More

    Нова енергија и крај на приказните за брзи избори: Ковачевски за реконструкцијата

    Две работи се важни со реконструкцијата на Владата за која денеска почна расправа во Собранието: тоа ќе внесе нова енергија и ќе ги заврши приказните за предвремени избори. Премиерот Димитар Ковачевски во говорот објасни дека се создава обединување на политичките сили во проевропски фронт, додека наспроти него останува „ВМРО-ДПМНЕ и неговите инструктори од Левица“, кои не гласаа за ратификација на договорот со Фронтекс. Ковачевски не беше „учтив“ кон вмровските пратеници, велејќи дека тие секогаш гласаат против кога земјата треба да оди напред, но повика партиите да бидат политички ривали, а не непријатели.

    „Очекувам реконструкцијата на Владата да внесе нова енергија во реализација на мерките и политиките на Владата. Важно е што со ова парламентарно мнозинство ставаме точка на сите лаги и манипулации кои ги лиферува опозицијата за можни предвремени избори. Денеска зборуваме за вистински важни работи, правиме промени и тоа е добро, не треба да се плашиме од промени. Потребно ни е стабилно мнозинство кое ќе овозможи брз развој и напредок, кое ќе овозможи да одблокираме важни закони за граѓаните без да мора да чекаме опозицијата да одлучи дали граѓаните и нивната иднина се поважни од нивните дневнополитички интереси. Денес зборуваме за обединување по европското прашање каде што ВМРО-ДПМНЕ вечно останува изолирана и против државните интереси“, рече Ковачевски.

    Фото: Б. Грданоски

    Ковачевски им се заблагодари на министрите и другите функционери на Алтернатива за нивното досегашно учество во Владата, дека жали што си заминале и рече дека вратата за нив е отворена.

    „Алијанса ја прифати одговорноста за поддршка на европскиот фронт, место има за сите ако се сака и ако се прифатат натпартиските интереси. Место има и за Алтернатива, како што тие самите знаат. Место има и за сите добронамерни поддржувачи на европската иднина на државата“, оцени премиерот.

    Според него, не може да има поделби на „наши и ваши“, на Албанци и Македонци бидејќи и успехот и грешките имаат име и презиме. „Затоа новото окрупнето парламентарно мнозинство ќе најде стабилност, извесност, активна поддршка на одлуките и реформите важни за остварување на европскиот пат, остарување на полноправното членство во ЕУ, стратешкото партнерство со САД, остварување на програмата на владата, зајакнување на економијата, борбата против криминалот и корупцијата“, нагласи Ковачевски.

    Фото. Б. Грданоски

    Тој рече дека како премиер немало да дозволи ситуација во која граѓаните ќе се „будат и живеат во неизвесност, грч и размислувања, дали ќе не биде или не, дали ќе има плати и пензии, струја и храна и дали ќе се движиме кон безредие  и хаос“. Според него, тоа го сакале многумина и дома и надвор: „Има луѓе и структури, кои сакаат хаос, затоа што така најлесно функционираат! Научени да крадат, да не работат, да ловат во матно и потоа да бегаат надвор, со пари на странски сметки, со фамилии во странство. Е тоа го прават ВМРО-ДПМНЕ и нивните инструктори од Левица! Блокади на закони, кочници на сите страни, странски антидржавни интереси, хаос и безредие, навреди и евтин антидржавен популизам“.

    Отсуството на ВМРО-ДПМНЕ во салата кога се ратификуваше договорот со Фронтекс Ковачевски го искористи за да ја обвини опозицијата дека работи на растурање на македонското ткиво. „За жал, македонската опозиција продолжи да стои во деценискиот филм на криминал, борба за фотелји, ефтин и опасен популизам и растурање на македонското ткиво! Јас за тоа можам искрено да жалам, а граѓаните и историјата ќе судат! Од тоа бегање нема“, рече тој. (Н.В.)

    (Извор: Независен.мк)

    Exit mobile version