More

    Предлогот за реконструкција на Владата пред пратениците, Алтернатива оди во опозиција

    Денеска е на дневен ред на 104. седница на Собранието e предлогот за реконструкција на Владата, чиј кабинет се проширува со кадри од Алијанса за Албанците (АА), а се намалува со тие од „Алтернатива“.

    На седницата закажана за попладне во 15 часот ќе се расправа и одлучува за избор на четворица нови министри и петмина заменици министри, по одлуката за влез на АА во владиното мнозинство. Во пресрет на денешната седница, „Алтернатива“ ја соопшти одлуката на Централното претседателство дека ќе делува како опозиција, а претходно во петокот премиерот и лидер на СДСМ Димитар Ковачевски и претседателот на АА Арбен Таравари ги заокружија преговорите за соработка, пренесува МИА.

    Претседателот на „Алтернатива“ Африм Гаши вчера по седницата на Централното собрание најави дека тројцата пратеници од оваа партија ќе дејствуваат како опозиција, нивните функционери ќе се повлечат од функциите, но доколку има уставни измени ќе гласаат „за“.

    Гаши, соопштувајќи ја одлуката да излезат од извршната власт, рече дека нивните довчерашни партнери ја преминале и последната етичка линија и немале трпение да ја почекаат одлуката на Централното собрание. Нивната забелешка е поради тоа што сметаат дека во јануари 2022 „Алтернатива“ придонела за стабилизација на Владата предводена од СДСМ.

    Според Гаши, СДСМ не го спровела во целост својот дел од договорот кога Алтернатива во јануари овозможи стаблизација на Владата.

    -На крај тие – еднострано, речиси брутално – го раскинија договорот и решија да го поделат патот со нас, вклучувајќи друга партија во парламентарното мнозинство. Ова говори многу, за жал говори лошо, за нив и не само за нив како партија, како субјект на кој не му е гајле за раскинување на договори и не ги почитува оние кои му го спасија животот, туку ова говори многу лошо и за земјата која цели кон европските вредности. Ако СДСМ оцени дека европските стандарди се кршење на договорите, ова е многу лоша вест за Северна Македонија, рече Гаши.

    Со Предлогот за реконструкција на Владата, тројцата министри од Алтернатива, за здравство, за информатичко општество и администрација и за дијаспора треба да бидат разрешени и заменети со кадри од Алијанса за Албанците. Истовремено треба да се констатираат и оставките на министрите за правда Никола Тупанчевски од СДСМ и за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини од ДУИ, кои остапуваат по едно министерско место.

    Разрешувањето на министрите е прва точка на 104. седница на Собранието, по што следи изборот на новите кадри – Кренар Лога за правда, Фатмир Меџити за здравство, Азир Алиу  за информатичко општество и администрација, сите тројца од редовите на АА, како и на Каја Шукова од СДСМ.

    Кренар Лога, кој доаѓа на местото на Тупанчевски, е дипломиран правник и магистер по дипломатија, со работно искуство како извршен директор во Институтот за јавна политика Арбен Џафери, раководител на Сектор за човечки ресурси во Државното правобранителство, заменик директор на Управата за финансиска полиција.

    Министерот за здравство Беким Сали од Алтернатива треба да биде заменет со д-р Фатмир Меџити, специјалист невролог во Универзитетската клиника за неврологија, додека позицијата на Адмирим Алити во МИОА се остапува на Азир Алиу, доктор по информатички науки на Природноматематичкиот факултет при УКИМ кој има работно искуство како професор на Универзитетот на Југоисточна Европа, и во приватниот сектор.

    Шукова, која е предложена за министер во животна средина и просторно планирање, е актуелен држевен секретар во овој ресор. Таа е инженер технолог со работно искуство во МЖСПП и во приватниот сектор.

    По изборот на министрите треба да се гласа за нови заменици министри во ресорите одбрана, правда, земјоделство, образование и здравство, откако ќе бидат разрешени Башким Хасани од функцијата заменик министер за одбрана, Абдулќушур Абедини од заменик министер за земјоделство и Лулзим Алиу од заменик за образование.

    За заменик министер за одбрана е предложен Тирон Јајага од Алијанса за Албанците, а од редовите на оваа партија е и Вјолца Бериша за заменичкото место во земјоделство, шумарство и водостопанство. Предлогот на Ковачевски за заменик министер за правда е Викторија Аврамовска-Мадиќ од СДСМ, која доаѓа на местото на Агим Нухиу од ДУИ, кој пак ќе ја продолжува политичката кариера како заменик министер за обарзование и наука. Ќе се гласа и за предлогот заменик министер за здравство да биде Маја Манолева, која треба да го замени Владимир Рендевски, кому треба да му биде констатирана оставка.

    Премиерот Димитар Ковачевски очекува конструктивна дебата во Собранието и усвојување на неговиот предлог од мнозинството во Собранието за Владата да продолжи на остварување на програмата кшто ја има зацртано до редовните избори во 2024 година.

    Според Ковачевски, за Алтернатива вратата во Владата останува отворена.

    -Алтернатива има исти стратегиски цели како што има и владината коалиција. Тоа се потврди и при усвојувањето на важните одлуки за отворање на преговорите со Европската унија. Во текот на изминатиот период имав редовни разговори со претседателот на Алтернатива на кои кажавме дека со оглед на проширувањето на владиното мнозинство, треба да дојде до одредено кадровско рекомпонирање во Владата и во одредени институции. Низ тие разговори беа побарани одредени барања од страна на Алтернатива за кои тие разговараа во текот на четврток и петок, изјави вчера Ковачевски за ТВ Канал 5.

    За СДСМ, наведе партијата во соопштение, со вклучување на Алијанса како нов коалициски партнер во Владата се обезбедуваат сите услови за политичка стабилност, унапредување на владеењето на правото и борбата против корупцијата, како и зголемена ефикасност на Собранието и институциите.

    -Владата и парламентарното мнозинство посветено ќе работат на забрзана европска интеграција, порачаа од владејачката партија.

    Пратеничката група на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, како што најави нејзиниот лидер Христијан Мицкоски, претпладне во 10 часот ќе има координација на која ќе го договорат настапот на седницата за владината реконструкција.

    Портпаролот  Наум Стоилковски, на прес-конференција оцени дека со овој избор на нова влада со рок од неполни 10 месеци, државата во услови на енергетска, економска, финансиска, должничка, криза нема да добие никаков квалитет туку „единствено се пополнуваат редовите во Собрание за задржување на тенкото мнозинство“.

    -Предлог листата за нови министри и заменици во владата е вистинска „Пазар 3“ листа за спас на владата на Ахмети и Ковачевски, продолжување на рокот за криминал, тендери, кризи и порази за Македонија, рече Стоилковски, критикувајќи ги одделно предложените кадри.

    По објавата на предлогот за реконструкција на Владата од Демократскиот сојуз, партијата коалициски партнер во власта, побараа со програмските барања на АА да бидат информирани партиите и јавноста. Од ДС, посочија дека не се подготвени да поддржат нов партнер во Владата доколку, како што соопштија, се заканува со дестабилизација, радикализација и реорганизација на државата, делејќи ги граѓаните по етничка основа околу најавените уставни промени.

    Демократскиот сојуз истовремено ги афирмираше приоритетите за кои и досега имаше усогласени ставови со СДСМ, но, потенцира дека за нивната реализација досега ништо не е направено.

    Предложената реконструкција на Владата е прва во мандатот на Ковачевски, а според собранискиот Деловник, нема ограничувања за времетраењето на дебатата.

    Извор: civilmedia.mk

    Exit mobile version