Последни написи

ЗНМ: Континуиран тренд на безобразни испади на државните функционери кон новинарите

Неколку дена по последниот испад кон новинар од страна на државен функционер, повторно се соочуваме со случај каде на прашање од новинарот Сенат Зулбеари упатено до министерот за здравство Беким Сали, тој наместо одговор, од министерот добива „куса лекција“ за новинарство, реагира Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ).

Од таму велат дека утрово во клиничката болница во Тетово, за време на прес-конференција на која биле поканети новинари и сниматели, министерот Сали и директорот на клиничката болница во Тетово Амир Елези имале непримерна комуникација и омаловажувачки однос кон дел од присутните новинари.

Во врска со прашање на новинарите поврзано со напади кон нив од страна на обезбедувањето на болницата, Сали наместо соодветен одговор рекол:

„Да бидеме реални, новинарството е со цел да се информира јавноста, има правила, етички е службено да се доставуваат прашања до надлежните во болницата или до министерот. Во моментот кога ќе влезете без предупредување и ќе направите снимки, третирате тема, сакате да направите истражување како што се правеше во Министерството за здравство, мислам дека тука наидувате на недоразбирања, а потоа има обвинувања и нема транспарентност. Транспарентноста треба да ја барате на вистински начин и ќе ја најдете. Го снимаш лифтот, во делот на лифтот бараш и информација, нема информација поради неговиот пристап. Сфатете го како позитивна критика“.

Од ЗНМ велат дека очекуваат извинување од Сали кон новинарите и укажуваат дека државните функционери се во служба на јавноста и не смеат да имаат непримерен и навредлив однос кон новинарите, а со тоа и кон целата јавност на која треба да ѝ бидат пренесени информациите.

„Изминативе денови ЗНМ гласно алармираше за овој негативен тренд на непрофесионален однос кон новинари од страна на државни функционери што бележи пораст за којшто веќе ги известивме партнерските меѓународни организации… Ова е петтиот негативен испад на политичар кон новинарите и медиумските работници во период од два месеци што говори дека ова веќе не се изолирани инциденти туку станува негативен тренд на некоректен и омаловажувачки однос од страна на претставници на власта кон новинари“, реагираат од ЗНМ и додаваат дека ваквиот тренд ќе има негативна оценка во извештаите на Европската комисија како и на останати кредибилни организации што ќе се одрази енгативно и на индексите за слобода на изразување во кои Македонија бележеше пораст во изминатите години.

(Извор: Мета.мк)

Latest Posts

Не пропуштај