Последни написи

Реконструкција на Влада: „АА ја доби Правда, бидејќи нема свои судии и обвинители внатре и нема луѓе кои треба да ги штити“

Нова енергија или нови проблеми? Вчера започна седницата во Собрание на која треба да биде изгласан новиот владин кабинет, после реконструкцијата што ја најави премиерот Димитар Ковачевски. Според него, тоа ќе внесе нова енергија и ќе се стави крај на манипулациите за предвремени избори. Премиерот е дециден дека ваквите промени во извршната власт не се мотивирани од тесно партиски интереси на ниту една партија во Владата. За разлика од него, опозицијата реконструкцијата ја оцени како „политичка проституција и корупција и праша која е поентата да се оди на избори ако сите сакаат да се во иста влада“, барем според зборовите на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.

Експертската јавност смета дека составот на новата Влада ќе зависи од гласањето во законодавниот дом. Според политичкиот аналитичар Петар Арсовски, реконструираната Влада најдолго ќе издржи до изборите, а потоа „зависи“.

-Треба да видиме како ќе се одвива гласањето во Собрание. Ако мнозинството се задржи или дури се зголеми, ќе има некаква стабилизација, но доколку биде исто или се намали, тогаш ќе се дестабилизира ситуацијата, потенцира Арсовски во разговор за „Локално“.

Аналитичарот е дециден дека единствената поента на Владата во наредните 18 месеци треба да биде борбата за уставните измени.

-Не гледам што друго би можела да направи бидејќи кое и да е прашањето, одговорот е продолжување на преговорите со ЕУ. Сакаш спас од економската  и енергетска криза – отвори ги побрзо Поглавјата. Сакаш подобро владеење на право – отвори ги Поглавјата што побрзо итн. Нема една единствена варијабла која може да се случи на Македонија и повеќе ќе влијае за добробит на општеството од продолжување на преговорите со ЕУ. Тоа мора да биде врвен приоритет, појаснува тој.

Околу терминот „европски блок“ Арсовски смета дека е флоскула, бидејќи замена на една албанска партија во Влада со друга, не ги менува бројките за европско гласање.

-Дури и Алтернатива која вчера излезе од Влада, вели дека ние ќе гласаме за уставните измени. Така да во таа смисла тоа не се менува. Се менува дали тие можат да направат функционално Собрание по други прашања. Инаку борбата за уставните измени е посебна и без ВМРО-ДПМНЕ не бива, објаснува аналитичарот.

И поранешниот пратеник Зуди Џелили се согласува дека оваа Влада ќе истрае до крајот на мандатот.

-Бидејќи имаше сугестии од надвор и околностите во соседството беа такви, требаше да има постабилно мнозинство во Владата и затоа Алијанса за Албанците имаше посети на разни фактори од разни партии и одлучија да помогнат во ситуацијата. Мислам дека Владата ќе истрае до крајот на мандатот, вели Џелили за „Локално“.

Смета дека се потребни уште 6 пратеници за да се дојде до потребната бројка за внесување на Бугарите во Уставот.

-Мислам дека сега кога ќе се види дека бројот на пратениците кои ја поддржуваат агендата за ЕУ, ќе биде поголем. Мислам дека 74 пратеници се изјаснија дека се за оваа интеграција и тогаш полесно ќе биде да се најдат уште 6 или пак целосно ВМРО-ДПМНЕ ќе ги прифати уставните измени, со услов пред крајот на мандатот да има техничка Влада по Пржинскиот модел. Требаше прво да се направи поголемо мнозинство од 64 и после да се впуштат во разговори за да се постигне бројката од 80 пратеници за менување на Уставот. Алијанса за Албанците во Владата ќе помогне околу Поглавјето 1 од преговорите со ЕУ, каде што прва точка е борбата против корупцијата и организираниот криминал. Можеби затоа АА го доби министерството за правда, бидејќи нема свои судии и обвинители внатре и нема луѓе кои треба да ги штити во тие процеси на злоупотреба, оценува поранешниот пратеник.

Џелили порачува дека Владата сега е максимално подготвена за остварување на своите цели.

-Мислам дека Владата и европскиот блок се спремни и ќе ги остварат зацртаните цели. Сите сме се изјасниле дека друг пат нема и мора да се оди по него. Мислам дека ќе се рефлектира и најголемата опозициска партија, така да овие проблеми мислам дека треба да се решат за да ги почнеме преговорите со ЕУ. Унијата постојано ни помага со финансиски средства, така да не очекуваат подобри времиња и затоа треба сите да се ориентираме како треба и да ги оставиме на страна партиските незадоволства од разни групации, ни кажа Џелили.

Н.П.

Извор: lokalno.mk

Latest Posts

Не пропуштај