More

    Беџети: Преку „солидарниот данок“ компаниите треба да покажат поголема општествена одговорност

    Целосно уверен во позитивните ефекти од данокот на екстра профит кој како предлог закон насокоро треба да биде усвоен од страна на Собранието,  професорот Абдилменаф Беџети, ги наведува сите негови придобивки.

    Во изјава за „Локално“, тој посочува дека на  потребата од ваков, специфичен данок во услови на специфични околности  укажувал уште пред неколку месеци.

    Во кризен период има компании кои направиле големи профити, не по нивна заслуга туку поради конјуктурите на пазарот во време на криза. Јас ги нареков данок на надпросечни профити (суперпрофити) во однос на просечните профити од годините пред кризите (на пр.2019 год.)“, вели Беџети.

    Во оваа насока  посочува примери на земји од ЕУ чии мерки се многу подрастични и порадикални, односно применуваат дури и такви високи стапки кои преставуваат, како што вели ,конфискација на профитите.

    Грција воведе 90% данок на профити на енергетски компании, кое се разбира јас не ја оправдувам но само наведувам до каде одаат тие мерки“, вели Беџети.

    Се повикува  и на примерите на  Хрватска, Чешка, Словачка, Полска, и многу други држави кои исто така вовеле  вакви даноци. Во оваа насока според него е и препораката на Европската комисија, сите земји членки да  воведат т.н. ,,windfall tax,, и тоа во високи маргинални стапки.

    Нашата влада направи поблаго фискално решение, кое апсолутно го подржувам и дури апелиравме кај компаниите за повисока општествена одговорност за загрозените од кризата бидејќи и намената на овие дополнителни даноци е  за социјално загрозените категории како и за најпогодените компании“, посочува Беџети.

    Називот „солидарен данок“ според него е несоодветен бидејќи основна каректеристика на данокот е наметливоста а не солидарноста но како што заклучува, сепак најважна е целта, а таа е неспорна.

    Предлог-законот за данок на екстра профит според Владата има солидарна функција и треба да обезбеди пари  што во целост ќе се користат за финансирање на програма за мерки за справување со кризата. Проценките на министерството за финансии се дека со овој данок би биле опфатени околу 200 компании и се проценува дека ќе се соберат 70 до 80 милиони евра, кои ќе се трошат за анти-кризни мерки.

    Со став во однос на ова решение вчера излезе и министерот Бектеши.

    „Ако знаеме дека ЕУ за нашата држава обезбедила 80 милиони евра во делот на справување со енергетската криза, секако дека ние треба да покажеме посветеност и тие кои направиле дополнителни добивки да плаќаат повеќе, споредбено со тие кои биле целосно поддржани од страна на државата за да опстојуваат и да ги зачуваат работните места“,објасни Бектеши.

    Според него, со данокот ќе бидат опфатени и енергетските компании кои се формираа минатата година, а посебно компаниите во делот на снабдувањето со нафта и нафтени деривати, имајќи предвид дека маржата им била зголемена во време на енергетската криза зашто повикувале дека нема да снабдуваат, односно дека нема да работат со бензинските пумпи. Сомнеж во ефектите од посакуваната цел искажаа од Сојузот на стопански комори посочувајќи дека пред да се воведат нови даноци за компаниите кои веќе плаќаат, треба да се најде начин како тие што не плаќаат, да се внесат во системот.

    К.В.С.

    Извор: lokalno.mk

    Exit mobile version