Последни написи

Скопје со порака до Софија да прекине циклусот негативни односи

Треба да се остава што помалку простор на провокации чија единствена цел е нарушување на добрососедските односи. Северна Македонија во овие години покажа мудрост и зрелост да не потклекне на таквите провокации. Време е Република Бугарија да го прекине циуклусот на негативни односи што не е во интерес ниту на двете држави. Ова се пораките што вчера ги упатија премиерот Димитар Ковачевски и министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Премиерот Ковачевски вчера, одговарајќи на прашање за недоличните и навредливи коментари кон македонскиот народ од страна на бугарскиот европратеник Александар Јорданов истакна дека не треба да се остава простор на провокации, потсетувајќи дека и Владата и МНР реагирале со осуда на недоличното однесување, а, како што рече, реагирано е до бугарските власти и испратено е писмо до Европскиот парламент.

За провокациите смета дека доаѓаат од личности од политички партии кои не сакаат да го видат овој регион како дел од ЕУ и во тој однос вели дека не би требало дополнително да се коментира бидејќи Бугарија веќе е влезена во изборна кампања. Штом ќе завршат изборите, според него, таму ќе може да се воспостави понатамошен дијалог во однос на билатерални и мултилатерални проекти со владата што ќе ја имаат после изборите коишто ќе се одржат во првата недела на пролет.

Министерот Османи вчера говорејќи за тензиите со Бугарија, посочи дека двете земји во изминатите неколку години создадоа рамка низ која треба да се канализираат разликите, но, за жал, според него, комуникацијата е влошена поради честите изборни цикллуси во Бугарија. Но, Османи вели дека прашањето е дали ние ќе потклекнеме на таквите провокации или не.

Според него земјава во овие години покажа мудрост и зрелост да не потклекне на таквите провокатори кои, како што кажа, се делумно диктирани од изборните агенди, а делумно од некоја невидлива рака која се обидува често во овој регион да има постојани латентни. Оттука неговата порака до Република Бугарија е дека е време да го прекине тој циуклус на негативни односи којшто не е во интерес ниту на двете држави.

Османи се надева на позитивна агенда во односите со Бугарија и е уверен оти аргументите се на наша страна, а вистинскиот курс од кој нема да отстапи е преку примена на сите расположливи дипломатски инструменти. Имено, според шефот на македонската дипломатија, на сите пораки, навреди и провокации кои доаѓаат од Бугарија ние одговараме соодветно со сите можни дипломатски инструменти и на Бугарија и на европските партнери за да ги држиме континуирано информирани.

Министерот вчера нагласи и оти нема да се дозволи да се злоупотребат изолирани инциденти за да се каже дека тука се води системска репресија врз заедниците затоа што тоа не е така, а потврда е вели и Предлог резолуцијата во Советот за Европа за малцински прашања од пред неколку недели во која нема ниту една забелешка за односот на државата кон бугарската заедница.

-Обидите на Бугарија да предложат амандмани на таа резолуција се неприфатени од сите земји-членки и за нас тоа е важно. Кој ќе остане ставот на останатите, затоа што ако тој став го прифатат или се прелее во ЕУ ние тогаш немаме игра, вели министерот Османи.

Османи исто така вчера изјави дека не очекува ново вето од Бугарија.

Шефот на чешката дипломатија Јан Липавски на заедничката прес-конференција со Османи што се одржа вчера во Скопје со Османи порача дека низ дијалог и со намалување на тензиите треба да се надминат отворените прашања меѓу Скопје и Софија.

 Ситуацијата секако не е лесна, но таа треба да се води, менаџира на начин со кој ќе се намалат тензиите, ќе се води дијалог во позитивна насока. Веќе започна патот кон евроинтеграциите треба да се смири ситуацијата и да продолжи да се работи. Тоа е прашање што треба да го решат двете земји, рече Липавски, прашан за коментар за евроинтеграциите на земјата и за последните тензии помеѓу Скопје и Софија и за провокоциите од бугарскиот европратеник Јорданов.

Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на седницата што ја одржа завчера оцени дека односите помеѓу двете земји никогаш не биле полоши од сега, што покажуваат и постојаните тензии, уцени и условувања.

. Никогаш досега немало таква несигурност во меѓусебните односи помеѓу  Македонија и Бугарија, а уште полошо е што уценувачката бугарска политика на негирање на македонскиот народ, идентитет и јазик постојано се проширува.  За таквите уцени кои немаат крај е виновник владата на Ковачевски која спротивно на барањата на македонските граѓани се согласи и овозможи на Бугарија да може да поставува нови и нови барања, оцени ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, Христијан Пендиков, кој вчера беше отпуштен од Воено медицинската академија во Софија, како што најави техничкиот министер за надворешни работи на Бугарија Николај Милков вчера на прес-конференција „во најбрз можен рок ќе добие бугарско државјанство“.

Милков, како што јави БНТ, кажал дека Пендиков ќе добие и времено живеалиште, додека престојува во Бугарија, а се размислува и опцијата да му се даде и лично обезбедување. Тој, исто така, оценил дека „и покрај напорите да бидат одмрзнати односите меѓу Северна Македонија и Бугарија, засега нема успех“.

– Обидите за надградување и за смирување на односите меѓу Бугарија и Северна Македонија всушност беа минирани од конкретни дејствија на властите во Скопје. Тоа се разбира, одбележува една нова уште пониска точка во нашите односи, изјавил Милков.

За тоа како гледа кон последната поддршка за Пендиков кому му се нуди бугарско државјанство по брза постапка, стан, пари па и лично обезбедување за заштита од провокации, Ковачевски вчера рече дека што се однесува до правата на кој било граѓанин на нашата држава кој се самоопределува различно од мнозинството, тоа кај нас е издигнато на највисоко можно ниво споредено со голем број на земји во Европа и во светот.

Во однос на оние кои што се однесувале спротивно на закон, а што, вели Ковачевски, можеше да се види од сите снимки и кои можеше и цела Европа и цел свет да ги види од тоа што се случуваше на границата кога граничната полиција беше навредувана, рече дека и Граничната полиција и нашите правосудни органи реагирале навремено и согласно сите закони и конвенции во делот на заштитата на поредок во државата, меѓутоа и во делот на остварувањето на правата на секоја индивидуа.

-Тие граѓани согласно со нашиот закон кои се странски државјани, не се во Македонија, ги имаат добиено своите пресуди заради недоличното однесување. Согласно со тоа на дел од нив им е забранет влез на одреден временски период во државата, дел имаат казни кои ќе треба да ги подмират. Тоа е нормално за секој граѓанин на друга држава без разлика од која држава доаѓа, истите закони важат, а важат и за нашите граѓани, санкциите се исти, подвлече премиерот Ковачевски.

Во врска со вандалскиот чин врз македонскиот културен центар „Никола Вапцаров“ полицијата во Благоевград вчера приведе двајца мажи и две жени. Тие, како што пишуваат бугарските медиуми, го признале делото за кое се товарат.

Приведените, како што пренесуваат бугарските медиуми, се на околу 40 годишна возраст и немаат криминално досие.

Стаклото на влезот на македонскиот културен клуб во Благоевград беше искршено со камења вечерта на 4 февруари.

Извор: civilmedia.mk

Latest Posts

Не пропуштај