More

    Aдем Алтан, авторот на фотографијата што го обиколи светот: Не можев да ги задржам солзите, прикажана e целата болка на турскиот и сирискиот народ

    На само една фотографија е прикажана целата болка што ја преживува турскиот и сирискиот народ по двата разорни земјотреси што ги погодија овие две земји – татко ја држи за рака својата 15-годишна ќерка, која е затрупана под рушевините на урната зграда.

    Адем Алтан, фотограф со 40 години работно искуство, од кои 15 за светската агенција АФП, по земјотресот веднаш ја напуштил Анкара и заминал кон местата погодени од разорните земјотреси. Најпрвин отишол во Кахраманмарас, каде што го нашол Месут Ханчер.

    -Го видов Месут Ханчер како лута меѓу урнатите згради во Кахраманмарас. Кога започнав да фотографирам тој седна на земја во близина на една од урнатите згради, додека луѓето се обидуваа да ги спасат своите роднини. Тој држеше нечија рака“, раскажува Алтан за „Аваз.ба“.

    Во многу потресен разговор Алтан истакнал дека не можел да ги задржи солзите. Сцените биле многу тешки.

    „Сликај го и моето дете, ми рече, ја пушти раката што ја држеше и ми ја покажа ќерката. Потоа повторно ја фати за рака. Страшна болка… Почнав повторно да фотографирам. Во исто време размислував „каква голема болка“… Бев толку тажен, не можев да ги задржам солзите“, вели Алтан.

    Откако направил доволно фотографии, Алтан повторно се вратил кај Месут.

    -Едвај зборуваше, дури и кога ми го кажа своето име, не можев да го разберам. Дознав дека се вика Месут Ханчер. Го прашав како се вика неговото дете. „Мојата ќерка Ирмак“, рече тој. Седеше на земја и ја држеше Ирмак за рака додека луѓето околу него ги бараа своите најблиски во урнатините на зградата.

    Тоа е голема болка… Останав таму два, два и пол часа. Морав да ги препратам фотографиите. Потоа заминав – ни рече Алтан.

    Кога се вратил наредниот ден на истото место фотографот не го нашол таткото и ќерката повторно.

    -Не ги најдов таму. Ирмак беше извлечена од урнатините. Мислам дека направив фотографија што ја раскажува целата болката предизвикана од земјотресот, вели Алтан.

    Фотографијата привлече големо внимание, како во Турција, така и ширум светот. Таа заврши на насловните страници на сите познати светски весници. Стотици луѓе ја споделија на социјалните мрежи. Алтан вели дека не го очекувал тоа.

    • Добив стотици пораки. „Многу моќна фотографија на која се гледа болката од земјотрес“, „Фотографија што нема да ја заборавиме додека не умреме“. „Фотографијата ни се врежа во сеќавањањата“, се само дел од коментарите што ги прочитав, вели Алтан.

    Спасувачките операции во Турција се уште траат. Многу луѓе се уште се под урнатините. Фотографот Алтан вели дека на овие луѓе најпотребни им се шатори, облека и храна, бидејќи многу е ладно.

    Во моментов на терен работат повеќе од 120.000 спасувачи и трагачи. Досега повеќе од 70.000 луѓе се евакуирани од регионите погодени од земјотресите, соопшти АФАД.

    Извор:brif.mk

    Exit mobile version