Последни написи

Владата и Град Скопје со материјална и финансиска помош за настраданите во земјотресот во Турција

Премиерот Димитар Ковачевски најави дека Владата ќе испрати  итна помош во Турција по катастрофалниот земјотрес.

„Одржавме вонредна седница на Владата, на којашто ги донесовме првичните одлуки. Преку Министерството за одбрана се испраќаат 24 припадници на Армијата, меѓу кои и две лица водачи на службени кучиња со кучиња, 10.000 ќебиња и 200 санитетски носила. Од Дирекцијата за заштита и спасување се испраќаат 40 лица – припадници на републичките сили за заштита и спасување, со комплетна специјализирана опрема и материјално – технички средства за пребарување и спасување од урнатини, шест возила за транспорт на опремата и луѓето и две противпожарни возила“, објави Ковачевски доцна синоќа на неговата официјална Фејсбук страница.

Освен тоа, задолжено е Министерството за финансии до Владата да достави одлука за одобрување на средства од резервите на Буџетот на Република Северна Македонија за 2023 година, во износ од 6 милиони денари за помош на настраданите во катастрофалниот земјотрес. Задолженија има и до други институции меѓу кои и до Министерството за здравство, во рамките на своите надлежности, итно да подготви и до Владата да достави одлука за обезбедување помош во вид на медицински персонал, медицинска опрема и лекови.

„Сочувствуваме со нашите пријатели за ужасните последици од земјотресот и ќе преземеме сѐ што е можно во напорите за спасување животи од урнатините и поддршка на настраданото население“, порача премиерот Ковачевски.

И Градот Скопје денес на својата официјална страница истакна дека обезбедува финансиска помош за Турција и Сирија.

Советот на град Скопје, денес донесе одлука за доделување на парична помош за погодените подрачја од катастрофалниот земјотрес во Турција и Сирија во висина од 6 милиони денари.

Средствата ќе се уплатат преку сметката за хуманитарна помош на Црвен Крст на Македонија, а истите се обезбедуваат од ставката за непредвидени расходи на градскиот буџет.

Покрај тоа, вчера, Градот Скопје испрати и интервентна екипа на Противпожарната единица на Град Скопје за помош при спасувачката мисија во Газиантеп.

„Во меѓувреме сме во постојан контакт со локалните власти и стоиме на располагање за сите рања кои може да произлезат во рамки на спасувачката акција. Градот Скопје е град на солидарност!“- стои во известувањето од Град Скопје.

Latest Posts

Не пропуштај