Последни написи

За три години пожарите проголталe 3% од шумската површина, ревизорите утврдија серија слабости

Шумските пожари што ја зафатија Македонија во периодот од 2019 до 2021 година уништиle 29.224,51 хектари шумска површина, што претставува 3% од целокупната површина под шуми што ја има земјава. Огромните штети доведоа до уништување на дрвна маса од 594.008 кубни метри. Овие податоци се наведени во Конечниот извештај на Државниот завод за ревизија за извршената ревизија на успешност на тема „Систем за управување со кризи и заштита од пожари“. 

Ревизорите утврдиле серија слабости со извршениот ревизорски извештај. Од аспект на законската рамка со која се регулира системот и националните политики за превенција и заштита од пожари, констатирано е забавено темпо на донесување стратешки и програмски мерки за заштита и спасување од пожари, не се предвидени развојни проекти во областа и отсуствуваат дејства, активности и постапки од превентивен и оперативен карактер, кои треба да ги спроведуваат учесниците во Системот за заштита и спасување, како и некоординиран пристап на локално, национално, регионално и меѓународно ниво во справувањето со ваквите опасности.

„Од 2018 година не е донесена Национална стратегија за заштита и спасување за период од пет години и годишни програми за заштита и спасување, во 2019 година Владата има усвоено Национална платформа за намалување на ризици од катастрофи, но за истиот, за периодот опфатен со ревизијата (2019-2021 година) не е донесен Акциски план“, се наведува во Ревизорскиот извештај.

Ревизорите потенцираат дека и по девет години не е донесен Национален план за управување со пожарите на отворен простор, а за спроведување на ваквиот план не е формиран Национален комитет. Понатаму, тие додаваат дека во Националната платформа за намалување на ризици од катастрофи истакнато е дека институциите кои се вклучени во Системот за управување со кризи и Системот за заштита и спасување не дејствуваат синхронизирано и дека меѓу нив постои дуализам, ривалитет и некоординираност при постапување во услови на криза.

„Имено, не се обезбедени целосни услови за превенција и рано предупредување во случај на пожар на отворен простор, навремено оперативно дејствување при нивно гасење, како и мерки за намалување и санирање на последиците од пожарите и обновување на животната средина“, се наведува во Конечниот ревизорски извештај.

Особено внимание во извештајот на Државниот завод за ревизија предизвикува и нивната напомена дека во 2018 година била донесена Уредба за знаците за тревожење, начинот и процедурите за тревожење и постапките на населението, но истата не е применлива, од причина што системот за известување и тревожење, којшто датира од 1980 година, не е функционален.

Ревизорите укажуваат дека начинот на финансирање на дејноста која ја вршат територијалните противпожарни единици (ТППЕ) влијае на нивното ефикасно функционирање, а постоечките кадровски и технички капацитети се недоволни.

Со ревизијата се утврдува дека во актот за систематизација на ЈП „Национални шуми“ предвидени се 250 работни места за шумочувари, но поради отсуство на критериуми за распределба, дел од подружниците се соочуваат со недоволен број на шумочувари, додека една подружница според старосна структура и остварување на правото на пензионирање, следната година ќе остане без шумочувари.

„Исто така, во однос на вкупниот број на предвидени пожарникари во сите ТППЕ изнесува 1.423, а пополнетиот број на овие работни места е 994 пожарникари“, стои во Ревизорскиот извештај.

Ревизорите констатирале и несоодветна обученост на силите за заштита и спасување, која исто така ја намалува ефикасноста на институциите во справување со пожарите на отворен простор.

Во Конечниот извештај се наведува дека се утврдени системски слабости кои се однесуваат на непрецизно уредување на надлежностите за потврдување на остварениот приход од осигурителните компании, како и недостаток на одредба за надзор над уплатата на средствата за проширена репродукција од страна на субјектите кои стопанисуваат со шумите во државна и приватна сопственост и правните субјекти кои вршат промет на дрва.

„По тој основ, со ревизијата заклучивме дека во Буџетот на Република Северна Македонија не се уплатени 379 милиони денари“, се наведува во Ревизорскиот извештај.

Инаку, Мета.мк имаше цел серијал на текстови изминатиов период што ја опфатија темата за шумските пожари во земјава, со особен осврт за нивната поврзаност со климатските промени и емисиите на стакленички гасови што ги предизвикуваат ваквите пожари.

(Извор: Мета.мк)

Latest Posts

Не пропуштај