Последни написи

Уставен суд го отфрли барањето од Милошоски за обвинението за „Моќник“

Уставен суд соопшти дека го отфрлил барањето за заштита на слободи и права поднесено од пратеникот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, кој како повреда на неговите слободи и права го сметал обвинението поднесено против него во случајот Моќник.

„Уставниот суд оцени дека обвинителниот акт не претставува поединечен акт со кој се одлучува за поединечни слободи и права за граѓаните, односно за ограничување или одземање на одредени слободи и права гарантирани со Уставот, туку станува збор за поднесок, односно едностран процесуален акт кој е основа за водење на кривична постапка“, се вели во известувањето од Уставен суд.

Милошоски со барањето ги поднел следните документи: Обвинителен акт КО.бр. 3998/19 од 24 август 2020 година на Основното јавно обвинителство Скопје, поднесен до Основниот кривичен суд Скопје и Решение 11 К-ООА бр.96/2020 од 7 октомври 2020 година на судија за оценка на обвинителен акт на Кривичниот суд Скопје – Кривичен оддел.

Милошоски се пожалил дека Актот и Решението биле донесени од неетички и малициозни причини и тоа било исклучиво со цел да се врши притисок и политичка дискредитација врз него, како пратеник од ВМРО ДПМНЕ.

Случајот „Моќник“, освен Антонијо Милошоски, го опфаќа и неговиот татко, како и поранешниот претседател на Лустрациската комисија Томе Аџиевски. „Моќник“ беше отворен од СЈО, за злоупотреби со барање на Милошоски за лустрација на судија од Кичево, како и за имот кој го купил неговиот татко.

(Извор: Мета.мк)

Latest Posts

Не пропуштај