Пишува: Атанас КИРОВСКИ
Македонија е постојано цел на хибридни закани, на напади со лажни вести и поттикнување внатрешни конфликти, и секоја постоечка криза странски агентури ја користат за предизвикување дестабилизација во земјата и регионот. Откако беше потпишан Преспанскиот договор, а државата стана членка на НАТО, се претпоставуваше дека Македонија ќе стане поотпорна на ваков тип закани, но по ескалацијата на односите со Бугарија, ветото од Софија, а потоа и прифаќањето на „францускиот предлог“ од страна на македонската влада, состојбите повторно се влошуваат.
Секако дека една од причините е „порозноста“ на агенциите кои се задолжени за безбедност, разузнавање и контраразузнавање, кои прават навистина „аматерски“ превиди, како што е давањето државјанства на докажани криминалци со меѓународни потерници. Но, уште повеќе и со слабото делување на теренот, каде што им се овозможува на странски агентури да предизвикуваат инциденти, кои потоа ги користат за политички цели и дестабилизација. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ отворено побара од владата да испита дали странски разузнавачки агенции се вмешани во последниот инцидент во Охрид, кога беше претепан секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“.
Евидентно е дека ескалацијата на односите меѓу Софија и Скопје, и евентуално ново бугарско вето, или друг вид на забавување на интеграцијата на Македонија во ЕУ, е во интерес на трети земји, пред сѐ на Русија, но факт е и дека како се поставени во моментов бугарско-македонските односи, прашање на време е кога повторно ќе се случат нови инциденти и провокации, без никаква потреба некој од надвор да ги поттикнува.
Уште повеќе, кон ова придонесува отсуството на било каков државнички капацитет на најголемите македонски партии, кои со децении не успеваат да постигнат национален консензус за исклучително важни прашања од стратегиски интерес за државата. Во спорот со Грција околу името, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, наместо да покажат заедништво и сплотеност, барем околу црвените линии, ако не за сите клучни премиси во спорот, ситуацијата ја користеа за меѓусебни напади, политички препукувања и ситни дневно политички поени, на задоволство на грчката дипломатија и на штета на националните интереси. Грчките политички партии колку и да имаа меѓусебни идеолошки разлики, секогаш се држеа до „црвените линии“ заземени од страна на сите политички партии под закрила на претседателот на државата. Македонија никогаш не успеа така да ги консолидира своите позиции, и да ги брани сопствените интереси.
Во однос на актуелниот спор со Бугарија, сликата е иста, па дури и влошена. Буквално секој ден партиските штабови на двете најголеми партии лиферуваат соопштенија во кои СДСМ ја обвинува опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека е антиевропска и делува против интересите на државата, додека ВМРО-ДПМНЕ секојдневно ја обвинува владата дека е „предавничка“, и дека за да опстои на власт е подготвена да прифаќа секакви неприфатливи компромиси без никаков вредносен систем и критериуми, на штета на македонските национални интереси, идентитет и достоинство на нацијата и државата. Во беспоштедните секојдневни обвинувања, препукувања и навреди, се убива можноста за било каков договор, а камо ли консензус околу најважните стратегиски прашања. Притоа, двете партии манипулираат дека само тие водат сметка за вистинските државни интереси, додека нивните политички опоненти „ја распродаваат државата“. Ниту еден хибриден напад од странски центри не може да предизвика ни приближно толкава штета, каква што прават политичките партии во самата Македонија.
Целосната поларизација на општеството која е резултат на таквите тотално исклучиви политики за инакумислечките постојано е потенцијал за дестабилизација на општеството, ескалација на вербалното насилство во физичко и тешки инциденти, какви што имавме на 27 април, кога за малку, а веројатно и за чиста среќа, ситуацијата не излезе целосно вон контрола. Во вакви околности прашање е колку можат македонските безбедносни агнеции да излезат на крај со хибридните закани дури и да се многу поподготвени од она што е нивниот реален капацитет.
Борбата со лажните вести – како еден сегмент од хибридната војна против Македонија е оставена на неколку невладини организации и отпорноста на самите медиуми. А медиумската сфера е целосно неорганизирана, нерегулирана, и нереформирана, додека самите редакции никогаш не биле посиромашни и кадровски послаби. Владата ја нема никаде, или одвреме–навреме ќе се огласи со некое соопштение во поддршка на професионалното новинарство и потребата да се откриваат и елиминираат лажни вести. И толку.
Сѐ додека не се постигне некаков дури и елементарен политички договор меѓу политичките партии во Македонија за тоа кои се вистинските стратегиски цели, како да се реализираат, кои и какви се хибридните закани и како да се пресретнат, државата ќе биде многу кревка и подложна на секакви напади, а инцидентите само ќе се мултиплицираат и ескалираат. Тоа не е само плодна почва за напади на оние што не и мислат добро на Македонија, туку тоа натамошно ќе ја заслабнува и македонската позиција во односите со соседите и нашите партнери и сојузници.
(Авторот е долгогодишен новинар и уредник)
Извор: ima.mk