Последни написи

Павиќевиќ: Дојавите за бомби нарушија дури 10 наставни недели од првото полугодие

Вкупно 10 работни недели од првото полугодие биле нарушени поради лажните дојави за поставени бомби, а повеќето училишта не ги надоместија пропуштените часови и не го поминаа материјалот. Ова вчера го утврдиле делегатите на генералното собрание на Сојузот на средношколци. Како што вели претседателот на Сојузот, Лука Павиќевиќ, покрај лажните дојави и пропуштената настава, тие разговарале и за престојното полагање државна матура.

Заклучокот по дискусијата бил Сојузот да влезе во широк консултативен процес по однос на пропуштената настава во првото полугодие и претстојната државна матура, во кој примат ќе земат претставниците на Сојузот кои се матуранти.

„Во мнозинството училишта, дојавата доаѓала по вториот час, т.е. се губеле 4 од вкупно 6 часа на ден. Ако имаме на ум дека застапеноста на предметот Македонски јазик и литература е 4 часа неделно и дека во некои од училиштата се случувало да има дојави за бомби дури 3 дена во неделата, ова значи дека од предвидените 40 часа по Македонски јазик и литература во овие 10 недели, во најлошиот случај има голема веројатност да биле изгубени дури 30“, потенцира Павиќевиќ.

Тој додава дека сепак ова е груба проценка и дека бројот на изгубени часови варира од училиште до училиште, па дури и од клас до клас, но смета дека сето ова добро ја илустрира длабочината на проблемот.

„Делегатите информираа дека организацијата на дополнителни часови за надоместување на изгубениот материјал била оставена на индивидуална одлука на училиштата и наставниот кадар. За жал, според нашите информации, во повеќето училишта ваква настава воопшто не ни била организирана. Сепак мора да се каже дека постојат и изолирани примери на посветени професори кои по своја волја организирале дополнителни часови за надоместување на изгубената настава“, вели Павиќевиќ.

Делегатите анализирале колку во секое училиште е соодветно покриен списокот на книжевни дела во испитната програма по предметот македонски јазик, а вакви анализи ќе следат и за албански јазик и литература, турски јазик и литература, математика и англиски јазик, односно за сите екстерни предмети.

„Генералното собрание ги нотираше тематските содржини кои се дел од испитните програми, а се пропуштени како резултат на дојавите за бомби“, додава тој.

Делегатите го разгледале и датумот на одржување на првиот испит (27 мај), рокот за проектната задача и спроведувањето на интерните испити.

Откако ќе завршат консултациите кој го најавува Сојузот, извршниот одбор ќе свика уште едно генерално собрание за разгледување на ситуацијата и можна финализација на ставови и барања на средношколците.

Мета.мк минатата недела ги праша одговорните во Државниот испитен центар (ДИЦ), дали се планира кратење на испитниот материјал за учење предвиден со наставните програми, но оттаму во моментов сè уште нема офцијална одлука за ова прашање.

„Членовите на испитните комисии кои го изготвуваат испитниот материјал за екстерните предмети во рамките на државната матура, ги имаат во предвид случувањата во училиштата во изминатиот период. Ако има промени, училиштата ќе бидат известени“, велат во ДИЦ.

За секој испит од државната матура постои официјална испитна програма. Во неа има избор на содржини од прва до четврта година по соодветниот предмет, т.е. не се опфатени сите содржини од наставните програми. За оваа учебна година има нови испитни програми по македонски јазик и литература, математика, народно пеење и по стручните изборни предмети од стручното образование.

Освен екстерните и интерните испити, матурантите треба најпрво да изработат проектна задача, која треба да е готова во февруари. Во врска со проектната задача која секој матурант ќе треба да ја одбрани, надлежните лани најавија дека нема да може повеќе да се „проаѓа“ со напишан есеј со копиран материјал од Интернет, туку тоа ќе треба да биде авторски труд на секој ученик.

(Извор: Мета.мк)

Latest Posts

Не пропуштај