More

    Ученици од МИГ протестираа пред МОН барајќи квалитетно образование

    Ученици од Математичко-информатичката гимназија (МИГ) кои неколку дена ја бојкотираа наставата, денеска излегоа на протест пред Министерството за образование и наука, незадоволни од изборот на професори по стручни предмети по огласот во нивното училиште.

    Тие се сомневаат во квалитетот на избраните професори, бараат оставка на директорката на МИГ и ревидирање на законскиот акт за избор на професори.

    Протестот го поддржаа и родителите на средношколците кои учат во МИГ кои сметаат дека гимназијата треба да ги задржи критериумите за квалитетна настава, каква што и била идејата при нејзиното основање.

    Од 23 јануари, кога почна второто полугодие, учениците во МИГ немаа настава по осум стручни предмети затоа што наставниците што им ги предаваат не ги држале часовите поради истечените договори на 31 декември.

    Согласно Законот за Математичко-информатичка гимназија, за ангажирање наставен кадар, односно надворешни стручни лица, по добивање на согласности од МОН, односно од Министерството за финансии, училиштето објави јавен оглас.

    -По завршување на рокот од последниот објавен оглас, разгледани се сите документи на кандидатите кои навремено доставиле комплетна документација. Изборот е извршен согласно критериуми за избор на стручни лица, согласно Критериуми за ангажирање на истакнати стручни лица по договор на дело. Само еден од наставниците кои досега беа ангажирани во училиштето како стручни соработници, не е избран повторно преку новиот оглас, велат од МОН.

    (Извор: 24инфо)
    Exit mobile version