More

    „Взаемна почит“ и „деполаризација“ се зборовите на неделата

    Зоран БОЈАРОВСКИ

    „Нема да биде дозволен никаков инцидент. Македонската полиција ги презема сите неопходни мерки и активности и ќе се обезбеди чествување какво што доликува на нашиот великан Гоце Делчев“, порача Оливер Спасовски.

    „Ќе ги преземам сите мерки луѓето што ќе дојдат од Бугарија на тоа чествување да не предизвикаат провокации или несакани настани. Постигнавме согласност дека сè ќе биде преземено за да не дозволиме на некои личности да ја запалат ситиуацијата, туку да се оддаде почит на една историска личност како Делчев без проблеми и првокации“, истакна Демерџиев.

    Со изјавите пред новинарите и пред македонската и бугарската јавност двајцата министри за внатрешни работи, на 6 дена пред настанот со кој ќе се одбележи годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, потенцираа дека дијалогот, взаемната почит и деполаризацијата, а не конфликтот и херојските стражи се зборовите на неделата.

    Ова е единствениот начин и тоа се единствените насоки како да се деполаризираат односите меѓу Софија и Скопје. Тие, за жал, заради неодговорните и екстремистички изјави и постапки на одредени поединци се влошија со неконтролиран говор на нетрпеливост и омраза. Според сите правила на комуникацијата, и од историските искуства, тоа воопшто не се „енергенси“ за позитивни промени, туку ризичен експлозивен материјал за дополнително продлабочување на кризата.

    Нема никакво сомневање дека ако не дојде до деескалација на тензичните односи и до деполаризација во комуникацијата исполнета со говор на омраза, па дури и со закани, ќе се мултиплицира говорот на омраза со намера да се хранат конфликтите и да се охрабруваат предрасудите.

    Степенот до кој е доведена анимозитетот меѓу двата народи најавува дека деполаризацијата нема да биде лесна, ниту едноставна, но за неа нема алтернатива.

    Еден од условите за намалување на поларизацијата меѓу Скопје и Софија е и намалувањето на поларизацијата помеѓу институциите преку лидерите што се на нивно чело. Тоа е првиот и постојан чекор што треба да се применува за да се прекине бескрајната спирала на нетрпеливост и анимозитет.

    Уште повеќе, ако веќе се знае дека таа спирала е поттикната од трети страни на кои единствена цел им е да ги охрабруваат и поттикнуваат регресивните сили за да ја корумпираат функционалноста на државите од двете страни на границата.

    Оттаму, треба максимално да се смали, односно да се емилинира просторот за недоверба, омраза и конфликти, за сметка на вредностите според кои, всушност, светот и соседите не препознаваа како гостопримливи, солидарни, но и достоинствени и чесни. Како умерени и трпеливи, но и како правдољубиви луѓе, колку и да се обидуваат некои мрачни сили тие вредности да ги прикажат како погрешни.

    Да не дозволиме да ги изгубиме човечките вредности врз кои треба да градиме доверба и разбирање.

    Взаемната почит и деполаризацијата го имаат токму тоа предвид.

    Да ги избегнеме јавните настапи со неоснован емотивен набој, со манипулација со митовите и колективните стравови, зашто во ситуација кога е неопходно да се биде промислен, разумен, претпазлив и умерен, овој тип на јавни настапи само ги продлабочуваат конфузиите, фрустрациите и стравовите, а со тоа и конфликтите.

    Извор: civilmedia.mk

    Exit mobile version