More

    Деевропеизација на Македонија

    Пишува: Атанас КИРОВСКИ

    Македонија како да почнува да ја губи битката со лажните вести и пропагандите на странски центри на моќ. Бројот на македонските граѓани кои сметаа дека членството во ЕУ за Македонија би била добра работа е паднат на историски најниски 49%, според последното истражување на Брима Галуп за Еуротинк. Оваа бројка, според истите истражувачи, есента 2021 изнесувала над 70%, што значи дека станува збор за драстичен пад на поддршка на политиките за интеграција во ЕУ. Кај етничките Македонци ситуацијата е уште подрастична : 42% од испитаниците сметаат дека членството во ЕУ не би била добра работа, наспроти 37% кои сеуште сметаат дека за Македонија е добро да биде членка на ЕУ! Кај етничките Албанци, поддршката за членство на Македонија во ЕУ е и натаму висока и изнесува 84%.

    Во македонската јавност беше изразен сомнеж во методологијата на анкетата и таа беше споредувана со онаа на ИРИ. Но,  според мене, најисправно е истражувањето на Еуротинк да се споредува само со претходните истражувања на Еуротинк, за да може да се извлечат податоци за трендови, бидејќи истражувањата на јавното мислење се прават да покажат трендови, и таа е смислата на објавувањето на бројките. Независно дали падот на довербата во ЕУ изнесува над 20%, или таа бројка е можеби нешто помала, несомнено е дека во Македонија е присутен тренд на сериозно опаѓање на популарноста и довербата во ЕУ.

    Еден од највлијателните аналитичари за состојбите на Балканот, и поранешен советник на американската влада за Југоисточна Европа, Јануш Бугајски во својот последниот телевизиски настап изјави дека „Русија има намера да го искористи Балканот не само за да го одвлече вниманието на САД и НАТО од помошта на Украина, туку и за да создаде нови проблеми, односно „внатрешен фронт на НАТО“. Бугајски вели дека за оваа цел, Русите користат субверзивни методи на хибридни закани, дезинформации, корупција и дестабилизација на етничките односи. За овие политики, Русија има сојузник во Србија на Александар Вучиќ, и како и секогаш во Република Српска, но дека Москва работи на тоа активен сојузник да и стане и Бугарија. Бугајски смета дека Русија на Бугарија гледа како на помал брат, и дека преку неа се обидува да ги поткопа САД, НАТО И ЕУ во регионот, и дека посакува формирање на проруска влада, а бугарскиот претседател Румен Радев веќе е проруски настроен.

    Но, за драматичното опаѓање на поддршката на долгорочната стратегиска цел на Македонија, а тоа е членството во ЕУ, освен хибридните закани и дезинформациите, бездруго придонесоа и самите политики на ЕУ. Идејата дека идните членки на ЕУ не може со себе во ЕУ да внесуваат отворени конфликти и недоразбирања со соседите, е принципиелна и ефектна политика за решавање на меѓусоседски спорови. Но, од друга страна, таа политика во комбинација со правото на вето на секоја земја членка доведува до максималистички барања, па и изживувања врз помали соседни земји, како што беше грчкото барање за промена на името Македонија, и сега отворено негирање на постоењето и идентитетот и јазикот на македонската нација како што тоа го прави Бугарија. Со  услов бугарскиот народ да стане конститутивен и наведен во Уставот, за да запре „дебугаризацијата“ во Македонија. Во геополитиката, големите сили и сојузи застануваат секогаш на страната на своите членки, а најчесто и на страната на посилниот, па ЕУ и Франција испорачаа предлог за надминување на бугарско-македонскиот спор кој повеќе води сметка за бугарските барања, желби и амбиции, отколку за принципите на меѓународното право.

    Не постои во меѓународното право да признаете сувереност и независност на една држава, а да не го прифатите постоењето на нејзината нација и јазик, на пример, или брутално да се мешате во нејзините внатрешни работи. Македонската влада го прифати предлогот за да се стави крај на бугарското вето за почетокот на преговорите меѓу Скопје и Брисел. Но, цената што се плати за тој компромис е огромна. Прво, мнозинството Македонци го сметаа за непринциелен, па дури и навредлив за Македонците, а второ, уследи многу бргу, откако Македонија направи компромис за промена на името, за кој функционери на самата ЕУ велеа дека е единствената и последна пречка за стартот на преговорите за членство меѓу Македонија и ЕУ.

    После сè што се случи на релација Скопје-Брисел, и како се однесува Софија, можеби и не треба да зачудува што само 17% од македонските граѓани сметаат дека односот на ЕУ кон Македонија е пријателски, фер и коректен, додека огромни 65% сметаат дека односот на ЕУ кон Македонија е нефер, надмен и уценувачки. „Францускиот предлог“ и нанесе огромна штета на европската агенда на Македонија, и уште повеќе на имиџот на ЕУ во Македонија, што во поголема или помала мерка го покажуваат сите истражувања. На вакви можни последици укажуваа голем број тинк-тенк и невладини организации, кои беа специјализирани за истражувања на европските политики и на македонските амбиции за членство во ЕУ. Но, и оние што ја бранеа политиката на Владата да го прифати францускиот предлог, сметаа дека Македонија нема да има капацитет да се избори за подобар, и дека иако предлогот е лош, неговото отфрлање би било многу полошо за иднината на државата.

    Оттогаш наваму, бугарско-македонските односи се влошуваат безмалку на дневна основа, за што придонесе и отворањето на бугарските клубови „Ванчо Михајлов“ во Битола и „Цар Борис Трети“ во Охрид, чии имиња за голем дел од македонската јавност претставуваат провокација. Претепувањето на секретарот на бугарскиот клуб во Охрид Христијан Пендиков ги доведе односите меѓу двете земји на најлошо можно ниво, и тоа во предвечерје на новите парламентарни избори во Бугарија, додека бугарскиот парламент на денот на неговото распуштање донесе декларација за Македонија.

    Настаните покажаа дека со прифаќањето на францускиот предлог односите на релација Софија-Скопје дополнително ескалираа, наместо да се релаксираат. Допрва треба да се види составот на идниот бугарски парламент и кој ќе ја формира новата бугарска влада, но безмалку е сигурно дека во идниот парламент ќе влезе „Преродба“ („Възраждане“) кои имаат отворени не само негаторски односи кон Македонија, туку и територијални претензии, што не е охрабрувачки.

    Сево ова, заедно со хибридните напади и ширењето дезинформации, лажни вести и нападите врз меѓуетничките односи, ја прават политичката состојба во Македонија многу сложена. Особено ако се земе предвид дека НАТО и ЕУ ја потценија руската моќ за да пенетрира со субверзивни дејности на југот од Балканот, а македонската влада не прави ништо, или прави сосема малку за да ги пресретне и да им се спротивстави на лажните вести и пропаганди, од кои бенефит имаат странски центри на моќ.

    (Авторот е долгогодишен новинар и уредник) 

    Извор:ima.mk

    Exit mobile version