Последни написи

ЕУ не прави притисок за уставните измени со 100-те милиони евра кои ги дава на Северна Македонија

Со макрофинансиската помош до 100 милиони евра, Европската комисија стои до Северна Македонија ублажувајќи ги последиците од руската агресија врз Украина, поврзани со снабдувањето со електрична енергија и економските импликации од истата и нема никаков притисок од ЕУ за уставните измени со помошта која ја даваат на Северна Македонија бидејќи уставните измени се наша обврска која сме ја презеле со прифаќањето на Францускиот предлог и која произлегува од преговарачката рамка, велат од Секретаријатот за европски прашања за ЦИВИЛ Медиа.

-Ова не е прв пат во време на криза да добиеме помош од Европската Унија. Секогаш ЕУ го правела тоа за нас и била со нас во тешки времиња. И тоа ја прави наш докажан пријател кој ја гледа Северна Македонија како кредибилен партнер и идна членка на големото европско семејство, велат од СЕП.

Според нив предложената помош од ЕУ ќе придонесе за покривање на финансиските потреби на Северна Македонија во 2023 и 2024 година, поддржувајќи ја и фискалната одржливост и структурните реформи.

Реформите ќе се однесуваат на политиките во областите на фискалното управување, даночната политика, управувањето со јавните инвестиции, јавно-приватните партнерства, деловното опкружување, транспарентноста во државната помош, енергетската ефикасност, реформите во судството и борбата против корупцијата. Ова директно помага во реализацијата на реформите кои несомнено ќе на приближат земјата кон членство во ЕУ, велат тие.

-Не треба да ја заборавиме солидарноста на ЕУ кон нејзините партнери кога се соочуваа со сериозни проблеми и поддршката на ефективни политики во време на криза без преседан, како справувањето со пандемијата на коронавирусот. Со пакет мерките на ЕУ, 160 милиони евра беа обезбедени за нашата земја, за да ѝ се помогне да ги намали економските последици од пандемијата на коронавирус. Како информација првата рата од 80 милиони евра беше исплатена во октомври 2020 година. Втората рата од 80 милиони евра беше исплатена во јуни 2021 година, по позитивната оценка од Комисијата за напредокот постигнат во однос на исполнувањето на условите на политиката поврзани со оваа помош, се вели во одговорот на СЕП.

Предлогот за помош на Северна Македонија, кој ја придружува 24-месечната програма за поддршка склучена со Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) до 530 милиони евра, ќе дојде во форма на заеми, кои ќе се исплатат во две транши.

Соња Танеска

Извор: civilmedia.mk

Latest Posts

Не пропуштај