Денеска, премиерот Димитар Ковачевски при посета на фармацевтската компанија „Бионика фармацеутикалс“, информираше дека Владата дава несебична поддршка кон малите, средните и големите компании.
– Ги скративме непродуктивните трошоци и редовно ги сервисираме обврските кон граѓаните и стопанството. Во 2022 година имавме рекорден износ од 430 милиони евра од странските директни инвестиции. 2300 нови работни места се отворени во компаниите во ТИРЗ. Со Законот за финансиска поддршка на инвестиции обезбедивме 23 милиони евра кон 410 компании за 27 илјади работници, рече премиерот, додавајќи дека беше усвоен и пакет од над 760 милиони евра за антикризните мерки.
Ковачевски додаде дека државата има највисока реализација на капиталните инвестиции од независноста досега.
-Работевме на одржливо стратешко домашно производство на храна и енергија. Сета оваа државна помош на компаниите им значи. Се бориме за секое работно место и за одржување на ликвидноста на компаниите, истакна Ковачевски.
Премиерот додаде дека ќе продолжи да се работи на зголемување на конкурентноста на домашните компании, за да работат со зголемени капацитети и зголемен квалитет на производствената линија. Во своето обраќање, Ковачевски заклучи дека 2023 е година на нови можности и изрази надеж преку конкурентноста на домашните компании да застанеме рамо до рамо со компаниите од регионот и пошироко.