Последни написи

Лажните бомби: Стаклениот ѕвонец на „рускиот свет“

Непосредно пред „ограничената воена операција“ врз Украина, руските школувани кадри за сајбер војна ги нападнаа образовните установи во оваа земја, па и оние за претшколска возраст, со пораки за поставени бомби. Вистинските бомби дојдоа потоа. Опомената кон Србија и Македонија за „нелојалноста“ дојде лани, најпрвин кон учениците, а потоа и кон другите установи. Во Црна Гора и БиХ заканите прво беа кон институциите, а потоа се свртеа кон училиштата.

ЉУБОМИР КОСТОВСКИ

Дали знаете дека нападот на Русија врз Украина започна со едномесечни лажни јавувања за бомби во основните училишта? Веројатно – не. Но попладнето на 24 јануари 2022 година, илјадници наставници и ученици беа евакуирани поради анонимна дојава за подметнати бомби во училиштата низ градот Чернихив, сега и нам познат по воените дејствија, кој имаше околу 285.000 жители. Децата во предучилишна установа во центарот на градот спиеле кога се вклучил алармот. Да, токму така, од алармот не биле исклучени ниту оние кои биле дел од воспитниот процес на најмладите! „Ја добивме пријавата и набрзина ги изнесовме сите деца и вработени од зградата“ – изјави тогаш директорката на предучилишната установа бр. 26, Викторија Олексиенко за РСЕ – „Ни требаа околу шест минути да ги извадиме сите деца. Тие спиеја и брзо ги облековме и ги извадивме. После тоа ги повикавме сите родители кои дојдоа да ги земат своите деца.“

„Трчав да си го земам детето, за малку ќе паднев“, вели жителка на Чернихив кој побара да биде идентификувана како Тетјана. „Бев преплашена. Ми се јави наставничката и ми рече дека морам веднаш да го земам детето. Таа не ми кажа за што се работи и веднаш помислив на најлошото.“

Така, преку лажните аларми од овој тип, што ја зафатија цела Украина во време на зголемени тензии меѓу Украина и Русија, се најавија руските тенкови. Не многу подоцна, само за еден месец сè стана јаве – руските трупи го зазедоа овој град, за да го напуштат во првата контраофанзива на војската на Украина, во април минатата година. Но, жителите на градот веќе претходно беа станаа жртви на еден друг тип на активности кои тогаш и кијивската разузнавачка служба СБУ го опиша како „хибридно војување“. Според оваа служба (СБУ) уште во 2021 година имало повеќе од 1.100 лажни закани за бомби во училиштата низ целата земја. Само во првите три недели од 2022 година имало 300 случаи во речиси секој град на државата која тогаш имаше 44 милиони жители.

Сите 20 училишта во Славјанск, град во регионот на Доњецк со околу 100.000 жители, кој претходно беше ослободен, откако накусо беше заземен од сепаратистите во 2014 година, биле тероризирани почнувајќи од 25 јануари, со закани од бомби кои се покажаа дека се лажни. Потоа дојдоа вистинските бомби…

Анализата на СБУ за лажните бомби е актуелна и тогаш, и сега

Напливот на лажни аларми е руска разузнавачка операција, стои во анализата на СБУ во извештајот објавен на 21 јануари минатата година, во кој се вели дека повеќето од заканите се поврзани со извори во Русија или делови од источна Украина кои ги држат сепаратистите поддржани од Москва. Мал број закани дошле од поединци во самата Украина, кои биле имитатори на странски предизвикувачи на стравот.

„Целта на специјалните служби на агресорот е јасна“, се тврди во тој извештај на СБУ. „Да се направи дополнителен притисок врз Украина и да се посее тревога и паника во јавноста. Користен бил софистициран софтвер кој прикрива од каде и од кого доаѓаат заканите.“

Да се потсетиме дека САД, Украина и други земји тогаш велеа дека Русија собрала повеќе од 100.000 војници во близина на границата со Украина и дека подготвува нова инвазија. Кремљ тогаш ги негираше намерите за инвазија против својот сосед. Стравот во овие и други градови од границата со сепаратистите беше поголем заради тоа што тие минаа низ воени дејствија и во 2014 година, кога загинаа 13.200 луѓе.

Дека Русија е извор на оваа хибридна војна покажува и фактот дека таа е масовен корисник на методата. Впрочем, во Санкт Петербург постои специјален баталјон кој се занимава со хибридна војна и сајбер напади, истакна неодамна претседателот на Евроатлантскиот совет на Македонија, Исмет Рамадани во една дискусија.

„Мислам дека е јасно дека сето тоа има еден извор, а тоа е Путиновата Русија, која шири страв во земјите каде што мисли дека може да влијае со хибридна војна, односно со најави за бомби“, вели Рамадани.

Цел: да се спречат интеграциите на Балканот кон Западот

Хибридните напади се закани кои имаат за цел да наштетат или да влијаат на нечија репутација и статус, без разлика дали се работи за поединец, колектив, институција или држава. Тие се комбинација на воени и невоени средства, вклучувајќи дезинформации, сајбер напади, економски притисок и низа други закани.

