоа е нашата задача. Не правиме притисоци за да ја намалиме ликвидноста на компаниите, но задоволна сум како прв човек на институцијата што имаме доброволно плаќање на повеќе од 95% од страна на компаниите и физичките лица.

УЈП редовно објавува Листа на должници. Дали од таа листа и редовно следење долговите на компаниите и граѓаните произлегува некој тренд што загрижува?

Согласно Законот за даночна постапка ние имаме обврска да ја објавуваме таа листа на должници по повеќе критериуми и многу се трудиме дел од јавните претпријатија коишто акумулираат долгови постојано да ги контактираме, да ги слушнеме, да ги видиме и да бараме соодветно решение за да може да го оствариме што треба како приход, а тие од друга страна да можат да функционираат.

Таа листа на должници постојано се менува. Еднаш едни компании влегуваат, други излегуваат. За почит е податокот во однос на она што значи долг по основ на ДДВ, од 2000 компании, односно 2000 должници, бројката е намалена на 1400, односно сме го намалиле долгот од 7 милијарди на 4,7 милијарди денари.

Кај данокот на добивка имаме намалување бројот на должници од 1400 на 800, и долгот е намален од 1,3 милијарди денари на 1,1 милијарда денари. Кај данокот на личен доход имаме намалување кај бројот на должници од 1500 и сега е 1000, а долгот од 1,6 милијарди денари е намален на 800 милиони денари, односно за половина.

Сепак овие бројки не се доволни за нас и постојано работиме на тоа да имаме што помала листа на должници, Знам дека секогаш, кога и да ја објавиме, предизвикува огромен интерес кај јавноста. Имаме компании или должници коишто се неконтактибилни па бараме соодветни решенија. Ги имаме инструментите за присилна наплата, но одиме со оние, така наречени, меки механизми пред да стигнеме до фазата за присилна наплата.

Како го оценувате повратот на ДДВ кон компаниите? Како оваа мерка влијае на работата и на новите инвестиции на компаниите?

Ја сум задоволна од спроведувањето на оваа мерка, бидејќи роковите што треба да ги испочитуваме согласно законот, ние ги почитуваме максимално, освен таму каде што има контроли кои треба да завршат за потоа да се вратат средствата од данокот назад.

Порано имаше една поинаква перцепција за повратот на данокот кога имавме компании коишто чекаа со месеци или со години, и бил механизам за најразлични други случувања. Сега сметам дека доколку ние бараме да има редовна наплата од страна на компаниите, треба да имаме и ние доблест да ги извршуваме обврски. Имаме еден партнерски однос. Имаме одредено чекање, но сепак тоа е во разумна рамка за враќање на тој поврат.

И податоците се повторно позитивни. Извршивме поврат од 44, 7 милијарди денари, односно 727 милиони евра минатата година. Ако ја споредиме оваа бројка со 2021 имаме 43,03% повеќе поврат на ДДВ, односно 72,3% повеќе во однос на 2019 година.

Овој тренд ќе продолжи и понатаму затоа што тоа е и дел од антикризниот пакет ако знаеме дека редовноста на повратот ќе овозможува и развој на стопанството, ликвидност и секако функционирање на сите општествени текови во државата.

Зошто се одложи донесувањето на новиот данок на екстра добивка? Дали дополнителните консултации одат во насоката што ја очекувате?

Мерката ќе биде еднократна и законското решение се формира вез анализата на податоците за 2022 година. Ние ги доставивме податоците до Министерството за финансии и повеќе од 100-тина фирми ќе влезат во тој турнус. Имавме споредбени искуства со ваков модел во Хрватска, Велика Британија, Италија. Разговаравме со сите засегнати страни. Бевме и на одделни состаноци со претставници на политичките партии за да го слушнеме и нивното мислење. Има неколку критериуми. Секоја компанија којашто има над 10 милиони евра добивка за 2022 година, односно има за 20% повисок профит во споредба со претходните 4 години ќе влезе во оваа рамка на еднократно оданочување.

Ефектот ќе го видиме со тоа што делот тие средства коишто ќе се соберат ќе одат во фондови спречување или намалување на штетите од кризата. Ова не значи дека ние сакаме дополнително да ги оптеретиме компаниите, туку сакаме да ја поткренеме уште повеќе општествената одговорност којашто треба да ја има секој чинител во рамките на општеството.

Најавивте борба со сивата економија, одноно даночното затајување, со е-фактури? Може ли накратко да ни ги претставите очекувањата од оваа мерка?

Навистина сум среќна и задоволна што тој проект ќе го види светлото на денот. Работиме интензивно. Има посебна работна група со Министерството за финансии.

Тоа е еден мал сегмент од борбата против сивната економија, но за УЈП ќе биде од голема важност да го намалиме процентот на даночно затајување. Ќе се намали просторот за било каков субјективизам и приемот, обработката и сите други активности ќе одат електронски. Ќе нема можност за бирократски лавиринти. Човечкиот фактор ќе го намалиме и со тоа ќе ги намалиме сите оние појави коишто придонесуваат за развивање на сивата економија, не само кај нас, туку генерално секаде. Со тоа што ќе се овозможи дигитализација ќе се намали можноста и до „милиметар“ ќе може да ги гледаме фиктивните фактури и со тоа ќе застанеме на патот на многу компании што сметаат дека со ДДВ пријави најпрвин со 0, а потоа со барање на поврат и слично ќе можат повторнио да влезат во овој систем. Тоа ќе се намали максимално.

Имате проекција кога би почнала примената на оваа мерка?

Нашата тенденција е тоа да почне на 1 јануари 2024 година. Тоа значи дека мораме максимално да работиме и да го оствариме ова.

Едно прашање како заменик претседателка на СДСМ: Дали сте оптимист дека ќе бидат донесени уставните измени за да влезат во нова фаза преговорите со ЕУ?

Апсолутно – да. Јас во сите наврати досега кога зборувавме за овој европски пат сум голем оптимист. Тоа е стратешка, државотворна цел којашто мора да ја оствариме. Ние сме општество коешто многу долго беше во чекална и сега веќе ја имаме таа шанса, ги спроведуваме сите процеси што се неопходни и сметам дека сите пратеници треба да шанса на овој вистински процес. Ние немаме друга опција освен европската перспектива и мислам дека прогресивните сили, оние кои што ѝ мислат добро на државата треба да ја дадат поддршката за уставните измени.

Доколку тоа не се случи ние повторно ќе се вратиме назад. Јас не сакам ни да помислам дека нема да успее оваа приказна. Во неа треба да сме сите заедно, да ги надминеме сите пречки заедно и да бидеме ветер во грб еден на друг во рамките на политичкото функционирање.

Снимател: Алек Ризински, Фотографии: Ангел Ангеловски, Монтажа: Аријан Мехмети

 

Извор: racin.mk

Latest Posts

Не пропуштај