More

    (Фото) Арсовска стави клуч на салата, ракометарите на Македонија Ѓорче Петров тренираат по улици и паркинзи

    Вистинска голгота преживува ракометниот клуб Македонија Ѓорче Петров од истоимената скопска населба откако во вториот дел од ракометната македонска прва лига останаа без сала за своите тренинзи и натпревари.

    Спортската сала во средното училиште Кочо Рацин која со години ја употребуваа, веќе не им е достапна, откако градоначалничката Данела Арсовска и Град Скопје решија да ја стават вон употреба затоа што како што им било кажано во клубот, истата, била нефункционална и небезбедна за идни натпревари, иако салата со години ги задоволува условите за одржување на тренинзи и натпревари.

    Револтот кај љубителите на ракометот и кај ѓорчепетровци е огромен, а со свој став се јави и РК Македонија Ѓорче Петров.

    „Ниту една бирократска процедура, ниту една инспекција, ниту следните чекори, ниту…. Нема да го скрши Ѓорчепетровскиот непокор. Се што нема да го убие само ќе го направи посилен лавот!!! Ги започнавме подготовките, пак на отворено, а салата нека седи затворена за клубовите од Ѓорче Петров. Не се плашат од ништо ниту сениорите ниту најмалите, просто нема што да не исплаши. Борбата продолжува!!!“ стои во објавата на ракометниот клуб, каде се објавени и фотографии и видеа како младинските категории своите тренинзи ги одржуваат на паркингот пред спортската сала.

    Љубителите на ракометот и жителите на Ѓорче Петров, која важи за една од најспортските општини и која дала доста репрезентативни спортисти во многу колективни и екипни спортови, се револтирани од овој однос и најавуваат и порадикални мерки, а се со цел да се спречи згаснување на клубот кој без сала брзо би престанал со функционирање.

    Во година кога се одржува светско првенство во ракомет, кога финалето го судеа судии од Македонија и кога овој спорт се популаризира дополнително, некој решил да згасне клуб кој има амбиции да влезе во Супер лигата, коментираат ѓорчепетровци.

    Извор: 24info.mk

    Exit mobile version