Професорот по безбедност Стеван Буџаковски оценува дека „поединечните политички субјекти, без разлика дали се од Македонија или од соседните земји, користат современи методи на хибридни средства за дестабилизација за постигнување политички цели“. Тој додава дека не може да се исклучи тезата дека во заднина може да има центар кој има интерес да го дестабилизира Балканот и кој има интерес да го интегрира во ЕУ.

Според Исмет Рамадани, новата безбедносна криза во Косово може да се поврзе со други обиди за дестабилизација на регионот преку различни хибридни напади. „Имаме дополнително вклучување на меѓународен фактор во тој дел и се надевам дека нема да дозволат да се отвори нова жешка точка“, вели Рамадани.

Во исто време, македонските институции и нивните системи, како и веб-страниците беа цел на кражба на податоци и хакерски напади. Последниот е од средата, 8 февруари, со хакирање на Фондот за здравство! Во Албанија, локалните власти неодамна открија дека ирански хакери стојат зад нападот на албанската кибернетска мрежа и постојаното објавување мејлови и документи на високи функционери.

Исмет Рамадани смета дека Северна Македонија и Албанија, доколку не беа членки на НАТО, ќе поминеа уште полошо. Рамадани ја гледа слабата ИТ инфраструктура на земјите од регионот како причина зошто хибридните закани траат толку долго, а сторителите не се откриваат.

„Албанија и Македонија се веќе поврзани со професионалната инфраструктура (во НАТО) која треба да биде софистицирана одбрана од овие напади, но ние како држава сè уште немаме развиена инфраструктура за спротивставување и користиме совети и знаење“, вели Рамадани.

Како членка на НАТО, Северна Македонија има обврска да подготви институции и да ја зголеми отпорноста кон хибридните закани, а за таа цел во 2021 година беше донесена Националната стратегија за градење отпор и справување со хибридни закани.

Како земја сме на врвот на вестите за лажни напади со бомби на училишта

Но со нападите на училиштата кои се обновуваат деновиве, а кои се поклопуваат со започнувањето на второто полугодие (имаше подолга пауза заради продолжениот распуст) јасно е дека тие, освен сеење на страв кај наставниците, учениците и родителите, имаат цел го рушат рејтингот на власта! И тоа не е никако за потценување.

Ако пробате на Интернет да пребарувате за лажните бомби во училиштата, нашата земја, според вестите, е на самиот врв! Оттука и нашиот интерес за оваа појава – во блиското минато жртви беа српските образовни установи, потоа и други места на масовно собирање (трговски центри, аеродроми, железнички станици и други објекти), додека во регионот Црна Гора и БиХ имаа јавувања за поставени бомби во одредени установи, главно судови или државни институции.

Да се потсетиме дека масовното користење на напади со лажни вести по училиштата во Србија беше во мај минатата година. Беше доведена во прашање регуларноста на учебната година! Но, факт е дека „епидемијата“ бргу се прошири, забележливо онаму до каде се простира т.н. руски свет. Овие активности можеби се поврзани со најавите за хакерски напади од страна на заменик генералниот секретар на НАТО, Мирчеа Јоанu, кој предупреди дека Русија може да се обиде да ја нападне критичната дигитална инфраструктура на Грузија и Босна и Херцеговина, како што направи кога ја нападна Украина, коментира воениот аналитичар, Неџад Ахатовиќ. Според него, првите информации укажуваа дека мејловите за бомби во училиштата во кантонот Сараево доаѓаат од рускиот домен.

„За да се постигне поголем ефект на паника, мета беа децата, што не е проблем за Руската Федерација, бидејќи тие не бираат средства да се справат со оние што ги чуваат на списокот на непријатели. Како што можеме да видиме, сајбер нападите, покрај дезинформациите и дигиталната шпионажа, се дел од нов тип на т.н. хибридна војна, која со користење на овие видови закани првенствено има за цел да создаде паника и атмосфера на терор и страв“, вели Ахатовиќ.

Припадниците на српските безбедносни служби идентификувале неколку земји од кои на адресите на јавните објекти во Србија се испраќаат заканувачки пораки и лажни пријави за бомби. Утврдено е дека осум такви закани дошле од Полска, четири од Гамбија, по две од Иран и Нигерија и по една од Украина, Словенија и Русија. Тие ги идентификуваа локациите на вкупно 19 мејл адреси од кои се добиваа заканувачки пораки за поставени бомби на различни локации во Србија.

Услугата на швајцарската „неутралност“

„Ова е хибридна војна“, изјави премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, за лажните пријави за бомби во таа земја во последните месеци. „Речиси е апсолутно невозможно да се открие од каде е бакшишот“, изјави македонскиот премиер на 13 декември, на новинарско прашање што се презема за да се пронајдат напаѓачите.

Полицијата досега соопшти дека до обвинителството се поднесени само кривични пријави против неколку малолетни лица, но тие се само дел од т.н. имитатори, а не дел од позначаен и помоќен, повеќеслоен сајбер центар.

