Последни написи

Претседателот Пендаровски го посети социјалното претпријатие РЕДИ Рециклажа

Претседателот Стево Пендаровски денеска го посети социјално ориентираното претпријатие РЕДИ Рециклажа, основано од здружението „Иницијатива за економски развој на Ромите – РЕДИ“, информираат од претседателскиот кабинет.

Тој беше запознаен со нивната работа и процесот на собирање на секундарни суровини од поставените корпи лоцирани во општините Аеродром, Карпош и Кисела Вода.

Претставниците на здружението и зелените агенти го информирале претседателот Пендаровски за нивното функционирање, организирање на индивидуалните собирачи на отпад преку нивно вработување, за воспоставениот систем на примарна селекција на отпадот, како и за нивните натамошни развојни планови.

Во таа насока, тие го запознале претседателот со досега постигнатите резултати, како и со нивната цел да развијат рециклажен центар, којшто ќе овозможи повеќе од 1.500 зелени работни места, додавајќи дека преку формализирање на индивидуалните собирачи на отпад, кои пред сè припаѓаат на маргинализираните заедници, истовремено се обезбедува соодветно вреднување на нивниот труд.

Во контекст на досегашниот интерес на граѓаните за користење на нивните бесплатни услуги, од РЕДИ Рециклажа информираа дека досега се пријавени над 500 станбени и деловни објекти од кои активно во трите општини се сервисираат 219.

Претседателот Пендаровски ја поздрави иницијативата на РЕДИ и нивниот придонес во заштита на животната средина, борбата за почиста околина и поттикнувањето на свест кај граѓаните за селектирање на отпадот.

Воедно, на средбата била истакната важноста од нивна континуирана соработка со граѓаните и партнерски однос со институциите, како предуслов за воспоставување на долгорочно одржлив систем на собирање и селекција на отпад.

(Извор: Мета.мк)

Latest Posts

Не пропуштај