Последни написи

Разговор со сопствениците на винаријата „Друм“: Имаме висококвалитетни вина бидејќи посветуваме многу време и внимание, како на виното, така и на насадот, и сето тоа го сработуваме со многу љубов

Во селото Драгобраште, оддалечено 10 километри од градот Виница, на патниот правец за Делчево и Берово и на надморска височина од 550 метри, се наоѓа семејната винарија „Друм“, која го добила името по истоименото место каде што се наоѓаат лозовите насади.

Разговаравме со сопствениците на винаријата, Драги и Бобан Петрови, за почетоците на оваа мала винарија, но со „зрело“ искуство во создавањето на висококвалитетни вина.

„Како дојдовме до идеја да се занимаваме со лозарство? Имавме една обработлива површина која не беше погодна за одгледување на житни култури, па така одлучивме да ја насадиме со винова лоза, одбравме квалитетни сорти и во 2009 година засадивме 7 хектари. Од првата берба почнавме да правиме вино, но во помали количини, а поголемиот дел од грозјето го пласиравме во винарии. Не требаше многу време да навлеземе подлабоко во винскиот свет, па така дојдовме до момент сами да го преработуваме целото грозје што го добиваме од нашите сопствени насади (10 хектари). Од сорти на грозје имаме вранец, мерлот, каберне совињон, смедеревка и совињон бланк.“, вели Петров.

Целото семејство е вклучено во работата околу лозовите насади и винаријата.

„Поголемиот дел од работните обврски на насадот и винаријата ги вршиме сами, односно вклучено е целото семејство, а ангажираме работници по потреба во берба, резидба на зелено и сл.
Имаме високо квалитетни вина поради тоа што посветуваме многу време и внимание како на виното така и на насадот и сето тоа се сработува со многу љубов. Исто така имаме прекрасно поднебје за одгледување на винова лоза со многу сончеви денови и идеална надморска висина на самиот насад (600м.н.в)

Од вината произведуваат Вранец, Мерлот, Каберне Совињон, Смедеревка, Совињон Бланк, Розе и Куве (вранец/мерлот), а со оглед на тоа што се на почетокот на промоција и продажба на нивните вина, задоволни се од пласманот, а задоволни се и од тоа како нивното вино е примено од купувачите.

„Задоволни сме од пласманот, но секогаш може подобро, со оглед на тоа дека етикетите ни се стари не цела година, почнавме супер, потрошувачите се задоволни од квалитетот, а тоа секако ни е многу важно. Имаме користено средства од државата, секоја помош во делот на опрема е важен за да се модернизира и олесни производството, како во производството на грозје така и за потребите на една винарија.“, вели Петров.

Во наредните 3 години планираат да подигнат нов насад со бели сорти грозје и да го зголемат капацитетот во производството на вино, кој моментално е до 30.000 литри.

 

(Извор: Agrotim.mk)

Latest Posts

Не пропуштај