Неофицијалните податоци посочуваа едно време дека мејлот со лажната дојава за бомба пристигнал од интернет платформа со седиште во Швајцарија (подоцна истата адреса се спомена и при сличен напад во Србија!). „Добредојдовте на подобар интернет каде приватноста и слободата се на прво место“. Ова е пораката на насловната страна на Протон мејл, веб платформа од кој според досега објавените принтскринови од мејловите на некои медиуми, се гледа дека се испратени пораките за лажните дојави за бомба во десетина скопски средни училишта.

Инженерот за информациска безбедност, Божидар Спировски, за медиумите вели дека станува збор за провајдер што физички работи во Швајцарија и се рекламира себеси како екстремно заштитен и гарантира приватност на корисниците на нивниот систем. Тој објаснува дека гаранцијата на приватност на корисниците не значи дека Протон мејл нема да се заштити од злоупотреба во вакви, како што рече, терористички активности. „Затоа што, на крајот на денот, ова е дефиниција за тероризам – закана со бомба. Така што, Протон мејл гарантира некаква приватност, но кога ќе стигнеме до вистинскиот проблем: ова е терористички чин за кој нашите власти преку Интерпол веројатно веднаш можат да побараат информации. Тие се викаат мета податоци – ИП (IP) адреси, од каде е дојдено, која временска зона, од каде стасал тој корисник, кој што на Протон мејл ја создал пораката која после стасала како закана“, вели Спировски.

Тој објаснува дека гаранцијата за приватност не значи и гаранција за целосна анонимност за да се тероризира населението. Спировски е уверен дека македонските власти ќе ги побараат потребните информации од Протон мејл и дека ќе ги добијат.

Истоштување на политичката кондиција на државата

Професорот на Факултетот за безбедност Злате Димовски во разговор за Радио Слободна Европа вели дека злоупотребата на сајбер просторот е нешто ново што ни се случува во периодов. На прашањето колку е тешко да се откријат сторителите, Димовски вели дека има надеж. „Земајќи предвид дека тој сајбер простор е многу широк и можностите навистина се разновидни, се надевам дека имаме капацитети, ова е надеж, дека ќе можеме да откриеме“, вели тој.

Но се доби впечаток дека властите како да здивнаа пред Нова година, кога учениците заминаа на одмор и кога нападите престанаа. Бидејќи не излезе ништо на повидок, а испитувањата се завршија со типичните аматери во сајбер криминалот, некако надежта се истопи.

„Ако се работи за терористички активности, односно ако се сака да се направи деструкција и евентуално истоштување на политичките сили, дефинитивно тоа ќе се постигне, тоа е едната страна на медалот. Другите цели би биле, дезорганизација на целиот систем, создавање на страв, создавање на паника, недоверба во институциите на системот, дополнително од онаа што и досега ја имаше. Ова се цели на екстремни групи“, вели Димовски.

Според изјавите на министерот Спасовски за ТВ Телма, во оваа фаза е познато од каде се пратени мејловите, и дека полицијата работи интензивно заедно со партнерските служби за да се дојде до сторителите.

Каде би ја нашле трагата на руското субверзивно дејствување во оној дел од регионот до каде се простира т.н. православен свет? Па, во фактот дека токму после руската инвазија против Украина, односно од март 2022 година, нападите со најави на (лажни) бомби се појави во Србија, Црна Гора и БиХ и тоа по следен редослед – деловни згради, потоа студентски домови и трговски центри, а кулминираа со закани кон училиштата. Во мај, српската полицијата направи проверка во вкупно 224 училишта, а во јуни во повеќе од 300, додека во целиот тој период на проверки наставата мораше да се одвива онлајн.

Дали ова не е форма на ставање на капак врз замислениот стаклен ѕвонец во кој тие држави треба да се најдат, заробени во рускиот авторитет? Ако се работи само за училиштата, би се рекло дека има некаква рефлексија од една земја (Србија) кон другите во регионот, но да се сетиме дека се работи и за напади врз институции (кај нас, упатени кон НБРМ, на пример), а тоа се случи во Црна Гора и БиХ, каде што, пак, најпрво беа нападнати институциите (судовите најмногу), а училиштата дојдоа на крајот!

Дали е нападнат само т.н. православен свет? Не, секако, бидејќи веќе ја споменавме Албанија, иако таму нападите доаѓаат од рускиот сојузник – Иран. Но сајбер нападите од почетокот на декември ја прават Италија посебна „жртва“ на сајбер напади. Таму се напаѓаат информационите системи на државата, додека бомбите се поставуваат кај амбасадите на оваа држава (закана со бомба во италијанската амбасадата во Атина, на пример), само што таму може да постојат два мотиви за напаѓачите – еден е Русија, која не очекувала дека новата власт во Рим ќе дава воена помош за Украина, но и мафијата која претчувствува дека нивниот шеф ќе биде фатен, односно се одмаздува, откако тој паѓа во рацете на правдата!

Слични напади, пософистицирани има кон другите членки на НАТО, но не се упатени кон создавањето на паника  (истата во тие земји веќе си постои по други, конкретни терористички закани), туку со атакување на битни институции. За тоа – во друга прилика.

Извор: civilmedia.mk

 

Latest Posts

Не пропуштај